СЛОБОДЕН УДАР: Македонија трокира

Тврдокорни и разни други докажани блокатори се обединуваат под фирмата „Македонија блокира“ и се закануваат на сè што се обидува да ја помести државата од мртвата точка.

210

Изгледа дека македонско општество по природа е насилничко. Кусиот преглед на неговата уште пократка историја покажува дека во него најтешко може да се спречи, да се блокира – ако воопшто може – е насилството и сè што е поврзано со правењето зло: закани, притисоци, простотилаци… Само тоа наоѓа начин, форма, некој канал што му овозможува да се движи, речиси непречено, и да блокира сè што наликува или се „заканува“ дека ќе ја сврти работата на подобро.

Кризниот штаб на новоформираното движење „Македонија блокира“ почна со најавените „сенародни протести пред Собранието, пред домовите на одметнатите и уценети пратеници, блокада на патишта и гранични премини и други форми на отпор под чиј притисок Владата и Зоран Заев ќе бидат принудени да си заминат“. Дебито требаше да се случи синоќа во Вевчани пред куќата на пратеникот Крсто Муковски. Тој е дел од независната пратеничка група што се одметна од ВМРО-ДПМНЕ и беше исклучена од партијата откако гласаше за отворање на уставните измени на 19 октомври, со што беше обезбедено минимално двотретинско мнозинство од 80 пратеници. Мукоски вели дека ќе им ја отвори влезната врата на својот дом (како што им ја отвори таа на законодавниот), ќе ги почести со кафе и благо. „Нема никаков проблем“, вели.

Но, има. Зашто, по една ваква „непроблематична“ среда на 26 април лани осамна крвавиот четврток – најпроблематичниот, не само политички, настан во историјата на самостојна Македонија. И ден-денеска тој е поводот за да продолжат да се обединуваат, под фирмата „Македонија блокира“, растурачите на државата: политички партии, невладини организации, граѓански иницијативи од земјата и дијаспората, патриотски, тврдокорни и разни други докажани блокатори на сè што се обидува да ја помести државата од мртвата точка. „Дотаму е дојдено – или тие или ние“, тоа е нивното мото.

А до каде е дојдено, доволно кажува и потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски: „Нема да навлегувам како започна и како се доведе во оваа ситуација државата, тоа е очигледно и им е познато на граѓаните, нам ни е важно да се овозможи слобода за сите инволвирани од 27 април“. Партијата која прави сè за Македонија да трокира на патот кон Запад.