Слободен удар – Култура за сите во „Шутка“

151

Редот и поредокот што го живееме налагаат секој да го добие тоа што најмалку му треба, од што немал потреба или е на последно место од списокот со барања. Така е дури и со тие кои баш и не го почитувале редот и поредокот – затворениците, поточно притворените во популарната „Шутка“.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски и директорот на КПУ „Скопје“ Ѓоко Котевски потпишаа меморандум за соработка. Документот предвидува
посети на културно-уметнички настани за најпримерните осуденици, збогатување на библиотеките, организирање работилници и културно-уметнички настани за самата установа од осудениците и со гости уметници. Делува по малку застрашувачки, како акција за проширување на опфатот на казната. Но, тоа е првичен, лаички впечаток. „Со овие активности не само што ќе овозможиме подобра ресоцијализација и подобра атмосфера во оваа установа, туку со подобрувањето на условите придонесуваме и кон исполнување на меѓународните стандарди во местата каде што престојуваат лица лишени од слобода“, објасни Алаѓозовски.

Нема извештај за состојбата во македонските затвори, во кој ја нема констатацијата дека тие не ги задоволуваат ни најелементарните услови за живот на луѓето во нив. Дека се пренатрупани, дека нехигиената е највисоко ниво, дека нема никаква здравствена заштита, дека редовно има наезди на бубачки и други инсекти, дека душеците за спиење се скапани, дека царува корупција и насилство, едноставно дека условите се – ужасни.

 Но, што се вели, луѓето го прават местото. Да не се најдеа таму некои културни работници (опера, театар, филм), којзнае дали во ваква конкуренција културните потреби некогаш ќе избиеја на прво место.