Сите, сложно, го мразат СЈО!

Впечатокот од ваквиот развој на настаните денеска е сосема јасен: сите правно-политички фактори, здружено, кој повеќе, кој помалку, го мразат СЈО, бидејќи тоа стана главниот двигател на јавниот интерес и на оценката за „облеката на Царот“! А Царот ни е… знаете и самите.

883

Уште кога го „породија“ за време на преговорите во Пржино, СЈО стана политичко сираче. Измислено од странците, на нашите им беше речено: Рацете понастрана од СЈО, со него нема да почне само реконституцијата на македонскиот правосуден систем, туку на целосната македонска демократија!

Катица Јанева ја „извлекоа“ од лотариски барабан: На двете страни им беше дадена можност да предложат по пет имиња за тоа кој би можел да го води ова вонсистемско, специјално обвинителство, тие предлози да ги стават на хартија и да им ги предадат на странците во затворени пликови. Кога предлозите се отворија во присуство на сите, „надлежниот“ амбасадор во еден момент извикал: “We have a match!” („Имаме подудирање!“)

Имало во тие десетина предлози и многу позвучни правни имиња и многу попознати потенцијални обвинителски „ајкули“, но зошто баш Јанева се појавила на обете листи ќе остане за некои сè уште ненапишани мемоари, да се расчистат тие апокрифни приказни.

Важно, впечаток е дека, уште додека го договараа, никој премногу не очекувал оти тоа „вонземско“ СЈО навистина и ќе се справи со огромниот кривично-правен предизвик пред него. Напротив, на него повеќе се гледало како на „купување време“, како на добар одложен изговор, како на уште една балканска итроштина за политичко дриблање на мал простор. Беше јасно дека „бомбите“, на кои Заев претходно им го извади „осигурувачот“, веќе никој не сака да ги „хендла“ – вклучувајќи и добар дел од странците, свесни дека и самите се изложени на можни сериозни компромитации – и дека речиси на сите некако им одговараше тие „експлозивни направи“ да се стават „на страна“, контејнирани во некаква квази-институција која, со текот на времето, веројатно ќе потклекне под тежината на овдешните системски и правни комплексности…

На институцијата не заборавија да ѝ вградат и една-две, што смислени, што од недоволно внимание, згодни „фабрички маани“: набрзина и арбитрарно договорен рок до кога ќе може да покренува обвиненијата, плус обврската предметите да ги процесира во нашите постоечки, по „тефтерчињата“ прочуени судови.

Но, целата операција доби и еден неочекуван обрт – СЈО стана инстант-популарно во гладната за правда јавност, со поддршка за која сите политичари можеа само да сонуваат во своите највлажни соништа! Наскоро никој од политичките елити не можеше погрешно да го пипне СЈО, а да не се изгори. Оние кои се обидоа да го сторат тоа, завршија со политички и правни опекотини од трет степен.

А и самото СЈО покажа успех на кој никој жив не се надеваше: институцијата „на јуриш“ (патем, и со работа од 12 часа дневно, 24/7!) застана на свои нозе, со свој значителен буџет и број на вработени, со адекватни истражни служби, со технички капацитет и со стручна домашна и странска помош, што ги надмина сите злокобни очекувања. Почна „производство“ на истраги и кривични случаи кои далеку ги надминаа сите локални, вообичаени обвинителски норми.

А, како што е познато, овде сè ќе ви простат, освен успехот.

Дополнително што и самото СЈО – да не паѓаме, сепак, во претеран севдах – не беше поштедено од сопствените слабости, произлезени од општата македонска системска и кадровска имперфекција. Кусур може да им се фати за разни работи…

Тоа произведе бројни озборувања на различни теми, од гевгелиските манири на Катица, преку висината на платите и роднинско-политичките врски на вработените во СЈО, до модната линија и стручното и „сценско“ однесување на некои од специјалните обвинител(к)и. Особено пречеше тоа што СЈО наметна работно темпо кое заспаното македонско правосудство го фати на препад, комбинирано со невидена медиумска транспарентност, за наши вкусови понекогаш и на работ од саморекламирачка пристојност.

Но, всушност, правилно поучено, СЈО инсистираше правдата не само да се спроведува, туку и да се ВИДИ дека се спроведува.

Една од важните, политички последици од таа стратегија е тоа што, за кратко време, судската и обвинителската практика се „десакрализираа“, станаа предмет на секојдневни изјави, директни судски преноси, бројни електронски и печатени интервјуа, во сфера во која десетици години пред тоа царуваа анонимните ликови на правосудните дејци чии имиња и заткулисни игри ги знаеја само упатените инсајдери во македонскиот адвокатско-удбашко-обвинителско-судски систем, вовлечени во морето без брегови од дубари и политички, правни и корупциски скандали… Во земја со официјално регистрирани над 20 правни факултети!

Впечатокот од ваквиот развој на настаните денеска е сосема јасен: сите правно-политички фактори, здружено, кој повеќе, кој помалку, го мразат СЈО, бидејќи тоа стана главниот двигател на јавниот интерес и на оценката за „облеката на Царот“! А Царот ни е… знаете и самите.

Затоа, после многу тактизирања и криминално-политички пазарења, сега дојдовме до центарот на блокадата и единствениот вистински проблем на правосудната реформа во Македонија: како, по ѓаволите, да се устрои СЈО во идниот правен систем – а ем да го има, ем да го нема?!

Се ангажираат за таа цел разни магионичари – последниот е овој со прекар „Превара“. Подобар и не можеа да најдат.

Извор Цивилмедија