Шутка и Топаана попаметни од Центар?

Како што покажува статистиката, најголемите експерти за борба против државниот заговор работно насловен „вакциНАЦИја“ не живеат во Шутка и Топаана, а ни во Царев Двор или Виница, туку во најцентралните, најурбаните градски подрачја на Скопје.

1267

Во модерните држави на 21 век би требало да е општо место прашањето на правото на државата – односно, нејзината должност – да го регулира елементарното јавно здравје на граѓаните, во што спаѓаат и вакцинациите на децата од сипаници. Ако, со право, очекуваме јавната власт летоска да прска против комарци, а зимоска да ги чисти улиците од снег, како може да се доведува во прашање принципиелниот став здравствените власти да спроведуваат редовна вакцинација на населението за заштита од разно-разни епидемии чијашто научна валидност е докажана барем стотина години наназад?

Тоа не ја спречува потребата од жестока дебата за квалитетот или за цената на вакцините, или за стручната и политичката одговорност за ефикасната организација на тие масовни кампањи. Низа од тие аспекти се секогаш отворени за подобрувања и за подигнувања на квалитетот на таквите услуги.

Но, да се доведува во прашање самата идеја дека државата нема право да се меша во „приватниот“ избор на родителите за тоа дали децата треба да се вакцинираат е постапка која ја загрозува општата, а не само индивидуалната здравствена безбедност на поединечни невакцинирани деца. Бидејќи, суштината на масовните епидемии лежи токму во фактот дека системот за превенција е толку отпорен, колку што е неотпорна нејзината најслаба алка: да, болестите се пренесуваат поединечно и, во принцип, секогаш постои ПРВИОТ заразен кој е причината за ширење на епидемијата во услови на поголем број невакцинирано население.

Добро. Ова, навистина, би требало да е најопшто место по прашањето за јавното здравје и организацијата на државата во таа општествена сфера.

А потоа се измисли корисната, но и моќна заводливост на интернетот, па следуваше уживанцијата за неограничено ширење на хистерија на фејсбук, паралелно со општиот слом на правната држава во Македонија и генералното сомничење кон секоја власт дека станува збор за елабориран заговор против народот! Следуваа и низа секојдневни докази во поткрепа на таа антинародна конспирација. Сите станавме експерти во таа област, бидејќи сите имаме и лични искуства во борбата против узурпациите на нашата држава против нас самите.

Зошто, тогаш, прашањето за користа од вакцинацијата би имало поинаков третман во јавноста од прашањето за морално-политичките аспекти во бегството на Груевски, на пример; или за тоа дали Земјата е рамна (како што тврди онаа криминогена будалетинка со козите, кој има илјадници будалести следбеници) или во облик на топка?!

Како што покажува статистиката, најголемите експерти за борба против државниот заговор работно насловен „вакциНАЦИја“ не живеат во Шутка и Топаана, а ни во Царев Двор или Виница, туку во најцентралните, најурбаните градски подрачја на Скопје. Таму, каде што концентрацијата на образовано и социјално добростоечко население е најголема. Таму, каде што се претпоставува дека теоријата за топчестиот облик на планетата Земја не се ни доведува во прашање…

Ама, ете, да не ти било така. Не би се зачудил во центарот на Скопје да е најголем бројот и на они кои мислат дека симнувањето на „Аполо“ на Месечината е, всушност, снимано во Холивуд… Мизогените циници реторички би прашале дали нивото на таа јавна свест има врска со концентрацијата на фризерски дуќани на квадратен метар во централните подрачја на Скопје, споредено со целата територија на Македонија? Не како равенка за пресметување на чија било интелигенција, туку како социјална платформа за убедителни озборувања, помоќна и од фејсбук?

Да резимирам: 1) кој сака да не го вакцинира своето дете, нека го чува дома, по сопствен правен и здравствен ризик (за жал, и на детето); 2) за невакцинирани деца би требало да не важи јавното здравствено осигурување, туку да се (не дај Боже да им притреба!) предмет на квалитетните услуги по комерцијални цени во јавниот здравствен систем; 3) сите манипулации со вакцините (цени, квалитет, рокови за употреба и сл.) да се предмет на најригорозни истражни и законски мерки; 4) дискусијата за овие прашања во јавноста да се води слободно и со уважување на загриженоста на родителите, со примарен респект кон мислењата и ставовите на експертите – оние кои шират злонамерни дезинформации и политички мотивирани хистерии да се третираат законски како луѓе кои во преполна кино-сала лажно извикуваат „Пожар, пожар!“…

Сето ова по овој редослед, до следното ново упатство на Светската здравствена организација по прашањето на вакцинацијата.

Ако не, па, некни во Габон имаше неуспешен воен удар, да видиме некој од таму да го консултираме по ова прашање?

Цивил медиа