Што повлеквит сомничењето на Ахмети?

1207

Во премногу смелата, но сепак одржлива претпоставка за суштината на сценариото на политичкото шиканирање на Али Ахмети, се тврди дека странците бараат нов лидер на ДУИ, можеби и комплетно нова екипа во Мала Речица. Се прашува ли некој – а што повлеквит тоа?

Пишува Бранко Героски

Ако добро разбрав, Али Ахмети, заедно со Никола Груевски, е осомничен за наводни злоупотреби во врска со пропаднатиот попис. Од досега презентираниот „доказен материјал“ од страна на СЈО, да бидам искрен, не разбирам во што е битието на кривичното дело за кое се сомничат двајцата. Но, можеби тоа е само мој прв (неук) впечаток, можеби тимот на Катица Јанева и Фатиме Фетаи „кецовите“ ги чуваат во ракав. Ќе видиме…

Како и да е, мошне е важно да се нагласи дека статусот „осомничен“ е различен од статусот „обвинет“. Тоа значи дека е покрената истрага, која може, но не мора да заврши со обвинение. Според тоа, вака како што сега стојат работите, „сомнителното лице“ Али Ахмети не е обврзан на никакви посебни задолжителни дејствија во поглед на неговата позиција во парламентот или во партијата – оставка, замрзнување на функцијата или нешто слично. Јасно, оставка на Ахмети е желба на многумина, но ДУИ сепак не е Желботека. Се знае кој таму коси, а кој вода носи.

Втората работа што не ми е јасна, а гледам дека не им е јасна и на сите што одеднаш, на рас-два-три, тргнаа во кампања против актуелната гарнитура во Мала Речица, е што повлеквит на политички план сомничењето на Ахмети (во пакет со Груевски) за неуспешниот попис. Не ми е јасно, зашто знаеме, нели, дека СЈО е институција морално и политички поддржана од меѓународниот фактор и дека овој удар врз лидерот на ДУИ не може да биде случаен. Од друга страна, Ахмети е политичар што не треба да се потцени, човек со аура на „чувар на стабилноста во Македонија“, фактор без кој ниту една македонска влада во овој момент не може да опстане.

Во премногу смелата, но сепак одржлива претпоставка за суштината на сценариото на политичкото шиканирање на Али Ахмети, се тврди дека странците бараат нов лидер на ДУИ, можеби и комплетно нова екипа во Мала Речица. Авантуристичката, неодржлива и многу опасна верзија на истото сценарио, води до процените дека Ахмети прво ќе го прими, ќе го издржи и потоа ќе го возврати ударот. Се прашува ли некој – а што повлеквит, пак, тоа?

Немам претензии да бидам Баба Ванга и да се занимавам со прогнози. Мислам дека на повеќето од нас ни недостасуваат квалитетни информации за тоа што, всушност, се случува со и околу Македонија. Затоа, ми останува само да посакам дека од целата оваа политичка збрка, која од ден на ден се усложнува, на крајот да излезе нешто добро. Иако, не сум баш оптимист…