Ругање на принципите

Ако нешто мора да биде забрането, тогаш тоа се ваквите сулуди проекции на државата за контрола на „темите, идеите и пораките“. Да се надеваме дека тој филм нема никогаш да го гледаме.

998

Во ругање на елементарните претпоставки за слобода во творештвото се претворија реакциите на Министерството за култура (државата) во врска со играниот филм на Јани Бојаџи – режисер и продуцент – „Ругање со Христос“.

Филмот, финансиран од Агенцијата за филм на Македонија и работен во соработка со продукции од Грција, Албанија и Словенија, светската премиера ја имаше на Филмскиот фестивал во Монтреал (30 август), а режисерот најави дека ќе биде прикажан на уште четири фестивали во Европа. Пред македонската премиера, планирана за октомври, деновиве се случи филмот да биде прикажан во најлошо националистичко-памфлетско светло. Со проекции за иднината, не само на овој, туку и на филмското творештво воопшто.

Министерството за култура се дистанцира од филмот „Ругање со Христос“ и го осудува јазикот на омраза, што тој го поттикнува, рече министерот Асаф Адеми, кој од трејлерот видел дека војниците на ОНА се претставени како насилници-силувачи. Ова е последен пат, велат од Министерството, со парите на граѓаните да се снимаат филмови кои ги навредуваат нивните чувства. За олеснителна околност се смета тоа што парите за филмот ги дала претходната власт во културата (2015 г.). А е еве и нешто многу позагрижувачко. Министерството подготвувало ново законско решение кое ќе ги спречи ваквите злоупотреби: ќе бара отчет и ќе има контрола врз финансиите, како и врз темите, идеите и пораките што ги праќаат филмовите!

Штетите од цензурата не се ништо во споредба со тие што би ги претрпела културата – не само филмската – ако евентуално се реализира ова најавено орвеловско сценарио за нејзина превентивна заштита (контролата мора да почне и да заврши со и кај финансиите). Ако нешто мора да биде забрането, тогаш тоа се ваквите сулуди проекции на државата за контрола на „темите, идеите и пораките“. Да се надеваме дека тој филм нема никогаш да го гледаме.