„Рудници на смртта!?“

Својата непомирлива исклучивост - или рудник, или земјоделие и здрав живот! - тие за жал јавно ја манифестираа со нетолеранција и неподготвеност да ги сослушаат ставовите на другата страна. Експерти, консултанти на „ЕБРД“ и менаџерскиот тим на компанијата носител на проектот аргументирано зборуваа за највисоките технолошки, технички и етички стандарди за одржливо рударство во 21 век. 

1169

„Zero-sum effect vs win-win situation“:

– „Zero-sum“ е ситуација или процес кога добивката или позитивниот ефект кај едната страна е еквивалентен на загубата или негативниот ефект кај другата, со што финалниот резултат на нето-добивка е рамен на „0“ (нула!). Во ваквата ситуација на „Zero-sum“ учествуваат најмалку две страни, кои пак може да вклучуваат и неколку милиони партиципиенти.

– „Win-Win“, пак, е ситуација или процес што резултира со добивка или позитивен ефект за сите засегнати инволвирани страни.

Во согласност со определбата на Владата на Република Македонија за отвореност и за партнерство со граѓанското општество во процесот на креирање и спроведување политики, кабинетот на премиерот неодамна ја организираше првата консултативна средба со сите засегнати страни во врска проектот за развој на рудникот за бакар и злато во селото Иловица – Штука на канадската компанија „Euromax Resources“. Ваквата широко инклузивна-консултативна средба има за цел да обезбеди простор на кој слободно и во конструктивна форма ќе се искажат и образложат ставовите, фактите и заложбите на сите засегнати страни.

Имав можност да присуствувам на овој цивилизиран демократски форум со претседателот на Владата, владини претставници од ресорните министерства и институции, градоначалници и претставници на засегнатите локални самоуправи; претставници на релевантните граѓански организации; претставници на месните заедници; реномирани експерти и академски авторитети; високи претставници на „ЕБРД“ – Европската банка за обнова и развој, како и одговорниот менаџерски тим на компанијата носител на проектот.

Во безмалку петчасовната маратонска дебата, едната страна (претставниците на граѓанските организации) со импресивна посветеност, разбирлива возбуденост но и со агресивна реторика ја манифестираше својата загриженост. Сигурно не постои нормален човек кој би останал рамнодушен на предупредувањата за можни апокалиптични сценарија, екоцид или геноцид, масовни труења, канцер, смрт… „опстанокот на целата заедница е под закана од овие бескрупулозни странски инвеститори чија што единствена цел е профит и по цена на уништување и пустош во цела Југоисточна Македонија“.

Ваквите френетично повторувани апели за „спас“ сигурно дека добронамерно ни алармираат за максимална претпазливост и грижа за зачувување на највредното – здравјето на луѓето во здрава еко-средина! Но, ако само малку се задлабочите во анализа на презентираните аргументи, факти, селективноста и релевантноста на користените извори на информации, неизбежно ќе забележите дека во „фрапантната вистина“ на патетично изнесените популистични предупредувања има многу недостатоци, полувистини, но и целосно шпекулативни теории. Својата непомирлива исклучивост – или рудник, или земјоделие и здрав живот! – тие за жал јавно ја манифестираа со елементи на нетолеранција и неподготвеност да ги сослушаат внимателно дискусиите и ставовите на другата страна.

А другата страна пак (реномирани експерти и академски авторитети, стручни консултанти на „ЕБРД“ и менаџерскиот тим на компанијата носител на проектот) прилично авторитетно и аргументирано зборуваа за највисоките технолошки, технички и етички стандарди за одржливо рударство во 21 век. Тие зборуваа за неопходниот стручен дијалог во континуитет, заеднички мониторинг во сите фази и форма за градење на разбирање и доверба помеѓу сите инволвирани страни.

Трпеливо се обидуваа да промовираат „win-win“ стратегија, односно да укажат на современата реалност каде рударството не мора да биде на штета на земјоделието и туризмот, туку дека може хармонично да функционира заедно со тие економски сектори…

Некаде кон крајот на оваа маратонска консултативна средба исполнет со помешани импресии се потсетив на една безвременска мудрост која вели: „Тој што ништо не знае, и не знае дека ништо не знае е „будалест“, затоа презри го; тој што ништо не знае, но знае дека ништо не знае е „скромен и доблесен“, затоа научи го: тој што знае, но не знае дека знае е „заспан“, затоа разбуди го; тој што знае, и знае дека знае, тој е мудар, затоа следи го како ЛИДЕР!“

Унисониот аплауз од сите присутни кон завршните зборови (некаде околу еден час по полноќ), искрено ме охрабрија и ме убедија дека сите имавме можност да се искажеме, но и концентрирано да се слушаме за да научиме. Верувам дека поголем дел од присутните сепак успеаја да ја препознаат мудроста и лидерството.