Радикалите и руските баќушки нема да успеат

Руските агенти и оние што се на нивниот платен список можат да си заштедат пари, време, нерви и здив. Нема да им успее.

259

Ова е телеграма до македонската јавност, без заобиколувања, без стилизации, директно и искрено: Мораме да имаме кристално чист референдум, едно масовно граѓанско изјаснување за тоа дали сакаме да имаме европска иднина или да останеме во балканското крваво блато. Ова значи дека овој суштински демократски процес мора да се одвои од сите други прашања. Референдумот за името е прашање од највисок национален интерес, ги обединува сите граѓанки и граѓани, сите заедници што живеат во Македонија. Тоа е историска можност да го оставиме ФИРОМ-ското минато зад нас, сите заедно.

Затоа, нема ниту време ниту простор за други прашања, па ни за законот за употреба на јазиците. Прашањето на употребата на јазиците одеднаш му стана важно на ДУИ со влез во новото парламентарно мнозинство и владата, иако можеше да го реши во времето на побратимството со ВМРО-ДПМНЕ. Тоа прашање, мора да го постават вон контекст на референдумот. Албанките и Албанците во Македонија се слободни и еднакви граѓанки и граѓани, а не адут во ракавот на Ахмети. Тоа му стана јасно и на предвремените парламентарни избори во 2016 година. Така и ќе остане. Премиерот Заев треба да му го каже тоа на својот коалициски партнер, ако веќе не му го кажал.

Референдумот е гласање на граѓанки и граѓани, а не на Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, Евреи, Хрвати, Египќани, христијани, муслимани, атеисти или други. Ова е прашање за граѓанска поддршка на јакнење на државата во која сите живеат и како индивидуи и како членови на различни заедници.

Националистите мораат да престанат со сеење на омразата и насилството, бидејќи тоа е против законот, против Уставот и против моралот. Тие мора да одговараат и пред јавноста и пред законот за своите постапки. Зачекоривме во Европа со крупни чекори, затоа неказнивоста за деструкцијата мора да престане. Нема амнестија за криминалот и насилството со умисла.

Руските агенти и оние што се на нивниот платен список можат да си заштедат пари, време, нерви и здив. Нема да им успее. Македонските граѓанки и граѓани нема да се исплашат од грст лумпен политиканти и радикали што руските шпионски структури ги поддржуваат, додека Мицкоски и Фамилијата водат оро во надеж дека ќе се извлечат. Граѓанките и граѓаните се тие што ќе ја земат иднината во свои раце.

Сите се еднакви во гласањето, а референдумското гласачкото ливче нема етничка или политичка припадност. Радикалите и безумниците ќе се обидат, но нема да успеат да се убедат дури ни себе си дека „Шиптарите го сменија името“, бидејќи тоа не е и не може да биде точно. Децениската политика на трговија со етнички адути стана минато во декември 2016 година и нема да се врати никогаш повеќе. Живееме во шарено, граѓанско, модерно, европско општество. Тоа е првиот и последниот аргумент. Радикалите и руските баќушки нема да успеат.

Кампањата за референдумот мора да биде фер, со чесно вкрстување на аргументите, со обврска на државата и нејзините институции да обезбедат услови за непречено искористување на правото на глас на сите еднакво. Затоа, мора да почнат со работа час поскоро и да ги обезбедат сите услови за чист, чесен и достоинствен референдум, каков што заслужува една земја која се врати на лидерското место на Балканот за само една година по падот на еден криминален режим.