Преку очајот, до возвишување?

1093

Ситуацијата во Македонија ме потсетува на прочуената „Чекајќи го Годо“ – драма во која ништо не се случува, освен што сè се повторува во кругови, само што бесмисленоста на чекањето станува малку подлабока при повторувањето на ништото. Напишана во 1948-1949, а премиерно изведена во 1953 година, оваа ирска „трагикомедија во два чина“ на Семјуел Бекет во светската литература стана класика за бесмисленоста на постоењето на обичните луѓе во очи на големи историски неизвесности, кога двајцата протагонисти во драмата, Владимир и Естрагон – обајцата бездомници – седат и „тепаат“ време додека нешто важно треба да се случи, а не се случува.

За илустрација, на почетокот на деведесеттите, Сузан Зонтаг го продуцираше Годо во Сараево, речиси како документарен исказ за тоа што прават луѓето кога, соочени со интензитетот на историјата, не можат да влијаат врз сопствените судбини. Седат, дробат бесмислености, се маткаат и чекаат…

Е, токму на тоа ме потсетува еден дел од општествената јавност во Македонија, во која постојано се занимаваме со едни те исти работи, спирално нагоре, па надолу, за секој напредок да биде проследен со рикверц, за да се вратиме од каде што тргнавме кон никаде, за таму да стигнеме што подоцна, а можеби и никогаш… Кругови и кругови, нишање нозе за да се отепа времето, бескрајни седења на фејсбук и по телевизиски студија: кој (повеќе) го крши Уставот, чиј јазик е (повеќе) загрозен, апсења и приведувања, па амнестии и бегства – уште сме во очекување на Годо по прашањето на одговорноста за повеќето од тие бегства! – предвремени избори за резултатите да се поправат со повторни предвремени избори, референдум за да се гласа за претходниот референдум… Вистинска „кружна“ драма на апсурдот.

Затоа е и можно со децении да опстојуваат некакви опскурни појави – како, на пример, партија ТМОРО… или Тодор Петров… – а никој да не може да сфати со што, точно, се занимаваат, што чекаат и како секогаш се јавуваат само кога треба нешто да се замати, да се внесе уште малку конфузија, во очекување на ништо?!

Па, сепак, во последнава година Македонија се придвижи нанапред во клучната агенда за својот развој: евро-атлантските интеграции. Тој процес, ако се заврши успешно и во соседна Грција, сега ни делува (како што и се изведе) контроверзно, но во некоја подалечна перспектива историјата ќе знае да го квалификува како настан од суштинска важност, слично на осамостојувањето во деведесеттите. Тој Годо, галиба, ќе го дочекаме.

А нашата националистичка опозиција сè уште не се дава. Повремено, прес-конференциите и јавните настапи им изгледаат бизарно како да се копија на Бекетовите дијалози на Владимир и Естрагон (на пример, оној пасаж за тоа кој е подобро прв да се обеси на гранката на дрвото покрај патот, иако немаат ни ортома), постојано ветувајќи дека, кога ќе дојдат тие на власт, ќе ја вратат историјата наназад и ќе ги поништат донесените одлуки за да се тргне напред. Темелно заглавени во минатото, изборниот слоган баш би можел да им биде: „Враќање во иднината!“

Тоа е стравот од иднината во кој се заробени и ликовите на Бекет. Нашиве опозиционери преферираат вечно да седат и нешто да чекаат, во недостаток од храброст самите да донесат одлука за тоа што треба да се прави. Нивниот Годо, дефинитивно, си замина, а тие решија да останат заглавени во минатото што го наследија.

Сепак, има една симболика што не треба да се потцени: кога на Бекет во 1969 година му ја доделија Нобеловата награда за литература, објаснувањето беше дека тој со своето творештво „низ очајот на модерниот човек го постигнува неговото возвишување“. Има нешто од таа комбинација на очај и возвишување и во оваа денешна Македонија. Башка што некој и тука спомна Нобелова награда, за мир, за некого годинава…

Извор: Цивил медиа