Предвремени парламентарни избори и зошто не?

439

Има најмалку две причини зошто СДСМ треба, најмалку две причини зошто не треба и најмалку две причини зошто граѓанките и граѓаните не треба да го прифатат барањето за предвремени парламентарни избори оваа година. Еве ги…

СДСМ, како владејачка партија, без оглед на сите грешки и сето разочарување што го следат нивното владеење, сѐ уште се апсолутни фаворити во една предвремена парламентарна трка за која се зборува деновиве. Затоа, од позиција на партиски интереси, ним добро би им дошло продолжување на мандатот за нови две и кусур години. Со тоа, иронично, ќе одржат уште еден „континуитет“ на ВМРО-ДПМНЕ која наметна едно пеколно темпо на одржување предвремени парламентарни избори секои две-три години.

Со предвремени парламентарни избори, СДСМ ќе добие далеку поголема предност пред своите конкуренти, како од албанските гласачи, така и од македонските, вклучувајќи и голем број разочарани десничари, а особено од оние што ги допре „милоста“ на власта во изминатите „преспански“ денови. Повторно, од партиски позиции, на СДСМ тоа му одговара.

СДСМ, како политичка партија одговорна и за државата што ја води, не треба да го прифати предизвикот од еден грст губитници, затоа што ним и онака не им е потребна изборна победа. Мицкоски и разните солзи (навистина, каде е?), бачевци, апашовци, нездравковци и други ветви страшила од кои никој не се плаши, имаат задача да ја дестабилизираат Македонија и ништо повеќе. Нивното дејствување е насочено кон правење што е можно повеќе штета, какви и да се последиците по бројноста на нивното членство и влијанието во политиката.

Секој неуспех на Македонија е корист за лумпен радикалите и за нивните надворешни ментори кои нашата земја ја третираат како жетон во пошироките регионални и глобални игри. Тоа се совпаѓа со руската политика – да го третира секој неуспех на Европа како корист и предност за Русија. Така и македонските неуспеси се дел од стратегијата на руската политика насочена против европските интереси.

Разочарувањата од СДСМ доаѓа од нивните изворни поддржувачи и големиот број луѓе што ги гласаа, не од партиски, туку од граѓански позиции, гневни на режимот на Груевски. Тие, ако не за СДСМ, немаат за кого да гласаат, бидејќи ни на крај памет не им е да гласаат за деструктивните креатури спомнати и неспомнати погоре. И тоа е решливо, но само навидум. Нивното место може да го замени дел од гласачкото тело што потоа ќе очекува од СДСМ да напушти дел од своите најважни проекти, каков што е концептот на едно општество за сите, на пример. На подолги патеки, тоа ќе го остави СДСМ со намален број гласачи. Да не говориме за тоа дека со тоа само ќе се продолжи вемеровскиот „стил“ на постојано шокирање на општеството со изборни процеси.

Зошто граѓанките и граѓаните не треба да прифатат предвремени парламентарни избори? Основна причина за тоа е дека системот не е подготвен за избори и нема време да се подготви целосно до април. Ај, претседателски некако и ќе истуркаме, но парламентарни? Зошто?

ДИК не успеа да ги реши проблемите поврзани со Избирачкиот список, неусогласеноста на бројот на гласачи во две од шесте изборни единици, деполитизација и професионализација на изборната администрација, гласањето на дијаспората, дупките во Изборниот законик, непотполното функционирање на Државната комисија за спречување на корупцијата речиси цела една година, незавршените реформи во судството (па така и во Управниот суд, значи жалбените постапки), проблемите поврзани со комисијата за антидискриминација… Може уште многу да се набројува и сѐ уште да се остане во истата голема вреќа со проблеми.

На претходните изборни процеси, локалните избори во 2017 година и Референдумот во 2018 година, системот покажа дека процесот може да го истера, сепак, на пристојно техничко-административно ниво. Но, тоа можеше и режимот на Груевски – да спроведе ефикасен изборен процес со масивно кршење на гласачкото право. Техничко-административните аспекти на еден изборен процес не гарантираат и слободни избори.

Бонус причина: Никој не дава гаранции дека изборниот процес е отпорен на софтверски упад од странство (читај: Русија) во системот.

Сево ова нема врска со противењето на ДУИ на идејата за предвремени парламентарни избори. Ним не им одговара да одат на избори, бидејќи дури тогаш ќе изгубат колосално, што од СДСМ, што од Алијансата за Албанците и другите албански политички партии. Но, ДУИ ќе биде во таква кондиција и во наредните две години. А СЈО и тогаш ќе постои…

Секој изборен процес е шок за општеството и за системот, своевидна граѓанска политичка „војна“ со бескрупулозни партиски солдатески чија основна цел е власта, а не идеите. Тоа уште повеќе ќе важи за предвремените парламентарни избори, имајќи го предвид и контекстот на македонските состојби поврзани со евроатлантските интеграции. Економијата во такви услови се собира како еж, а на површина излегуваат сите болки и фрустрации што дополнително го фрагментираат општеството. Политичката корупција е широко распространета, а малку или ни малку не се направи за таа да се искорени.

Толку за сега. Јас морам да кажам. За потоа да кажам и: „Мразам кога сум во право!“