Пратеникот Мухиќ

Кон почетокот на деведесеттите Мухиќ се најде во составот на делегација наши интелектуалци (составена од тогашниот Хелшински комитет кој го водеше писателот Мето Јавановски) која дебатирала во Атина со соодветна грчка, а на тема спорот со името.

911
Атанас Вангелов

Може да се прочита, во последното издание на „Глобус“, краток опис на политичкиот стил на филозофот Ферид Мухиќ (пратеник на коалицијата Заев-Ахмети како главни политички партии) од перото на новинарот Љ. Костовски кого извонредно го ценам и чии анализи редовно ги читам. Описот се дава на она место на кое Костовски зборува за напорите на Заев да дојде до потребното парламентарно мнозинство, услов да се пристапи кон некои обврски од договорот со владата на Алексис Ципрас.

Ќе го наведам во целост тоа место од анализата на Костовски, а потоа ќе кажам како јас гледам на политичкиот стил на пратеникот Мухиќ. Местото гласи: „Бидејќи владеачката коалиција има 71 глас (за еден помалку од постојните 72, заради веќе вообичаената опструкција на пратеникот Ферид Михиќ), со тие девет („прогресивни“ од ВМРО-ДПМНЕ по кои трага Заев) би се добило потребното „тесно грло“ за измените на Уставот да можат да минат.“

Мислам дека описот „вообичаената опстриуција“ е, во најмала рака, престрог и затоа неточен кога станува збор за политичкиот стил на еден угледен филозоф од форматот на Мухиќ, пратеник во сегашното мнозинство. Престрог и неточен, затоа што не го зема предвид континуитетот на тој политички стил на Мухиќ од почетокот на деведесеттите па до ден-денешен. Во едно интервју на една од нашите телевизии Мухиќ и сам кажа нешто за тој континуитет. Јас го разбрав тоа (и) како индиректен одговор на некои остри напади во јавноста, мотивирани од неговата „вообичаена опструкција“. За што станува збор?

Кон почетокот на деведесеттите Мухиќ се најде во составот на делегација наши интелектуалци (составена од тогашниот Хелшински комитет кој го водеше писателот Мето Јавановски) која дебатирала во Атина со соодветна грчка, а на тема спорот со името. Според неговите зборови од интервјуто, тој бил тогаш единствениот од таа делегација интелектуалци кој рекол, јасно и гласно, дека тој спор бил бесмислен, против Повелбата на ООН, против меѓународното право, против начелата на елементарната логика и морал и сл.

За тоа кажа нешто Мухиќ и пред повеќе од десетина години, во својството советник на тогашниот претседател на РМ Бранко Црвенковски. Ако не ме лаже сеќавањето, тој кажа дека негова работа била да каже што и зошто мисли така, на пример, по прашањето спор со Грција за името; а пак онаа на претседателот била да реши како, колку и дали ќе ја уважи неговата мисла. Во духот на тој континуитет тој постапи и кога парламентот го усвојуваше договорот со владата на Бојко Борисов. Даде кратко образложение во кое кажа зошто бил „воздржан“. Договорот со Бугарија бил „асиметричен“, рече. Се поставува сега прашање: дали континуитетот во строгата мисла на Мухиќ е деспотски глас на филозоф кој го надгласува гласот на политичар и затоа води кон – „опструкција“?

Се разбира, далеку од умот е да се мисли дека филозоф од форматот на Мухиќ подзаборава, одвреме-навреме, што е работа на политиката, а што пак на филозофијата. Како последица на што внесува многу филозофија во политиката и политика во филозофијата со ризик за сомнителниот резултат: филозофска политика и политичка (место практична) филозофија.

Не помалку далеку од умот е да се мисли, исто така, дека тој од некои свои побуди заборава дека во меѓународното право – правото на посилниот е закон кој му се наметнува на помалку силниот. Тоа се правда со логиката на „политичката коректност“, формула на амеро-администрација, или на славните „хуманитарни бомби“, формула на писателот В. Хавел. Бидејќи јас исклучувам дека за тие општи, познати работи, не води доволно сметка еден филозоф од форматот за Мухиќ, тогаш останува да се прашаме: може (и треба) ли еден филозоф кога, веќе, се нафатил да прави политика, некако да го тргне настрана својот автентичен глас на филозоф за да ја избегне опасноста од тоа да биде обвинован во јавноста за – „опструкција?“

Мислам дека има добар одговор на тоа прашање во една кратка песна на Конески што ќе ја наведам во целост: „Неук си мислев/ па тие така/ случајно се јавуваат./ А сега назад погледувам,/ – гледам/ па тие ме обврзуваат!/. Она „тие“ што „случајно се јавуваат“ на Конески се – неговите песни. Укажувам на тој детаљ затоа што може да се помислува (дури!) дека, апартниот став на Мухиќ од пред многу години во Атина е во директна врска со познатата потреба на луѓето да се разликуваат од други. Не толку ретко и по „секоја цена.“

Дури и да се поврзува со таа „човечка, премногу човечка“ потреба, не треба да се губи предвид дека сè што ни се случува, сè што сакаме или не сакаме да ни се случи има своја логика. Неретко непозната и недостапна за нас, логика која вели дека ништо не е „случајно“. Дури и тогаш кога е во прашање некоја „сматна идеја“ (пак Конески). Идеја која допрва треба да дојде до лирски израз како во поезијата. Или пак до силна аргументација како во филозофијата. Затоа што „сматната идеја“ е во човекот, не човекот во „сматна идеја.“

Сакам да кажам дека еден филозоф во политиката никогаш не заборава дека една/секоја политика која излегува од строгите рамки на моралот веќе не е политика. Зошто? Моралот е должност. Должност е и политиката во рацете на пратеник. Тие две должности не одат без трета: должноста човек да држи до своите зборови, т. е. до себеси. Ете зошто Мухиќ строго држи до своите одамна искажани зборови во Атина. Цената е – јавност која негодува? Да, таа негодува, таа вели дека тоа било „опструкција“. Ама, тој си ја плаќа таа цена.