По нас газат кловнови, слонови, коњи, мајмуни, илузионисти…

И овие претседателски избори веќе сега се толку пати виденциркус. А ние, каде сме ние? Ние живееме под циркускиот шатор Македонија, ниесме во неговото средиште. Нашата улога е многу важна, бидејќи ние сме подот (подиумот) на тој циркус. По нас газат кловнови, слонови, коњи, мајмуни, акробати, илузионисти, мутанти...

419

Ќе плукаат едни по други, ќе прават салто мортале и притоа ќе паѓаат на мев, ќе викаат и тропаат, ќе кажуваат вицеви и ќе пеат, ќе се плазат, обоени и украсени, ќе прават разни трикови, ќе трчаат наоколу… Од трчањето, ќе се испотат и потта ќе им ја расипе шминката… Избори, кулминација на циркуската претстава. Секоја година избори. Ако не се вонредни парламентарни, тогаш се некои редовни претседателски (освен ако не ви погине претседателот) или локални (некогаш и со по неколку „олимписки“ круга), па референдуми (како избори)…

И овие претседателски избори веќе сега се толку пати виденциркус. А ние, каде сме ние? Ние живееме под циркускиот шатор Македонија, ниесме во неговото средиште. Нашата улога е многу важна, бидејќи ние сме подот (подиумот) на тој циркус. По нас газат кловнови, слонови, коњи, мајмуни, акробати, илузионисти, мутанти…

Вчера прегледав набрзина две-три видео клипчиња со Амди Бајрам чии линкови ми беа пратени во порака и посочени како урнебесно смешни содржини. Иако човекот е прилично комична појава, последиците од владеењето на Амди не се смешни, ама ни малку. Сѐ уште се живи сеќавањата на неговите гестови и постапки, заканите и насилствата што тој ги спроведуваше како понизен и лигав поданик на Груевски.

Сега човекот е ослободен од стегите на режимот, па прави што сака, послободен од кога и да е порано. Вистински живот! Па може и да си игра, да менува бунди од бизон, од Реган и од Путин, да се кандидира за претседател… Слушајќи го така, со галерија од ситуации во мислите, си помислив: „Овој човек не е само глупав и необразован насилник. Тој не е нормален.“ Потоа, гласно констатирав дека, всушност, го заслужуваме Амди.

Тој е олицетворение на македонската политика и политичката култура воопшто. И не само тој. Таблото на македонската политика изобилува со ликови како него, но и како Ѕинго, Ахмети, Груевски, Мицкоски, Тачи, Иванов… Некои се помали, некои поголеми, некои долго ги гледаме и трпиме, некои се појавија неодамна. Долга е листата, долг е ѕидот на кој може да се испишат нивните имиња, слободно додајте кого сакате…

Не е важно дали ќе се согласиме со сите имиња на тој ѕид на политичкиот срам, важно е дека таков ѕид имаме и го заслужуваме. Сепак, тој ѕид, тоа сме ние. И не правиме ништо за да го урнеме, туку само го доградуваме и додаваме имиња на него, за инает на другите, не гледајќи ги вредностите, туку само суетата, алчноста и злобата што се вгнездени во политичката култура. Не ме разбирате што сакам да кажам? Знам дека ме разбирате.

Тие циркуски „ѕвезди“ се важен дел од политичката, медиумската и бизнис елита во Македонија со децении. Богати како султани, а политички бесмртни како бог (или како веќе се нарекува тоа нешто). Нив ги следат и им служат илјадници слични на нив, нивни помали или поголеми клонови, што ја чекаат својата шанса и тие еден ден да бидат барем приближно исти како своите грди творци.

Низ краткава ни македонска историја, ретките што сториле и по некое добро за земјата, се натпреваруваат во лоша политичка претстава без крај, преполна со безброј пресврти, со често менување на улогите, валкање во калта… Евтина политичка лакрдија во која се води неправедната и нерамна битка меѓу доброто и злото. Или, поточно, она што циркусантите нѐ уверуваат дека е добро или зло.

Неправедна битка, не заради победата или поразот, делумен или целосен,времето во кое владееле или биле поразени циркусантите, туку поради поради горчливиот вкус, по лузните што остануваат по секој чин од таа бескрајна претстава.

Циркус што го плаќаме прескапо, но наместо да седиме на трибините, слободни да си заминеме кога сакаме, ние сме подот по кој газат циркусанти и разни лошо дресирани ѕверки…