Плата и канцеларија во судот за Груевски – одлична идеја!

Освен тоа, по закон му следуваат надомест за патни трошоци, дневници и кога на крајот ќе реши да напише мемоари, една пристојна субвенција од Министерството за култура. Живот за сите, нели?

 

Бранко Героски

Вие може да се заебавате колку што сакате, но мене сериозно ме замисли барањето на поранешниот премиер Никола Груевски, Судот да му додели канцеларија и плата, кога веќе толку често доаѓа на рочишта.

Не затоа што е убаво – а убаво е, признавам! – да се слушне како поранешниот премиер се жали дека судството било претворено во „политичка гилотина“ и дека Судот има нееднаков третман кон обвинителството, кон одбраната и кон обвинетите. Баш така! Тоа е наследството што токму тој ни го остави и сега редно е да го почувствува и врз сопствениот грб.
Она со канцеларијата и платата, сепак, ме плаши. Зашто, овие од новава влада (патем речено, до кога ќе си ја викаме нова?), се многу чувствителни на вакви барања и ептен галантни. Па сега, ако може стариот директор на МРТВ да стане нов, се плашам дека кадровиците во Владата би можеле да удоволат на желбата на Груевски.

Во крајна линија, ако зборуваме реално и цивилизирано, зарем не заслужува поранешниот премиер една екстра канцеларија и една екстра плата?

А бидејќи станува збор за државна администрација, каде што владеат транспарентност, отчетност и стандарди, тоа и не би можело да биде каква било плата. Не може копирант, курир или паркирач на автомобили, на пример, сите со завршено средно образование и без работно искуство, да имаат плати по околу 500 евра, а на поранешниот премиер, магистер, со огромно работно искуство во упропастувањето на државата, да му се даде некаква цркавица.

Освен тоа, ако човекот добие канцеларија и плата, по закон му следуваат надомест за патни трошоци и дневници и кога на крајот ќе реши да напише мемоари за своите искуства на великомаченик преподобен, нормално, треба да добие и една пристојна субвенција од Министерството за култура. Не мора да биде на негово име, ќе се најде некоја независна продукција, која после ќе ја екранизира неговата животна драма. На пример.

Велам, се плашам дека во еден сегмент од општеството и за еден дел од луѓето, веќе сме станале толку нормална и цивилизирана држава, што животот буквално грга како од Вевчански извор, така што барањето на Груевски, кажано на шега или не, може комотно и да помине. Како легално и легитимно.