ПИСМА ОД ЛОНДОН: Темнината на спалната соба

Познатата телевизиска водителка Кирсти Алсоп предизвика вистинска медиумска бура кога јавно призна дека им ги искршила таблетите на нејзините деца. И јавноста се подели на за и против.

434

Знаете ли кого сѐ пуштате во спалната соба? Со што се дружите? Со кого? Она што е во спалната, што и како влијае, што прави? Поточно, што сѐ може да направи? Со кого сте во спалната? Вие, вашиот партнер, другата половина, законитиот, законитата, незаконитите …. и, внимавајте сега, ако ви е заскокоткана фантазијата, отскокоткајте ја, станува уште позаплеткано и ќе ви се зацрвенат ушите- со кого се во спалната вашите деца ? М? Знаете? Не знаете? Што им дозволувате? Што си дозволуваат? Или мислите дека тоа е приватна работа и дека нема што да се прашува- плус тоа, она што се случува во спалната, останува во спалната…

Освен ако не сте фолк, поп, рок или некоја слична ѕвездичка во потрага по публицитет.

Ама шансите се да не сте, се големи. А уште поголеми се дека младите главно легнуваат во кревет со нивните ајфони, андроиди, таблети или некое слично малечко технолошко достигнување со кое светот е на дланка, интернетот е магијатата, а платформите се друштвото за осамените во темнината на спалната соба. Млади. Мали. Од 8, 10 ,11, 12 години па нагоре. Зашто имаат сите други во училиште, па “морално” е да имаат и тие. За роденден, именден, за да учат повеќе, “ за да се види дека се има”, за “ еден/една на татко/мајка , за “ ако немав јас, да има моето”, “ за да знам каде е” , кога се носи и се зема од училиште – универзални родителски одговори. И дека гледаат мачиња, кучиња, пајчиња, срценца и куклички.А им требаат и за да учат. Зошто пак, скап модел на ајфон, на пример? Па таков имаат сите. А ионака гледаат кучиња, мачиња, куклички, некоја игричка…

Четиринаесетгодишната Моли Расел, во темнината на нејзината спална соба минуваше часови на Инстаграм. Од наивни фотографии за убави нешта какви што главно имаше на оваа платформа, Моли почна да следи врсници кои се повредуваа, се сечеа, размислуваа за самоубиство. Моли изврши самоубиство. Нејзиното семејство е убедено  дека платформата Инстаграм е виновна за смртта на нивната ќерка, а со тоа се согласи и голем дел од јавноста во Британија. И побара акција.

Уште многу работа

Времето кога Фејсбук, Твитер , Јутјуб и Инстаграм беа невина забава веќе е минато и тие мора да имаат “законска должност за одговорност” за заштита на младите корисници, велат овдешните парламентарци. Тие сметаат дека “саморегулацијата не е веќе доволна” и дека што поскоро ќе мора да биде формиран “ независен, статутарен регулатор”. Ова се случува денови откако Сер Ник Клег, новиот шеф за глобални работи на Фејсбук, призна дека ова социјална платформа има “ уште многу работа” во врска со тинејџерските самоубиства и сликите на самоповредување кои можат да се најдат на неговиот Инстаграм сајт.

По денови притисок на јавноста, шефот на Инстаграм, платформа која има над една милијарда корисници, Адам Мосери, се сретна со министерот за здравство Мат Ханкок. Адам призна дека неговата компанија не сторила доволно и дека отсега натаму слики со самоубиства и самоповредување нема да има. Зошто имаше досега, не објасни. Односно кажуваше нешто за алгоритми кои поврзуваат слики со болести и депресии и заздравување на рани, ама сето тоа беше толку бледо, што мораше да се појави на телевизија и да вети дека во рок од шест месеци платформата ќе биде исчистена од непримерни слики и содржини кои наведуваат на анорексија, булимија, самоповредување, самоубиство… Или “ќе си поднесете оставка”? го праша новинарот? “Ќе ја исчистиме платформата”, одговори Адам Мосери.

Ќе биде интересно да се види како компаниите кои се залагаат за саморегулација и владата која сака регулација ќе го решаваат ова прашање. Излегува дека она што се случува со најмладите во темните спални соби почнува да станува определувачки за иднината на социјалните медиуми.

Не чита книги

Колку се менуваат работите. Телефоните, таблетите станаа секојдневие. Продолжение на раката. Кога дојдовме во Лондон, се зачленивме во библиотеката во Вимблдон и уште ја чувам членската картичка. Неколку пати имав добиено опомена за задоцнето враќање книга, а еднаш дури и платено казна зашто претерав со задржување на Бронте. Низ Лондон почнаа да се затвораат библиотеките, една по една, зашто им се намалија муштериите. Оние кои успеаја да опстанат, сега се делумно интернет кафулиња, делумно ресторанчиња, организираат курсеви за кодирање, за слегување книги од интернет ( асистирано библиотекарско самоубиство?!) , за технолошко описменување на повозрасната популација и , се разбира, за позајмување книги, се’ уште за позајмување книги . Од време на време гледам и групи млади како поминуваат покрај библиотеката. Поминуват и- одминуваат.

Нѝ се промени и околината. На местото на малечките автентични дуќани и бутици, сега има корпорациски синџири. Се доселија нови луѓе дојдени од чудни дестинации кои на местото на старите англиски куќи изградија трипати поголеми. Во ист стил, ама нови. Со автомобили “по мерка” на кои, би одговарала налепница “ не чита книги” . Би се обложила и дека не чита книги ниту на Киндл, ама не се обложувам , а можеби од таму е потеклото на парите.

Родители и деца

Кафеаните и рестораните се полни со луѓе и мобилни телефони. Се седи во кафеани и ресторани каде што на масата се става мобилен. И се гледа во мобилен. И се разговара. Со мобилен. Ијан Бјукенен, кој ја советува владата за сексуалното образование во училиштата и проблемите на младите , вели дека “родителите не треба да ги проверуваат мобилните десет пати за време на семеен” ручек и дека “треба да бидат вклучени и да знаат што прават нивните деца на социјалните медиуми”. Дека “сите компјутери треба да бидат исклучени барем два часа пред спиење” . Дека “на мобилните телефони не им е место во спалните соби, и дека треба да бидат оставени во кујната”.
И оние на родителите и оние на децата.

Познатата телевизиска водителка Кирсти Алсоп предизвика вистинска медиумска бура кога јавно призна дека им ги искршила таблетите на нејзините деца.  И јавноста се подели на за и против. Зошто, ве слушам како прашувате. Па еве. Отишле сите на семеен викенд да се надишат воздух и да поминат време во природа. Ајде Оскар и Беј Атлас ( да, да, така се вика второто) излегувајте. Оскар и Беј Атлас со носовите во таблетите, исто како дома. Кирсти вели дека илјадапати им се заканила дека ако не престанат да играат игри на таблетите, ќе им ги земе и ќе им ги искрши. Надвор сонцето свети, дошле на сто и шеесет миљи од Лондон да се изнадишат и изнаиграат, а Оскар и Беј Атлас пак во спална со таблетите. И што прави Кирсти? Влегува во спалната, ги зема таблетите, ги носи во дневна и ги удира од маса. Ги прави -парче, сол, крш. Оскар и Беј Атлас останале подзинати, па шокирани, па едниот наводно плачел ( не се знае дали Оскар или Беј Атлас, Кирсти не кажува). Во секој случај, поминале три месеци без таблети, потоа добиле нови, сега Кирсти вели дека  ја слушаат “  како попчиња” и имаат строго определено време за “ таблетитање”. Преку ден. Во дневна.