Писма од Лондон: Кој си вели за себе си вели

Анкетите велат дека 80 отсто од младите членови на опозициската лабуристичка партија се за останување во ЕУ и за втор референдум, доаѓа на сцена нова генерација што во 2016 година немаше право на глас, која сега е гласна.

513

За што ќе пишуваш неделава, слушам прашање од неколкумина блиски, подалечни и од најздодевниот и најупорен прашувач во мојата глава, мојата маленкост. Пак за брегзит? Нееее! Достаааа! Аман веќе, си велам, ќе кажат, удави со тој брегзитот, кој за што, ти некако во последно време успеваш да „го протнеш“ во секој текст. Расправиите со самата себе, да знаете, се секогаш многу интересни, возбудливи, имаат заплети, кулминации, неочекувани пресврти динамични се, честопати на работ на кавга, понекогаш има недоразбирања, но сепак, да не се грижите, секогаш се трудам да завршуваат со хепиенд! Па така и оваа. Значи ќе мрчкаат можеби некои за брегзитот, ама според мене „морално“ е. Зашто станува збор за историска одлука со која Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска која по четириесет и кусур години заеднички живот во Европската Унија, на 29 март излегува со низа нерешени прашања.

Хортикултурна терапија

А можам да пишувам и за поубави работи. На пример, за младите луѓе во Лондон што живеат во станови, поточно станчиња, зашто становите се многу скапи па не можат да си дозволат да купат и главно изнајмуваат, а трендот во последните години на сиромаштија е враќање кај родителите. Значи, не можат да си дозволат да купат станови, а велат и дека за деца ќе почекаат уште некоја деценија… поубави… поубави… поубави… ете – можат да си дозволат и да инвестираат во – Монстера Делисиоса. И инвестираат во Монстера Делисиоса (понатаму во текстот МД). Или во други зелени трајни убавици што им носат духовен мир и придонесуваат кон менталното здравје, битни работи во ова време на брзање и неизвесност. Како фикуси, шефлери, калатеи, красули, филодендрони, дифенбахии. Еден мој пријател кој инвестираше во МД му даде и име – Швајцарец. Не знам зошто машки род, можеби повеќе му требаше пријател од пријателка. А Швајцарец, пак, зашто личи на швајцарско сирење. Разговара со него,му брише прашина, го врти за светлина да му ги фаќа лисјата рамномерно. Да се грижиме за нешто или некого ни дава поголема цел во животот. Па нека биде тоа и големо широко разгрането зелено растение со разрецкани лепезести листови што личат на швајцарско сирење. Одлична терапија. Научниците веќе докажаа дека растенијата подобро напредуваат кога им се зборува. Сега докажуваат и дека луѓето подобро напредуваат кога се опкружени со растенија. И кога им зборуваат. Знам јас дека филодендроните Мек и Маер во аглите од мојата дневна се прекрасни високи момчиња. На Маер малку повеќе му паѓаат лисјата, ама убав е таков каков што е.
Им го кажувам тоа секогаш кога мојот (трет висок) ги полива.

Зелени картони

Но, колку и да сака човек да се занимава со полесни теми, брегзитот е тука и виси над главите на Британците. Се чувствува некако во воздухот. Оние што работат тука со документи од Европската Унија, веќе добија известување дека е постигнат договор ништо да не им се менува во статусот до 2021 година. Но, потоа треба да се пријават. Кои се, дека живеат тука и дека не се осудувани. Сето ова под услов во парламентот да се усвои договорот што премиерката Тереза Меј го договори со Европската Унија.
Кога ни почна вториот живот во втората татковина, односно кога дојдовме во Лондон, моравме секои 6 месеци да одиме во полиција, секој со зелено картонче во рацете, се пријавуваме дека сме тука, да потпишеме дека сме на истата адреса и да нè видат во живо нас двајцата. Потоа на една година, сè додека не добивме дозвола за постојан престој. Не беше воопшто пријатно, да бидам искрена, и покрај тоа што бевме во земјата на најзаконски начин, одењето во полиција ни беше некако понижувачки. Нè тешеше само тоа што нашите картончиња беа зелени. Имаше други со портокалови. Но, потоа практиката со катрончиња се напушти. Некои велат дека фактот што земјата кренала раце од контрола за тоа кој сè и доаѓа придонело за наплив на емиграција, зашто еднаш кога ќе влезеш, лесно може да ти се изгуби трагата. Плус, лични карти нема. Ама има нервоза од голем број дојденци. Па различни информации. Па набрзина свикан референдум. Па брегзит. Искрено се надевам дека времето на картоните нема да се врати.

Фашизам лајт

Гласањето во парламентот, еднаш одложено кога беше извесно дека нема да биде успешно за договорот кој премиерката Тереза Меј го постигна со Европејците, сега е ставено на дневен ред за во вторник, идната недела. Не оди се глатко со брегзитот, има многу поделби кај пратениците, анкетите велат дека 80 отсто од младите членови на опозициската лабуристичка партија се за останување во ЕУ и за втор референдум, доаѓа на сцена нова генерација, која во 2016 година немаше право на глас, која сега е гласна. А лидерот Корбин уште калкулира. Згора на сè, ултрадесните радикални припадници отцепени од десната, националистичка партија на Најџел Фараж, кој плука по Европската Унија, но комотно ја подрива од внатре и зема плата како европратеник, се впуштија во „акција“. Ги начекуваат на влез од парламентот пратениците кои не се за Брегзит и ги навредуваат. Им се втурнуваат во лице, ги провоцираат, „си бараат рачки“ што би рекле по нашки, можеби во очекување да им биде возвратено, грубо или не дај боже некој некого да турне или само допре па некој да падне или да почне да се превиткува како Нејмар на терен па да има скандали и судови и отштети. Нацизам лајт, го нарекоа друштвото на Фараж овдешните медиуми откако ги протресоа и проучија нивните програми и методи, зашто има толку многу исклучивост и омраза и антисемитизам и … Најинтересно е тоа што овие „активисти“ што не се согласуваат со нешто за што било (досега не се согласуват со никого за ништо освен со своите со пинта пиво, а некогаш ниту тогаш) го нарекуваат соговорникот „нацист, лажго, следбеник на Хитлер (!), предавник“.

Ова не е ништо ново. Ваквите тактики да се напаѓаат политичките противници со истите или со слични зборови и квалификации за да се покријат трагите, да се „збуни противникот“ и заведат лековерните и неинформираните се познати. Како мали, на таквите им велевме – „кој си вели за себе си вели“. Сега, за таквите треба објаснување, многу работа, информации, разобличување пред јавноста. Да се прикажат во вистинското светло. Британските пратеници бараат заштита, полицијата да има поактивна улога и да не биде само нем посматрач на оние кои ги следат и навредуваат. Чекам ден кога пратеничката Ана Субри ќе му се сврти на Џејмс Годард кој ќе биде приведен од полицијата и ќе му каже – кој си вели, за себе си вели! Со насмевка на лице! Конечно сатисфакција! Не верувам дека ќе се случи и покрај тоа што сум сигурна дека ќе ѝ биде полесно. Треба да се кажува. Не само на Мек и Маер.