Писма од Лондон: Дај си рака

Ќе има ли втор референдум? Ќе има ли вонредни избори? Уште колку министри за брегзит во владата на Меј ќе се сменат? Ќе преживее ли Меј? Колку? Дај си рака за еден спрема пет. До кога? Фрчат коефициенти, соодноси...

278

Една од моите тогашни студентки, Евелин, од источен Лондон, одбра како тема да направи прилог за нејзината улица. Њуам, областа во која живееше, е дел од релативно сиромашна област обременета со криминал и невработеност, и Евелин ја опиша улицата во која луѓето живеат меѓу обложувалници и продавници за брза храна. Сега Њуам почнува да се модернизира, но обложувалниците и продавниците во улицата на Евелин се сè уште таму. Мислам дека и добар дел од жителите. Освен Евелин, која сега студира моден дизајн. (Почна со преправки на моите алишта довлечкани од Скопје, па низ Лондон ѝ се расшеткуваа другарките во Астибо реконстрактед, Нонча деконстрактед, Тетекс терминејтед и Јумко џангл).

Евелин протестираше против обложувалниците што им го одземаа времето и парите на нејзините главно сиромашни другари, соученици и сограѓани. И беше во право. Евелин бараше младински центри, клубови, книжарници, стартап мали компании…

Омилена занимација

Обложувањето, сум пишувала и претходно, е голема британска занимација. Се обложува и старо и, за жал, сè повеќе и младо, толку многу што и власта се вмеша и побара рекламите за обложувања да се намалат или сосема да се исфрлат од спортските програми, да се емитуваат на телевизиите по 21 часот, границата по која може да се емитуваат посериозни содржини за повозрасна публика и да се внимава што сè можат да гледаат деца. Неодамна беше објавено дека најбогатата жена бизнисменка е Дениз Коутс, сопственичка на обложувалницата „БЕТ365“, која е милијардерка и која годинава имаше плата од 220 милиони фунти и дивиденда од 45 милиони фунти. Ете колку е вносен бизнисот. Се обложуваат Британците, а според последните податоци, низ земјата има официјално повеќе од 9.000 обложувалници. За неофицијалните, нема евиденција.

А сега, пак, со брегзитот, работите земаа нов замав. Обично пред Божиќ обложувањето беше дали ќе имаме бел Божиќ или не, односно дали ќе има снег, а со оглед на благите британски зими, но и брзите промени на времето, ова секогаш е интересен облог. Но, сега битката се пренесе на – ќе има ли втор референдум? Ќе има ли вонредни избори? Уште колку министри за брегзит во владата на Меј ќе се сменат – досега двајца поднесоа оставки, ќе остане ли третиот или ќе има ли уште? Ќе преживее ли Меј? Колку? Дај си рака за еден спрема пет. До кога? Фрчат коефициенти, соодноси, се изнесуваат претпоставки, години, некои релативно веројатни и навидум добро информирани, некои на прагот на научната фантастика.

Така, на пример, со 60 проценти е соодносот за нов референдум, а 40 за мек брегзит. Излегувањето на Британија од Европската Унија се лицитира дека ќе се случи како што е кажано на 29 март идната година, ама и 2020, 2021, 2022, никогаш, дека Британија ќе се предомисли и ќе го повлече членот 50 и дека земјата ќе излезе од ЕУ без никаков договор и ќе влезе во голема криза. И дека земјата ќе излезе од ЕУ без никаков договор и сè ќе биде во ред. Со фуснота – нели ви реков.

Сигурно е дека многумина ќе уплатат или веќе уплатиле некое ливче или си дале рака за некоја варијанта за брегзитот. Впрочем, обложувањето не е само спорт на сиромашните од улицата на Евелин. Да ги видевте само дотераните англиски џентлмени и леди на коњските трки во Аскот, на пример, како на почетокот ладнокрвно вложуваат или ги испраќаат „пријателите“ да вложат на нивните фаворити, за потоа од нивните ложи навидум уште поладнокрвно да ги следат трките со двоглед, за пред крај да се развикаат, да летаат чашите со шампањ, да паѓаат шапките со пердуви над очите, да пукне некое копче од елекот, за потоа брзо да се врати назад ладнокрвноста, тоа беше случајно мала ненамерна опуштеност, нели? Дајте, плиз, уште еден моет, не, треба нешто појако…

Организирана посета на коцкарница

А доаѓа и време кога веќе нема срамење, позирање и преправање во обложувањето. И кога и оние што добиваат и оние што губат сметаат дека нема што да изгубат. Во некоја друга пригода за зависноста од обложувањето, сериозна тема, но сега за нешто сосема друго. За оние во таканаречената трета доба, кои се обложуваат и се коцкаат во пензионерските домови или уште подобро – одат на гемблинг тури.

Стануваме сабајлето во Сан Ремо и одиме да пиеме кафе. Уште рано, ги мијат улиците, се носи храна со камиончиња, убаво свежо утро навестува убав сончев ден. Седнуваме во кафетерија спроти едно казино, бела стара зграда. Го допиваме кафето со по едно корнето (кроасан) и гледаме како пред казиното застанува автобус и како од него полека излегуваат туристи со просечна старост од некаде осум децении. Можеби и нешто повеќе додека излегоа. И правец – казино! Го прашуваме кафанџијата што е ова, изложба, музеј – не, вели, организирана посета на коцкарница со ручек на британски туристи!

Сè некако мислам дека и деновиве таму има вакви тури. И дека кај некои од нив, мора во некој џеб да се крие некое ливче со облог за брегзит. За брегзит.