Со пијан да си имаш работа

Одите во кафана со своето возило, пиете колку што сакате и на крај професионален возач ве враќа дома за малтене истите пари колку што би потрошиле за обичен такси превоз.

1017

Пишува: Мартин Богатиноски

Не гледам ништо спектакуларно во предлогот на скопскиот градоначалник Петре Шилегов да им се доделуваат такси-ваучери на пијаните гости во кафаните и рестораните, бидејќи до минатата година во главниот град постоеше регистрирана такси компанија која превезуваше единствено пијани возачи и која, за жал, пропадна најверојатно поради незаинтересираноста на граѓаните за својата и туѓата безбедност.

Пред неколку години лично разговарав со сопственикот на веќе упокоената „Дринк енд драјв“ компанија, кој ми објасни дека нивниот принцип на работа е прилично едноставен, односно вие повикувате професионален возач кој во договореното време ќе пристигне на договореното место и со вашето возило безбедно ќе ве однесе дома.

„Ние ја преземаме одговорноста за вашиот автомобил од моментот кога ќе ги преземеме клучевите до моментот кога ќе ви ги предадеме по добро завршената работа. Нашиот стручен тим ќе ја одработи услугата со неверојатна одговорност и ефикасност“, ми објаснија тогаш од компанијата.

Кога станува збор за плаќањето, се сеќавам, еден километар возење со вашето возило изнесуваше 45 денари, а за подалечна дестинација надвор од главниот град се предвидуваше голем попуст и цена по договор.

Значи, чиста работа. Одите во кафана со своето возило, пиете колку што сакате и на крај професионален возач ве враќа дома за малтене истите пари колку што би потрошиле за обичен такси превоз. Единствениот плус е тоа што утрото кога ќе се разбудите, ќе го видите своето возило уредно паркирано во гаражата и нема да имате потреба за да го барате по паркинзите пред некоја од скопските кафани.

Па така, наместо да им плаќа уште еден пијалак на пијаните гости по кафаните, градоначалникот Шилегов нека размисли да субвенционира вакви слични компании. Се работи за светска практика и така никој нема да му се смее.