Panem et circences

Вечерва ќе славам и јас. Со моите пријатели. Тука каде што сум на одмор. Со поглед кон Стагира. Немаме ние платени "артисти" (така ги викале пеачките и пеачите), ама имаме нешто поважно од тоа - чиста мисла и добро расположение.

874

Поканата Македонија да ја почне процедурата за членство во НАТО без сомнение е историски настан што заслужува да се прослави. Затоа, не сум против славје, дури и во услови кога мислењата и чувствата на граѓаните за цената што ја плаќаме за овој исчекор се поделени.

Да повторам, јасно и гласно – треба да се слави и нека се слави!

Сепак, очекував дека во ослободена Македонија, демократската влада на Зоран Заев, во која има еден куп советници за кои мислев дека се поклоници на една бунтовна, да не речам рокерска култура, ќе смислат некаква модерна и креативна прослава, соодветна на нејзиниот повод. Не доликува нашиот најголем исчекор кон Европа да го прославиме свадбарски. Ова сепак не е пивтијада или пиволенд.

Но ете, луѓето поинаку размислуваат кога се на државни јасли. Поинаку се однесуваат дури. Рокерите стануваат лукаси. Сега концептот panem et circences (леб и игри, или дословно – леб и циркус) им се чини совршен начин за придобивање на симпатиите на “широките народни маси” и на гласовите на избирачите за претстојниот референдум.

Таа недоследност, таа неискреност, таа бесчувствителност, а и тој изнасилен простаклук од луѓе од кои најмалку го очекувам тоа, неописиво ме растажуваат. Немам сили и волја за лутење, за бес и за протест – едноставно, тажен сум.

Вечерва ќе славам и јас. Со моите пријатели. Тука каде што сум на одмор. Со поглед кон Стагира. Немаме ние платени “артисти” (така ги викале пејачките и пејачите), ама имаме нешто поважно од тоа – чиста мисла и добро расположение. Здравје боже, ќе славиме и утре вечер, ако победи Хрватска. Па и ако не победи…

Ви посакувам на сите во Македонија да прославите и убаво да се забавувате. Можеше и многу поубаво, многу подостоинствено и поевропски, ама тоа е. Без мене и без Лукас, толку умеете. А ви посакувам и лесно трезнење, бидејќи в понеделник сепак сите ќе мора да се вратиме во суровата реалност.

Сите освен оние за кои животот што дојде им ја смени перцепцијата за вистинскиот живот.