Ова лудило во парамедиумите мора да престане!

Ова лудило во парамедиумите мора да престане!

Портал, кој со години неказнето и под заштита на моќници, безочно клевети и навредува луѓе, сега тврди дека сопственикот на конкурентски портал ги „рентал“ своите ќерки по охридските хотели. Ајде сега, дами и господо од новинарските здруженија и особено вие од ОБСЕ, кои се противите на каква било законска регулација на интернет-медиумите, повелете, реагирајте и ставете крај на овој случај. Да ве видам!

887
SHARE

Пишува Бранко Героски

Пред два дена, заедно со една поголема група уредници и новинари, присуствував на брифинг во Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Љубезните домаќини ни објаснија со што се занимава оваа организација, а јас ја искористив можноста да укажам дека е неопходен ангажман за промена на Законот со медиуми, со цел еден голем, можеби и доминантен сегмент на медиумската индустрија, интернет медиумите, да бидат „признаени“ со законот.

И јас и колегите се обидовме да објасниме дека сегашното законско решение, кое не ги препознава овие медиуми и новинарите што работат во нив, доведува до хаос на пазарот, до неодговорно новинарство, до производство на лажни вести и до ширење говор на омраза. Нашите домаќини ни одговорија дека ОБСЕ останува на позицијата дека интернет-медиумите не треба да се регулираат со Законот за медиуми, туку со саморегулација.

Во ред, си реков, тоа е тоа… Познат ми е ставот на новинарските здруженија, на странските дипломати, на фондациите и на сите поединци што работат во оваа „надградба“, која божем треба ѝ помогне на „базата“ (на медиумите и на новинарите), а всушност работи главно за себе и за сопствената комоција. Набрзо ќе имам прилика, си реков, да им посочам случај, од кој самите ќе сфатат дека не се во право и дека ова лудило во парамедиумите мора да престане.

И еве, ден после тој брифинг, се случи токму таков настан. Порталот Мактел објави фотографии од ќерките на сопственикот на порталот Охрид скај, Сашо Денесовски, како и текст во кој тврди дека таткото „ги рентал“ сопствените ќерки во охридските хотели. Освен тоа, Денесовски сведочи дека од него се барани пари и додава дека при пријавување на случајот во полиција, за тоа доставил докази. Дури и да нема изнуда, самиот напис е дело на еден монструм, кој со години, неказнето, заштитен од моќници, брутално клевети и навредува луѓе и никој ништо не му може.

Е сега, нека повели делегацијата на ОБСЕ нека го следи случајот, сама нека се увери во законските ограничувања и потоа, молам, да нѐ извести за исходот. Шефот на мисијата нѐ испрати со пораката – јавете ни се за помош, не бегајте од нас! Еве, не бегам, барам помош, не за себе, не за Денесовски (за кого сите ние имаме право да мислиме што сакаме), туку за две девојки кои не се виновни за ништо, а се изложени на брутален напад на нивниот личен интегритет.

Ајде, дами и господо од ОБСЕ, да видам што можете!

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY