Отрови од запалена пластика ги трујат тетовци неколку вечери по ред, надлежните креваат раменици

Фото: Слободен печат

Смрдеа на запалена пластика се шири веќе неколку дена во вечерните часови од централното градско подрачје со до градскиот стадион во Тетово.

„Мислевме дека ќе помине и смрдеата ќе трае една вечер, но смрди веќе неколку дена како на изгорена пластика. Најверојатно од некои погони што се тука во близина. Така им е најлесно да се ослободат во пластиката која не ја употребуваат оти тука во Тетово нема ниту контрола ниту ништо“, вели еден жител на Тетово кој живее на улицата Борис Кидрич.

„Во зимскиот период се гушевме од штетните ПМ10 честички, си рековме ајде ќе помине зимата, па ќе дојде пролет и лето ќе подишиме, но еве сега пак се гушиме и тоа од отрови, додава друг жител на Тетово.

Од Територијалната противпожарна единица Тетово велат дека само во вторникот во попладневните часови интервенирале во гасење на запалена пластика.

„Интервенираме на потегот од Тетово кон Требош на една локација. Таму во минатото неколку пати сме интервенирале на запалена пластика, случаите сме ги пријавувале и во инспекција, информира Авни Амети, командир на ТППЕ Тетово.

Тетовци за смрдеата која се шири низ вечерните часови го алармирале и Центарот за јавно здравје Тетово.

„Непријатна миризба има да, самиот сум се уверил, но немаме информации и начин да ги утврдиме причините. Не е континуирано, претставува краток бран, односно облак од мирис кој трае неколку часа и исчезнува. Ноќеска врнежите од дожд го спречија ширењето. Мора да се преземат мерки бидејќи самата непријатна миризба е загрозување на социјалната благосостојба, тоа основен постулат на Светска здравствена организација. Секој граѓанин така е вознемирен, вели д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје Тетово.

Мерната станица на Министерството за животна средина не покажува надминување на прагот на концетрацијата на ПМ 10 честичките. Но, во Тетово има само една мерна станица, која е неколку километри подалеку лоцирана од населбите каде тетовци неколку вечери дишат загаден воздух.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот