Отровен воздух – невидлив убиец во ЕУ

Без оглед дали скандинавските урбани центри се наоѓаат на долниот дел на листата на аерозагадување во светот, не значи дека не трпат последици од еколошки проблеми и лош воздух. Меѓутоа, со активна политика во оваа област, видливи се и резултатите.

204
Ивица Челиковиќ
Ивица Челиковиќ

Систематски и организиран пристап во заштитата на животната средина во Македонија, преку соодветни мерки, едукација и подигнување на свеста на граѓаните, вообичаено секогаш одново се актуелизира во затечена состојба. Но фрапантно е дека и во услови кога Скопје неславно се најде прв на листата по аерозагадување во светот, кон овој крајно загрижувачки проблем се приоѓа млако и кампањски, вклучувајќи ги, се разбира, и неизбежните меѓупартиски обвинувања со здодевни соопштенија за претходните и сегашни пропусти и неспособност што довеле до „еколошка катастрофа“.

Прочистување на околината, на опасно загадениот воздух што го дишат македонските граѓани, отескогаш било на дното на листата на приоритени прашања за кои се манифестира подготвеност да се стават во функција расположливите капацитети во државата. Постојано како да се започнува од табула раза – како да нема никакви позначајни искуства од претходните генерации.

Но аерозагадувањето е сепак глобален проблем. Без оглед дали скандинавските урбани центри се наоѓаат на долниот дел на листата на аерозагадување во светот, не значи дека не трпат последици од еколошки проблеми и лош воздух. Меѓутоа, со активна политика во оваа област, видливи се и резултатите.

До пред само петнаесетина години една од централните улици во Стокхолм беше и една од најлошите во Европа, кога станува збор за аерозагадувањето, а при некои мерења дури и полоша од сообраќајниците во центарот на Пекинг. Но моментно оваа улица ја нема дури ни на листата од 20 улици во ЕУ најпогодени од смог. Според еколошките мерења, всушност, воздухот во Стокхолм денес е стопати подобар отколку во 1960-тите години. Сè почисти возила на улиците во шведската престолнина се дел од објаснувањето за таквиот развој. Позитивните ефекти се поврзани и со континуираното намалување на гасови од индустриски објекти, изградбата на мрежи за централно греење, почисти горива, еколошки автомобили, воведување на еколошки зони за постари возила и наплатни станици за данок на возење низ централните градски подрачја, што придонеле квалитетот на воздухот во Стокхолм од година во година да се подобрува.

Во Европа емисиите на загадувања на воздухот значајно се намалени во последните децении, но проблемите со високи штетни концентрации се и понатаму присутни. Околу 90 отсто од урбаните жители во Европа се експонираат на воздушни загадувања што се штетни за здравјето. Постојат проценки дека емисиите на фини честички (ПМ) го намалиле очекуваниот просечен животен век во ЕУ за повеќе од осум месеци.

Загадувањето што го уништува квалитет на воздухот е „невидлив убиец“, како што се истакнува во еден извештај на Европскат агенција за животна средина (ЕЕА). Тоа е и причината за приближно половина милиони предвремени смртни случаи во рамки на ЕУ, а што соодвествува на околу еден процент од населението во Унијата. Различни ЕУ-гранични вредности за исложеност редовно се зголемени за најмалку една десетина од градското население во земјите –членки. Но, за разлика од критериумите на ЕЕА, постриктните гранични вредности на Светската здравствена организација (СЗО) се надминати во однос на секојдневните услови во кои живее мнозинство на европското население.

Токму аерозагадувањето, дури и во мали дози, е една од најголемите закани против децата во светот, кои ги ризкуваат своите животи само преку дишење. Две третини од луѓето што се изложени на ризици што подразбираат и животна опасност, значи луѓе кои во себе внесуваат отровен воздух шест пати повеќе од препорачливите дози, со години наназад се жители во градовите во јужна Азија, а со кои сега „успешно конкурираат“ Скопје и други македонски градови.

Што се однесува до ЕУ и напорите за справување со прекуграничните еколошки проблеми, најчесто е актуелно повикувањето на т.н. минимална регулатива, односно дека секоја ЕУ-членка може да има уште повисоки критериуми за сопствената животна средина, но еколошката заштита во исто време станува најефективна доколку голем број земји дејствуваат координирано и преку следење на заедничка програма на мерки.

Факт е и тоа дека заедничката регулатива за кратко време значајно ја подобрила еколошката заштита во повеќе земји што се приклучиле кон ЕУ со големи добивки за сопствената животна средина, а како последица на членството. Тоа е и значаен политички ефект, кој денеска често се потенцира од зелените партии во Европа, а кој малкумина можеле да го предвидат или пак да му припишат некаква поголема полза кога на почетокот на 1990-тите години се водеше интензивна дебата за можните последици и ефекти од проширувањето на Унијата со нови членки.

Истакнувањето на примерот со воздушната загаденост на улиците во главниот град на Шведска и конкуренцијата со мегалополисите во Азија, можеби ќе биде сфатен и како невешт обид за претенциозни споредби во однос на “невидливиот убиец“ кој му се заканува на човештвото. Но, во секој случај, отровниот воздух во добар дел го наоѓа егзекуторот токму во неодговрниот однос и лошите политики на носителите на власта, од кои најмалку се очекува својот ноншалантен и игнорантски однос во борбата против аерозагадувањето да го понесат со себе, како своја политичка легитимација, во прекуграничната европска соработка.