Од зуењето на комарците не се слушаат авионите

Во заблуда сме биле дека не се прскало. Се прскало, ама со безвучни авиони. Може да се и невидливи. Стелт технологија, батка. И затоа, доста кукање и ширење дефетизам, бидејќи да си знаете – со или без комарци, референдумот ќе успее.

651

Абе има разлика… Зошто не сакате да си признаете?

Цело лето на Матка се бориме против непријателските сили, што ги саботираат референдумот, НАТО и ЕУ, животот што дојде. Камуфлирани се во некакви мали бели пеперутки или молци (не знаеме што се, ама се чинат неуништливи), во некакви мушички што касаат ко луди, но и во стандардниот облик на крвожедни комарци, распоредени на првата линија на фронтот. Во моментов сме во дефанзива и навечер не излегуваме на отворено. Си седиме затворени во соба и гледаме МТВ.

Јас не се бунам. Не сакам веќе да ширам дефетизам, лажни вести и други продукти од арсеналот на специјалната војна, особено не сега пред референдумот. Се чешам и кај што ме чеша и кај што не ме чеша и – си трпам.

А и село е Матка. Комарците се дел од селската идила. Имам троа разбирање за луѓето кои лете живеат во урбано Скопје и не се навикнати на вакви епски битки и кои сонуваат градот да биде стерилно чист и никаде да не се слуша она злокобно зуење на непријателските гадинки, што завиваат ко швапски „штуки“ (тоа се оние авиони што ги бомбардираа нашите градови на почетокот на Втората светска војна). Е, тие луѓе постојано го караат Петрета Шилегов зошто не се прскало против комарци. Релативизатори едни!

Додуша, и мене ми дојде да крикнам пред некој ден, кога среде пладне ме искасапија тие ужасни крволоци на улица Тримпаре. Но, стиснав заби и се убедив дека мора да се издржи и дека мора тука да има некоја квака. Нешто добро мора да се имат десено, без да знаеме. Оти, тој што верува, мора да верува дека има разлика и кога таа баш и не се гледа…

И оп, денеска разбравме што била кваката! Проблем на перцепција. Како што објасни портпаролот на Град Скопје, ние сме биле во заблуда дека не се прскало и не сме биле доволно информирани за херојската борба на градските власти против ова зло. А причината за тоа да ти била од техничка природа – сега се прскало со авиони што не бучат како тие претходните, па не сме можеле да ги слушнеме.

Уау! Па после оди речи дека немало разлика!

Значи, за разлика од времето на Коце Жута Чизма, кога авионите што прскаа ни ги дупеа ушите, особено кога го пробиваа звучниот ѕид (а комарци после немаше), сега се прска со авиони кои се последен збор на техниката. Безвучни авиони. Ко едрилици. Не би се изненадил и да се невидливи. Стелт технологија, батка!

Е сега, пак имало комарци… Па можеби сега, за разлика од порано, не се прска со отрови, туку со некое еколошко средство, нешто ко сув шампон, на пример, нешто зелено и иновативно. Некој прашок што не смее да ги уништи болвите, на пример, без кои не може да живее онаа глутница кучиња на плоштадот Македонија, која никој не смее да ја отстрани, нели, од хумани причини.

Но, да не импровизирам. Сега барем една работа е јасна. Од зуењето на комарците не можеме да ги слушнеме авионите. А тие се тука, над нашите глави, летаат нечујно и прскаат ли прскаат, според планот на активности на Град Скопје. Овој викенд ќе се прскало во третата фаза, а планот, замислете, предвидувал дури пет фази. Кај и да е, до декември комарците ќе се предадат.

И затоа, доста ширење дефетизам, бидејќи да си знаете – со или без комарци, референдумот ќе успее. Оти така е предвидено.

Тоа е. Живот.