Од кога тоа критиката стана „хистерија“?

Од кога тоа критиката стана „хистерија“?

379
SHARE

Критиката е „здрава“ дури и кога е неодмерена, но не затоа што некој така ќе реши, туку само тогаш кога критикуваниот ќе одговори со позитивна акција.

 

Бранко Героски

„Критиката е здрава, ако е вистинска, таа сите ќе нѐ направи подобри. Ама без драмења и апокалиптични прогнози, ве молам. Да потсетам, серија критики за секој можен потег на Заев имаше од првата минута, откако стана претседател на СДСМ. Дел од таа критика беше издржана, ама во голем дел – не. Чекор по чекор, на крајот секако победија вистинските политики, со внимателни и осмислени потези. Така ќе биде и овој пат, Македонија ќе победи“.

Во принцип, ми се допадна овој ФБ-статус на Александар Поповски, без разлика што е напишан од човек од најблиското опкружување на премиерот Заев. Патем речено, Аце е еден од ликовите со кои одлично соработувавме кога беше во одделот за односи на јавноста на СДСМ, а продуктивно соработуваме и сега. Тоа е едно разбрано, одмерено, културно и исполнително момче.

Незгодата е во тоа што исказот на Аце содржи крупна логичка грешка. Имено, ако треба да се направи разлика што е „здрава“ а што „нездрава“ критика, што е „издржано“ а што е „драмење“, тогаш мора да се постави некој (или повеќе лица, можеби) кои за тоа ќе одлучуваат. Во моментов, како што знаете, таа работа за Владата (на своја рака, се надевам) ја врши еден малоумник и мудомерач, кој на својот пара-портал решава кој е здрав или не, кој е луд, кој живее овде а кој во облаци, или, со еден збор, чија критика е „здрава“ и „издржана“.

И како што тоа обично бива со цензорската работа, на крајот излегува дека таква критика – значи, „здрава“ и „издржана“ – едноставно, не постои. Секој што е критикуван смета дека тоа не го заслужил и дека критиките упатени кон него, како што ќе рече Аце во коментарите, се „лично мотивирани“.

Политикологот Петар Арсовски овој бран на критизерство кон Заев и кон СДСМ го нарекува „хистерија“ (?) и предвидува дека таа нема да запре. Јас, пак, не мислам така. Критиката, па дури и кога е неодмерена или упатена на погрешна адреса, е „здрава“ само тогаш кога критикуваниот на неа ќе одговори со позитивна акција. Грешките се коригираат, погрешните перцепции се исправаат. Со вистински политики, со внимателни и осмислени потези. Баш како што пишува Аце.

При тоа, треба да се има на ум дека малоумните апологети се најлошите сојузници на добрите политичари – тие само ја зголемуваат нервозата и нетрпеливоста кон критичарите, бидејќи се поистоветуваат со водачот и со неговите органи (од кои најважни, нели, се мудата) и критиката кон него ја доживуваат како напад врз себе. А тоа веќе е дијагноза. И тоа – мошне сериозна.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY