Њу ејџ

Дали Мицкоски сфати зошто се качи на Жданец во германската амбасада, наместо лидерката на сестринската партија А. Меркел да влезе во белите одаи на ДПМНЕ? По 30-ти о.м. Владата ќе нема алиби за грешките, посебно не на внатрешен план. На надворешен и така е ограничена. Парламентот конечно треба да стане дом на демократијата, а не  парцелисан посед на партиите чиишто претставници седат во него.

279

По референдумот на 30-тиот гроздобер (Свети маченички Вера, Надеж и Љубов) нашата држава влегува во нова епоха. Силите на лажните бранители на идентитетот се на колена. Раководството на т.н. државотворна партија, сега лидер на опозицијата, јаде паштета од гуска, фараонски изум, афирмиран во времето на мсје Луј Четиринаесетти, односно деспотијата (за малку да кажам гастрономијата), додека измамениот народ ќе продолжи да јаде бајати сендвичи и да пие негазирана концесионирана вода од пазувите на нашето национално богатство чии што сопственици дарежливо ја даваат, чистејќи го патот на своето богатење.

Конечно имаме шанса да станеме модерна држава. Конечно меѓународните моќници нема во јато да доаѓаат (ова не се посети) во функција на мисионери на демократијата и мирот и да испраќаат трогателни пораки на поддршка на државата што конечно треба да стане рамноправна членка на меѓународната заедница. Верувам дека по 1999 и 2001, сегашниот дипломатски десант на скопскиот аеродром нема да се повтори.

 

Владата ќе остане без алиби

 

По 30-ти о.м. Владата ќе нема алиби за грешките, посебно не на внатрешен план. На надворешен и така е ограничена. Парламентот конечно треба да стане дом на демократијата, а не  парцелисан посед на партиите чиишто претставници седат во него. Мастришките критериуми треба конечно да се исполнат. Нема на што да се повикуваме ако во тоа доцниме. Ако доцниме, може воопшто и да не ја достигнеме целта. Нашата примарна цел е постигнувањето на европските стандарди. Тие ќе ни овозможат подобар живот, а не формалното членство. Нашиот нов идентитет треба да е европски. Само со тоа нашата држава може да биде препознатлива.

Традиционално ние не знаеме да ги читаме пораките. Не затоа што сме неграмотни. Просветителите од нашиот регион дадоа голем придонес за ширење на писменоста. Пораките ги толкуваме само како механизам за поделби за кои генетски сме предодредени. ВМРО, на пример, не ја сфати пораката на германската канцеларка А. Меркел кога зборуваше за националното единство кога е во прашање државниот интерес, алудирајќи на непопуларната „голема коалиција“, која е често на власт во Германија. Дали Мицкоски сфати зошто се качи на Жданец во германската амбасада, наместо лидерката на сестринската партија А. Меркел да влезе во белите одаи на ДПМНЕ? Исто така многумина не ја сфатија симболиката зошто Договорот со Грција е потпишан во Нивици. Премиерот Ципрас секако знае. Немаме државотворна традиција, но во тоа не сме осамени во нашиот регион. Тоа не може да биде алиби за конечно несоздавање модерна држава.

Сегашните партии во своите идеолошки основи не се профилирани. Поедноставно, ВМРО-ДПМНЕ погрешно, но доста време успешно играше на картата на одбрана на македонскиот идентитет со нагласување на етничката припадност како и религиозната определеност. Тоа веќе не важи. Сега се актуелни други вредности. ВМРО треба да исчезне, а ДПМНЕ да се реформира. Од друга страна, СДСМ перманентно ги кине нишките што ја прават да биде социјалдемократска партија. Невешто ги користи аргументите на т.н. конзервативни или народни партии, посебно на внатрешен  економско-финансиски план, што секако е дозволено, но во мера да не се изгуби основната идеолошка матрица. Поради тоа успехот на оваа партија зависеше од харизматичноста на лидерите. Колку е тоа опасно покажаа полските социјалдемократи, кои после одењето на А. Квашњевски речиси исчезна од политичката сцена.

Другите наши партии се рестлови од идеологиите на потребата од формирање етнички партии со кои единствено можеше да се брани и нивниот интерес од една страна, и неспособноста на останатите партии, а посебно оние со либерални призвук, да се прилагодат на познатите стандарди.

 

Професионална дипломатија

 

Парламентот е посебна приказна. Во него се води партиски натпревар при што судијата (спикерот) е секогаш навивачки расположен. Таков парламент е стерилен. Не продуцира демократија. Не контролира ништо, а пратениците се често самите неконтролирани, па и во трошењето на народните пари.

Новата епоха после референдумот подразбира т.н. global aproach, кој е веќе испробан во повеќе држави. Тоа подразбира паралелни активности истовремено во повеќе насоки. Прво, внатре во државата со коренити промени по точките веќе  означени од Брисел, уставни промени со цел да се спроведе Договорот со Грција без непотребно правење процедурални грешки и продолжување на градење доверба со соседите и многу прагматично позиционирање во меѓународната заедница, имајќи предвид дека ќе бидеме дел од НАТО и ЕУ. Тука, пред сè, мислам на непотребното непрецизно позиционирање во однос на Русија. Не можеме да зборуваме на некакви односи со Кина или, пак, со други асоцијации вон Европа, а посебно не за односи со Бразил, од каде што секојдневно добиваме корисни информации од изумителот на сегашниот ни претседател.

Не е логично оваа проекција на новата епоха да не ја завршам со забелешки за нашата дипломатија. И таа треба да се прилагоди на новите предизвици. Перспективата не е во нејзиното ширење туку во професионализацијата. Домаќините на нашите амбасадори се чудат какви персони испраќаме (тука одговорноста е еднаква на владата и претседателот). Често прашуваат зошто сме им испрателе таков амбасадор. Додуша и нивните амбасадори во РМ не се најчесто од прва категорија. Cе ла ви, што би рекле Французите. За другите потребни

чекори веќе пишував ова изгор лето.

А за малку ќе заборавев на неодамнешниот предлог на претседателот на една од нашите стопански комори упатен до премиерот Заев, амбасадорот на РМ да биде од редовите на стопанствениците. Не забележав реакција од МНР ниту од секогаш надобудниот Дипломатски клуб.