Новинарски Икаров лет

166

Сега, божем настасаа други новинарски времиња, а маратонот за лет под сонцето на режимите и скутовите на политичките елити, никако да стивне.

Пишува Бошко Нацевски

Стара мудрост е човек да научи да „оди“. Стамено, достоинствено, исправено. Да осознае дека не треба да „лета“ и покрај тоа што денес, во овој валкан свет на сопки, тој луксуз и не е можен доколку некој не ти подметне крило. И сè е нормирано и кодирано. Колку моралната специфична тежина ти е со понизок коефициент, а умствениот квантум полесен, толку повисоко се искачуваш. Ако „лансирниот ментор“ е со државнички ореол, можеш да сметаш дури и на брилијантен подем. Секавично може да ја пробиеш Стаклената и метеорски да стигнеш во Рајската градина. Секако, се мисли на онаа – на системот. И задолжително, во луксузна класа.

За новинарите ми е зборот. И кога се во фетусна фаза и кога место пердувчиња имаат мов под мишките и меѓу ноџињата, некои од нив искажуваат болна настрвеност за висок вселенски лет. Уште не ги научиле сите букви на новинарската азбука, почнуваат да потскокнуваат за да се дофатат барем до едно влакно од белата божја брада.

Орден за заслуги

Бевме млади. Чекоревме во траорната колона што на оној свет испраќаше еден новинарски бард. Имаше долго натегање за парцелата каде што ќе „отседне“ за навек неговата благородна душа. Не сакаше фанфари. А бидејќи не ја сакаше смртта, туку и последниот атом го цедеше за животот, не беше извршил предвремена резервација, како што тоа беше модерен манир за многумина од други професионални провиниенции. Од политичката елита или бизнис-кастата, кои многу пред да им биде испратен сигналот, имаа јасен увид на квартот на бројот на резиденцијата, нејзината архитектонија, нејзината позиција – со поглед кон Водно и Вардар, или Скопска Црна Гора, спратноста, конфорот, фасадниот блесок, црн, сив или бел мермер. Травертин или прилепска „слонова коска“.

Покрај одарот неколку плакети како потврда за успесите во журналистиката. Плус Орденот за заслуги со златен венец со потпис на Маршалот. Новинарската професија ја имаше задолжено со многу репортерски белешки, коментари, уводници за државни и национални празници. Но, посебна задолженост му остави на семејството, главно со многу недоплатени кредити за станот, за мебелот, за струја, за парно… Минувавме покрај алеата на заслужните.

– Значи, јас ќе лежам овде – процедува еден од помладите колеги, кому му падна честа да го носи перничето накитени со трофеите.

– За жал, не – му отсекува, тивко, но со призвук на сериозна опомена, еден од постарите колеги, сакајќи да му даде до знаење дека амбициите треба да си ги приземји.

– А зошто не? – сега веќе понагласено прашува младиот новинар.

Дијалогот се одвива со шепот, како да се плашеа дека гласноста може да го вознемири спокојот на бардот, кој за првпат имаше маска на блаженост на лицето, а ние стануваме многу поубедени во верувањето дека професијата останува без едно соковито перо, кој на зборот му даваше и музика и душа и крв. Му даваше живот!

Совест на народот

Како прво, новинарските крила, за разлика од летечките реквизити на политичарите, се како оние на Икар. Што повеќе се обидуваш да се извишиш кон сонцето, побрзо се топат и падот е неизбежен. А и нашето место е долу, меѓу простосмртните. Меѓу своите. Меѓу оние што жеднеат зборот новинарски да е од верба. Со висококаратен сјај, што не може да го купи ниту еден политички сатрап или тајкунски мангуп.

Сега, божем настасаа други новинарски времиња, а маратонот за лет под сонцето на режимите и скутовите на политичките елити, никако да стивне. Повторно бараме некоја парцела на привилегирани, која по ниту еден морален и професионален критериум, не ни припаѓа. Не е по наша мерка. Не е наша бројка. Новинарот не е проститутка, туку совест на народот, огледало на вистината, израз на правдата.

Ова, за оние што не ја сфатија трагиката на Икаровиот лет и продолжуваат да се регрутираат во редот на безрбетната журналистичка мафија, која пактира со словото на злото!