Никогаш и не било за идентитетот!

588

Ако е точно тврдењето на дел од грчките медиуми дека Атињаните би се задоволиле со меѓународна спогодба наместо со промени на Уставот, блиску сме до планот Б што го заговарам – минимално решение за членство во НАТО.

Пишува Бранко Героски

Маргината за критичка размисла за кое било прашање во Македонија – а кога е во прашање спорот за името и во Грција – во моментов е толку стеснета, што написите во медиумите и јавната дебатата се сведуваат или на безочни напади или на тотално навивање. Трета можност, едноставно, нема. Оттаму, воопшто не сум изненаден од насловот „Бомба на Заев“ во дел од грчките медиуми. „Бомби“ експлодираат секој ден и во нашите парамедиуми. За сенешто. Со еден збор, пропагандата е спуштена на нејзиното најпримитивно, најпростачко ниво.

Но, да се вратиме на темата. Што е „бомбата“ на Заев? Грчките медиуми се изненадени од тоа што македонскиот премиер, во интервјуто за австриското радио ОРФ, „открил“ дека „за идентитетот не се преговара“. Според тоа, ако Грција не го покренува прашањето на македонското државјанство, логицираат грчките новинари, „веројатно преговорите се понапреднати од тоа што се претпоставуваше“. Дали е така? Хм…

Прво, да расчистиме една важна работа – добро е што во оваа рунда од процесот не се преговара за идентитетот, но тоа не е нова вест. Обратно, нова вест, за нас исклучително лоша, би била кога би се случувало обратното. Треба да се знае дека и во времето на Никола Груевски не се преговараше за идентитетот. Лагата за оспорениот идентитет беше измислена за да се покрене македонската (интелектуална?) јавност против преговарачкиот процес и да се блокираат преговорите.

Сакате доказ за ова? Уф, имам доказ ко врата! Точно на денешен ден (20 февруари), во 2012 година, медијаторот Нимиц ја даде следната изјава: „Дозволете ми да ви кажам како јас гледам на целта на разговорите. Според резолуциите на ОН и членот 5 на Времената спогодба, прашањето е за името на државата, бидејќи името на државата е тоа што се користи во Обединетите нации. Нема ништо во резолуциите или во времената спогодба за идентитетот на народот. Моето гледиште е дека народот на оваа земја има идентитет, нивно е да го утврдат својот идентитет. Не е мое да утврдувам нечиј идентитет. Ова не е прашање за идентитетот на народот, туку е прашање за името на државата, согласно со резолуциите на ОН и членот 5 од Времената спогодба“.

Појасно, здравје! За жал, збудалениот Груевски, иако од 2007 до 2012 година, а и подоцна, беше предупредуван дека никој не го оспорува нашиот идентитет и дека се преговара за друга тема, не успеа да ја сфати суштината на спорот. Да успееше, да беше паметен, тврдам дека денес сѐ уште ќе беше на власт. Наместо да дреме по судовите, да бара плата и канцеларија и сите да го заебаваат.

Дали изјава на Заев навистина навестува дека сме поблиску до решение? Јас сепак би бил крајно внимателен во прогнозите.

Во мојата вчерашна колумна под наслов „Време е за план Б во спорот за името“, напишав: „Нашата дипломатија треба да предложи решение за дел од пакетот и да понуди меѓународно-правни гаранции (значи, меѓународна спогодба со Атина) дека ги продолжува разговорите до финално решение на спорот“. Освен тоа, се осмелив да предвидам дека една ваква наша иницијатива би била прифатлива за Атина. Ако е точно тврдењето на дел од грчките медиуми дека во однос на барањата на Атина за промена на Уставот, проценките се дека „Гордиевиот јазол би можел да се пресече со меѓународна спогодба, ратификувана од Советот за безбедност на ОН, која од моментот кога ќе се потпише, на ниво на меѓународен правен поредок, ја надминува силата на уставниот поредок на било која земја“, тогаш тоа е многу блиску до она што јас го нарекувам план за минимален напредок во спорот.

Ќе бидам прецизен. Минимален напредок значи цврст договор за новото сложено меѓународно име, во чија основа неизбежно мора да биде зборот Македонија. Мислам дека и тоа е апсолвирано. Финално решение, пак, е конечен договор за опсегот за употреба на тоа име. Неспокоен сум поради максималистичката позиција на грчката дипломатија, која сѐ уште инсистира тоа име да биде и за домашна употреба, но оптимист сум дека планот Б може да формулира привремено решение за опсегот прифатливо за двете страни.

За крај, да повторам – сѐ зависи од нашата иницијативност и од робустноста на меѓународниот притисок врз двете страни да се најде прифатливо решение, кое сега, во оваа фаза на процесот, со минимално решение, ќе ни обезбеди брзо членство во НАТО, а подоцна, со продолжувањето на процесот, преговори за членство во ЕУ.

ПС: Мојот драг пријател Матс Стафансон, амбасадорот на Шведска, ми напиша порака за да ме поправи, објаснувајќи дека Турција со години преговара за членство во ЕУ, додека Албанија е земја членка на НАТО без започнати преговори со Брисел. Во право е. Ти благодарам, Матс! Со мала забелешка што јас мислам дека Турција со години со ЕУ преговара несуштински, без желба да договори штогоде.