Нека постои

Нарачателите на поздравите сакаа нивниот поздрав да не се изгуби во мноштвото други, односно да остане, да постои, да се врти на кајронот што е можно подолго и повеќе. Ах пуста суета. Покрај фотографиите од храна, егзотични места, егзотични фази и фаци, ќе има и навалица од политичари во „спонтани“ пози. Со една единствена цел која нема да ја напишат на статусот, ама се подразбира.

Пишува: Жанета Скерлев

 

Конзервативната партија на Велика Британија констатира дека треба да се преземат конкретни чекори за да се подобри  начинот на кој нејзините политичари и високи членови се претставуваат на социјалните медиуми. Или никаде ги нема, или се „здрвени“, или прават такви гафови што подобро она што го прават да не го прават, она што го мислат да си го чуваат за себе, а она што го фотографираат да го ставаат исклучиво во  семејните албуми. А со слајдови да „бомбардираат“ божиќни попладниња кога сите се пренајадени и поднапиени и никој и да сака не може да мрдне од фотелјите и софите. Тие сметаат дека ја губат битката со лабуристите, кои на социјалните медиуми се многу попопуларни, пред сè кај младите гласачи. Тоа е и ќе биде сè повеќе важно сега и во годините што доаѓаат. Така што кога врвот на партијата реши дека е потребен тренинг, консултантите  констатираа дека најдобрата платформа за „пи-ар офанзива“ за  ториевците е – Инстаграм.

 

Инстаграм пред сите други

 

Им рекоа дека тука може да постираат фотографии кои, сметаат инструкторите, ќе ги доближат конзервативците до помладата генерација што ториевските политичари ги гледа како вештачки и крути. Тие, велат, треба да најдат начин и да се претстават како „вистински“ луѓе. За таа цел им подготвија правилник и конкретни примери – добри и лоши. Постовите треба да раскажуваат приказни со кои луѓето, пред сè младите, ќе можат да се идентификуваат.

Значи, ториевец како здрвено гледа во објективот, облечен во триделен костум – не. Ториевец што си го сликал ленд роверот, а во заднина се гледаат зелените полиња од приватниот имот, плус напишал текст „ова е вистинската Англија“ – не. Групни слики од конференции на кои не се знае кој е кој – не. Но, фотографии со смисла за хумор, кои кажуваат што прават политичарите, од контакти со луѓе, како работат, постови со кои тие комуницираат со оние што коментираат на нивните постови, на умешен начин користење историски настани – да, да и да. Во моментот, конзервативците на инстаграм имаат 20.000 следачи. Лабуристите 50.000. Ќе видиме дали инструкциите ќе вродат со плод и дали лекциите ќе бидат научени.

Имаше многу коментари зошто консултантите решија да го предложат Инстаграм, а не некоја од другите социјални платформи, како на пример Фејсбук или Твитер или Снепчет. За Фејсбук, и покрај големиот број предности за стекнување пријатели и бизнис, и самиот продукт-менаџер Самид Чакрабати рече дека не бил добар за политика. Не само поради мноштвото фејк-профили  – Фејсбук официјално соопшти дека не може да гарантира оти социјалните медиуми се добри за демократијата. Слично и Твитер. Можеби е добар, ама само за американскиот претседател Доналд Трамп, кој води политика со него. Но, Твитер не им одговара на политичките партии, освен можеби што ја направи популарна Ти парти, или партијата Чајанка. Со Твитер се групираат или се организираат луѓе што мислат слично и тој се покажа како ефикасен за демократизирање и протресување на инертноста на современиот политички дијалог, за добро или за лошо, велат, за да станеме она што сакаме да станеме. Со тоа што најчесто немаме поим што сакаме да станеме…

 

Политичарите вежбаат селфи

 

Снепчет, консултантите воопшто не ја зедоа предвид. Платформа што кај политичарите нема никакви шанси. Да направиш фотографија, да ја пратиш, тој што ја добива да ја отвори, да ја види и таа да исчезне?! Тоа е за младите што комуницираат со стотици пораки и фотографии, кои постојано сликаат и комуницираат. А не за политичари, за Балканци и за Македонци, би додала јас. Сите овие категории сметаат дека имаат многу важни работи да кажат на социјалните медиуми и сакаат тоа да остане што е можно подолго и да го видат и да го прочитаат што е можно повеќе луѓе.

Што ме потсети на една музичка емисија на телевизија кај која гледачите можеа да пратат пораки по мобилен и да поздрават некој или некоја близок или сакан. Па пораките одеа на екранот на долниот дел на кајрон под музичката нумера во стилот – поздрав на Цобе од Нада, нека постои… поздрав на Јовица од Жане, нека постои… Долго време се чудев што добога им е ова „нека постои“ дали да постои Цобе, дали да постои Нада, дали да постојат Јовица или Жане, што порака или тајна шифра им е. За потоа, бидејќи сум природно интелигентна, ама некогаш ми треба малку време, да ми текне дека нарачателите на поздравите сакаа нивниот поздрав да не се изгуби во мноштвото други, односно да остане, да постои, да се врти на кајронот што е можно подолго и повеќе. Ах пуста суета, да ти се врти името, да ти постои, да ти постои, па макар една две  минути и сите да те прочитаат на телевизија.

И  така и политичарите тргнаа да го освојуваат Инстаграм. Вежбаат селфи, што не е лесно, знам од сопствен пример, мене ретко ми успева. Некои веќе ангажираа професионални фотографи за да изгледаат „спонтано“. Впрочем, така прават и професионалците што заработуваат од социјалните медиуми. Други ќе вежбаат дома пред огледало. И сега,  покрај фотографиите од храна, годишни одмори, егзотични места, егзотични фази и фаци, ќе има и навалица од политичари во „спонтани“ пози. Со една единствена цел која нема да ја напишат на статусот, ама се подразбира. Нека постои.