Недостоинство на лажниот идентитет

Грците не побараа спомениците на Александар и татко му да се тргнат, зашто тие ја гарантираат најдолната можна позиција на нашата страна во преговорите за името.

584
Mирослав Грчев
Mирослав Грчев

Мирослав Грчев

Со арамиското преземање на идентитетот на потомци на античките Македонци, фашизоидната хунта на Груевски на измама му го замени на народот македонски неговиот модерен идентитет за украден и лажен, при што оваа замена е платена со губитокот на најнеобновливиот ресурс на нацијата – нејзиното достоинство. Затоа, секој Македонец со минимум достоинство и морална интуиција, мора да чувствува тешко понижување зашто без да биде прашан бил престорен во припадник на нација која – поради одвратно големиот споменик на Александар Трети Македонски на главниот плоштад од престолнината – целиот свет ја смета за идентитетски конфузна и недостоинствено ментално лабилна.

Обратно од клишето

Всушност, со мамењето на нацијата дека целиот нејзин идентитет се содржи во името и дека единствена содржина зад него е нашето кобожемско античко македонско потекло, режимот на ВМРО успеа да ја уништи самата суштина на националниот идентитет и достоинство, разорувајќи ја неговата културна содржина.

Зашто, да се потсетиме: идентитетот на личноста е знаењето за самиот себеси и свеста за сопственото сепство, додека националниот идентитет е сублимат од институционалната меморија за културните факти во која се преплетуваат и општествено-политичките и државно-правните аспекти на колективното сеќавање.

Личните и државните имиња се, значи, само формалните ознаки на огромните психо-социјални и културно-историски идентитетски архиви на чиишто кровови се веат идентитетските симболи. Имињата и називите се само натписи над влезовите на зданијата во коишто се сместени идентитетските содржини и во чиишто депоа трансцентентно егзистира духот на националното достоинство.

Испаѓа дека работите се токму обратни од пречесто повторуваните клишеа во македонската јавност, зашто луѓето и државите често си ги менуваат имињата без последици по идентитетот и достоинството, додека суштинското менување на когнитивната и културната содржина кај личноста е симптом на тешко психичко заболување, а кај нацијата е симптом на нејзината декултурација и исчезнување. Така што, дифамирајќи ја социјалистичката македонска култура и историја, и, заменувајќи ја вистинската херојска епопеја на македонските партизани и полвековниот девствено македонски културен производ со лажната митологија за македонското златно доба под знамето на Александар Трети Македонски, фашизоидната вмровска деценија ја помножи со нула единствената реална македонска култура, а со тоа и супстанцата на македонското постоење и достоинство.

Навидум оперетската кич претстава со „Скопје 2014“ како сценографија, успеа да  изврши вистински културоцид над македонскиот културен идентитет, после кој станува тегобно и да се зборува за македонската култура или за македонскиот идентитет, а уште помалку за македонското национално достоинство.

Денес, кога во неверојатната и исто толку неизвесната разврска на Гордиевиот грчко-македонски спор околу нашето име, идентитетот и достоинството станаа клучните зборови што жонглираат на сечилото што води до решението, ние мораме да се отрезниме и да ги сфатиме реалностите на нашата позиција. Тука најважна е „надворешната“ функција на идентитетот – како перцепција и препознавање од страна на светот, и на достоинството – не како наше интимно чувство, туку како наш одраз во очите на другите од кој произлегува признанието дали и колку сме вредни за почит и достоинство.

Најдолна можна позиција

Вистината тука е сурова: додека нè препознаваше според „титовката“ со петокрака, светот нè почитуваше како млада, горда и достоинствена нација која се самосоздаде во антифашистичкиот огин на Втората светска војна, додека денес во нас гледа очајна нација со тешко пореметување на идентитетот, гледа умоболник со заменет идентитет, кој наместо вообичаената наполеонска шапка, на главата го накривува импровизираниот шлем на Александар со црвена метла како петелска кикиришка озгора. Каква може да е тежината и респектабилноста на нашата преговарачка позиција додека нашиот идентитетски споменик штрчи и ечи со своето малоумие на плоштадот Македонија?

Практично сето напишано погоре е цитат или парафраза од текстови што ги напишав пред години, додека режимот на ВМРО ги реализираше своите злостори над македонската држава и култура. А, зошто е сето тоа актуелно и денес, кога сме веќе година дена „ослободени“ од вмровското зло? Пред сè затоа што длабоките структурални штети што вмровскиот фашизам му ги нанесе на македонското општество егзистираат сè уште длабоко вградени во нашата денешнина, заедно со Алехандро и неговото семејство како моќни докази дека нашата идентитетска шизофренија е сè уште акутната болест на колективната свест што нè идентификува. Така што, најважното прашање денес гласи: зошто Грците во ниту една фаза од преговорите не побараа компромитирачките споменици на Александар и татко му да се тргнат?!?

За одговорот не е потребно премногу ум: затоа што чудовишните монументи во центарот на престолнината ја гарантираат најдолната можна позиција на нашата страна во преговорите за името. За жал, нашата национална глупост отелотворена во спомениците на Александар и Филип е најсилниот грчки џокер во оваа валкана игра, без оглед дали ние тоа го сфаќаме или не.