НЕ за промена на името не значи дека сум „вмрон“

Ако не сум за промена на името, не значи дека сум „вмрон“, „ретроградна сила“, „против интеграции“. Јас сум оној што беше против претходниот криминален и ненароден режим, кој сака влез во ЕУ и членство во НАТО.

865
Бобан Карапејоски

Пишува: Бобан Карапејоски

Ова е мојот последен статус за името. Бидна што бидна. Тоа е тоа. Некои прашања не заслужуваат одговор, а едно од нив е дали сум за промена на уставното име на мојата држава и за лична карта на која ќе пишува Република Северна Македонија. Така јас ќе се однесувам на евентуален референдум. Како што беше слоганот на СДСМ на референдумот за територијалната организација („Некои прашања не заслужуваат одговор!“).

Ова е премногу

Мислам дека е премногу да се смени името на државата и за внатрешна употреба за сметка на гаранции за името на јазикот (кое е меѓународно атестирано и верификувано со децении), како и полуименувањето на македонскиот народ, за кое со никого не може да се преговара (зарем некој може да ми наложи на попис да се наречам поинаку од тоа за што се чувствувам?!).

Неколку илузии мора да се расчистат: НЕ! Нашето име никогаш не беше ФИРОМ. Не беше ни the former Yugoslav Republic of Macedonia. Тоа беше РЕФЕРЕНЦА, со која ни се обраќаа оние што не сакаа да нè викаат Република Македонија. Ние, од друга страна, секогаш самите си се ословувавме како Македонија и така ги потпишувавме сите документи.

НЕ! Ако не сум за промена на името, не значи дека сум „вмрон“, „ретроградна сила“, „против интеграции“. Јас сум оној што беше ПРОТИВ претходниот криминален и ненароден режим, кој сака влез во ЕУ и членство во НАТО. Пред сè, зашто сметам дека негуваат високи цивилизациски вредности. А врвна цивилизациска вредност е почитување на другиот, на неговото име, самоопределување и идентитет.

Така што, нека запре црната пропаганда и лепењето етикети кон оние што не се подготвени да си го сменат името. Така нема да се постигне ништо.

Да го затвориме дуќанот

Конечно, живо ме интересира каде се барем двајца министри „од прва брзина“ на денешната прес-конференција. Дали не се согласуваат со овој договор, дали се на службен пат или се чуваат како „прва резерва“, ако сето ова пропадне, а некој треба да го продолжи патот?

До некоја следна политичка тема, денеска има избрано и нова Комисија за продажба на земјоделско земјиште, на пример.

А сега, ајде да збориме за високото образование, науката, уметностите, спортот и за музиката. Доста беше за политика, да го затвориме дуќанот. Денеска се доби одговор на прашањето дали во Македонија има „маж“ што ќе го смени името на државата.

Пуштај ја онаа антифашистичкана, „комуњарскана“: (северно)македонско име – нема да загине

(Преземено од Фејсбук)