Не е трева, ама пајак крева

Во меѓувреме доаѓа друг полицаец. Ѝ дава неколку налози од други коли што ги собрал и се смее задоволно.

439

Го знаете оној паркингот пред Зоолошката градина? Не тој големиот и убавиот, ами оној од другата страна, никаквиот, карпошовиот. Оној што е бесплатен. Тој земјениот, а тука-таму и асфалтираниот. Тој валканиот, ѓубросаниот, правливиот, калливиот. Е, тој, драги мои, вчера дознав дека веќе не бил паркинг, туку зелена површина. Просто да не ти се верува. Тој бил една прекрасна зелена површина. Ова ми го кажаа од Пајак службата на Град Скопје кога избезумено им се јавив барајќи си ја колата.

Нејсе. Таму била, ми олесна. Фатив такси и се нацртав на шалтер. И нормално, веднаш ме заклаа со 2.500 денари. Толку вредел, ми рекоа, хотелскиот апартман за автомобилот. Ќе ги прашав колку им вредат мајките, ама се воздржав. Прв посен ден, нели, башка без зејтин. Си ги дадов парите што си ги дадов, па се упатив на вториот шалтер, оној на МВР.

Таму, млада полицајка, преку сила 24 години.

– Добар ден – велам.
– Добар ден – ми вели.
– Јас дојдов по колата.
– Дај ми документите.

И почна да запишува нешто. Налози, чуда, врагови.

– 150 евра казна – ми вели ко од пушка.
– Ма 150 мајки…. – се воздржав. За што бе 150 евра? Затоа што колата ми беше оставена на паркинг, а вие сте се напраиле паметни?
– Колата ви била оставена на зелена површина, веднаш до Зоолошката.
– Е, кај има таму зелена површина, жити мајка?
– Е нема, ама така се води. Исто како да си паркирал среде Градски парк.
– Чекај, чекај… – смирувам тензија. Значи, сакате да кажете дека сум ја оставил колата на тревник кој всушност не постои?
– Така ќе му дојде. И вие не сте единствениот денеска кој паркирал на тој паркинг и кој останал без кола.
– На тој паркинг? Рече ПАРКИНГ?
– Зелена површина, де.

Во меѓувреме доаѓа друг полицаец. Ѝ дава неколку налози од други коли што ги собрал и се смее задоволно.

– Значи, те молам во иднина да внимаваш и да не ги креваш колите на колегите и на оние… Знаеш кои! – му се обраќа полицајкава на колегата со остар тон. Еве, погледни – вади неколку налози тргнати во посебна фиока – почнуваат да се бунат луѓето – му вели.

Не можев да издржам. Збеснав.

– Аха, значи во ред е да се креваат колите на обичните смртници, а на колегите и на луѓето од партија, не може, а? – ѝ велам.
– Тоа не е твоја работа.
(ја подавам прес-картичката) – А сега дали е ова моја работа?
– Добро, господине, па вие знаете дека полиција никогаш нема да си напише себе казна.
-Ахааа, па баш и не знаев за ова правило. Ќе може на писмено?
– Ама господине, да ви пишам негативни поени и да завршиме со ова веќе еднаш?
– А со зелената површина што правиме?
– Ќе мора да се помирите и во иднина да внимавате.
– Па во иднина може да ми кажете дека сум паркирал среде театар, на штиците кои живот значат.
– Знам, во право сте, ама тоа е.
– Мамицата!!!