Наместо паметни телефони, паметни деца

Mинистре, Вие сте сега прв на потег! А по вас ќе одат училишните инспектори, наставниците и родителите. На децата им го должиме нивното детство, во кое најмногу време, сепак, треба да посвети на учење и развивање разни животни вештини.

302

Охрабрува денешната изјава на министерот за образование и наука Арбер Адеми дека не треба да има место во училиштата за паметните телефони и за сето она што го попречува наставниот процес и му наштетува на квалитетот на наставата.

Но, за жал, тоа не е доволно. Потребна е акција, по примерот на Франција, а неодамна и на Албанија, каде што од септември ќе биде забрането носење и користење на паметните телефони за време на наставата од страна на децата, но и од страна на наставниците.

Наместо допрва да се отвораат дебати, треба да се донесе брза мерка, зашто јасни се последиците од злоупотребата на паметните телефони и зависноста и на децата и на возрасните од нив.

Од друга страна, наставниците мора да сфатат дека човек никогаш не престанува да учи и дека своите часови мора да ги направат крајно интересни, мотивирачки, креативни, прилагодливи и интерактивни. Истовремено, да најдат начин како да им укажат на децата дека зависноста од паметните телефони, социјалните мрежи и видеоканалите, всушност им го губи времето толку потребно за учење, кое никогаш нема да се врати, им ја окупира свеста, го брише контактот со реалноста и ги оддалечува од нивните обврски во секојдневниот живот.

Разбирливо е дека на децата не може да им се забрани присуството на интернет или пристап до разноразни дигитални игри, но за тоа треба да се одреди време во денот или во неделата кога тоа ќе се практикува. Дури и по цена да им се „запленат“ телефоните дома за време на работната недела. На децата им е најлесно да се препуштат на дигиталната забава и да бидат пасивни набљудувачи или да играат игри што немаат крај и создаваат фрустрирачки нагон за натпревар и докажување поради кој одново и одново им се навраќаат во стилот „Само уште еднаш…“.
Децата треба да ги научиме дека во денот има време за сѐ – има време и за игра и за учење и за „сурфање“ и чатување. Како и дека техниката треба да му користи на човекот за да му го олесни животот, а не за тој да ѝ слугува. Само со дисциплина, активности неповрзани со користење на техника и постојано објаснување, може да се постигне некаков баланс и исчекор. Обврската, секако, паѓа најмногу на родителите, зашто тие се тие кои им ги купуваат на своите деца паметните играчки за да не „заостанат“ пред нивните другарчиња. Родителите имаат тешка задача дома да го воспитуваат детето, а откако тоа ќе се врати од училиште или од надвор, да го превоспитуваат од навиките кое во меѓувреме ги собрало гледајќи ги своите другарчиња, кои имаат „супер добри“ родители кои сѐ им дозволуваат.

Како што вели една поговорка – за да се воспита едно дете, потребно е цело село. Така, целото општество, целата заедница – наставници, родители, роднини, треба позитивно да влијаеме врз децата кои своето детство треба да го обојат со џагор, книга и драсканици, а не со емотикони, знаковен говор, очила и свиткан ’рбет во најтемниот агол од собата.

Затоа, министре, Вие сте сега прв на потег! А по вас ќе одат училишните инспектори, наставниците и родителите. На децата им го должиме нивното детство, во кое најмногу време, сепак, треба да посвети на учење и развивање разни животни вештини. Време е државата да се изјасни дали иднината ќе ѝ ја препушти на „паразити“ со паметни телефони или на паметни, образовани и вредни деца.

(Плусинфо)