На вонредни или не, прашањето е сега, другарче?!

Затоа и мислам дека инстинктот на „другарчето“ ќе го разврзе и овој политички јазол. Човекот покажа дека има смисол, храброст, а и лична склоност кон прифаќање на ризик, поголеми од сите кои го опкружуваат и кои му конкурираат.

684

Неверојатна е двојноста на аргументите кои можат да помогнат при решавањето за тоа дали треба да се оди на вонредни парламентарни избори или не.

На пример, од една страна, може да се тврди дека овој пратенички состав, после сите перипетии за заокружување на Преспанскиот договор, е веќе политички „потрошен и уморен“ за постигнување на големи реформски подвизи коишто допрва нè очекуваат во годините на интензивирањето на европските интеграции; од друга, откако веќе го состави двотретинското мнозинство во овој собраниски созив во рамките на Преспанскиот процес, Владата може полесно да „оперира“ со собраниските пратеници токму во поддршка на европската агенда заради којашто и се изведоа сите контроверзи што го следеа Преспанскиот договор. Вклучувајќи ја и разрешницата на изгледната уставна криза со „цензус“-пропаѓањето на претседателските избори во првиот или во вториот круг од гласањето, што може да доведе до уставна редефиниција за начинот на бирање на претседател во државава.

Или очекувањата на меѓународната заедница: од една страна, после постигнувањето на мачниот и долготраен историски компромис со Грција, дел од меѓународната заедница јавно предупредува дека е време за посветеност во спроведување реформи, а не за трошење време на политички игри и натпревари кои се синоним за спроведување вонредни избори; од друга страна, факт е дека, заради европските парламентарни избори во мај, ние нема да имаме „европска власт“ до средината на ова лето, што се поклопува со евентуалниот вонреден изборен процес и во Македонија, за „свеж старт“ на евентуална нова влада во Скопје, паралелно со новата Европска комисија во Брисел.

Или состојбите со и во опозицијата, коишто се секогаш во врвот на проценките кога која било власт носи одлука дали да излезе на вонредни избори: од една страна, изборниот коалиционен потенцијал, а и успешниот изборен „наратив“ на сегашната власт е неспорно поголем од она на што може изборно да се надева опозицијата; од друга страна, нашата опозиција која е и политички и персонално (особено во самиот колективен врв на партијата) „притисната до ѕидот“ на сопствениот опстанок, во вонредните избори гледа последна шанса за сопствено докажување и голо преживување, што може да резултира со висока мобилизација и непријатно изборно изненадување за власта, надвор од сите претходни предизборни калкулации и проценки.

И така натаму. Секој про и контра изборен аргумент има свое лице и наличје, свое „за“ и „против“, свои пресметани и непресметливи ризици. И, како што стојат работите (а и гласините), токму тоа е причината за поделеноста и спротивставеноста на ставовите во владејачката СДСМ околу тоа што има повеќе смисла, да се оди или да не се оди на вонредни избори?

Сепак, покрај „студената“ анализа на објективните политички околности, во решавањето на дилемата дали да се трча на избори ќе одлучуваат и субјективните пристапи во врвот на власта, пред сè кај претседателот на владејачката партија, Зоран Заев. За еден премиер, изборите се секогаш ефикасно и темелно решение за кадровско прередување на власта, во ситуација во која и тој самиот е свесен дека владиниот тим околу него, не само во првите ешалони, не дава подеднакво задоволителни резултати во досегашното владеење на партијата. Изборите би биле шанса и за нов коалициски договор со албанските партнери (пред сè со ДУИ), бидејќи и кај нив е за очекување дека би дошло до кадровско освежување (а можеби и расчистување?!) околу Али Ахмети, чијашто владина екипа во важни ресори и нивоа на власта темелно и „комерцијално“ ги компромитира реформските напори на економската и правната држава во Македонија.

Но, на крајот, после сите аналитички сита и политикантски филтри, после сите колективни совети и поединечни сугерирања, одлуката ќе биде на самиот Заев и на никого друг дали да влезе во вонредна парламентарна трка или не. Оваа фаза од историјата на Македонија е цврсто врзана за неговото име, па и изборната победа или пораз ќе бидат неразделно поврзани со неговата политичка судбина и со ничија друга.

Затоа и мислам дека инстинктот на „другарчето“ ќе го разврзе и овој политички јазол. Човекот покажа дека има смисол, храброст, а и лична склоност кон прифаќање на ризик, поголеми од сите кои го опкружуваат и кои му конкурираат.

Кога би се ставале пари на тој облог, вонредните парламентарни избори изгледаат како сè поизгледна политичка опција.

Извор: Цивил медиа