Мразиме Албанци? Не! Не поднесуваме хулигани што навредуваат на етничка основа!

Прво, станува збор за страшна и безобразна навреда, од која секој чесен Албанец мора да се огради (не мора јавно, се разбира).

560

Пишува: Бранко Героски

Фејсбук утрово ме потсети на еден мој пост од 22 мај 2014 година, точно пред четири години. Еве што сум напишал тогаш:

„Ова им го реков сабајлево, на утринскиот колегиум на ‘Слободен печат’, на моите колеги, кои известуваа за настаните во Ѓорче Петров (има тука и нешто што не го кажав баш со тие зборови, ама го мислев).

Драги колеги, ние сме последните луѓе во оваа земја за кои би можело да се каже дека мразиме Албанци. Најпоследните! Новинар кој не известува, едноставно, не е новинар. Тој е ‘горд послушник’. Корумпиран. Цензуриран. Диригиран. Кретенизиран. Изглупиран.

И затоа, колеги, бидете на местото на настаните, отворете очи и слободно известувајте. Ако на погреб се плаче, опишете ги солзите. Ако на улица се дивее, опишете го насилството. Не се плашете ако некој ви рече дека ги ‘подгревате страстите’. А ако некој од луѓето во сино ви рече ‘што к.. бараш тука, ма’, слободно да му речете – што к.. тебе те боли, бе!“

Беше тоа една трагична случка, едно убиство и протести потоа. Не би сакал сега да ги опишувам настаните, за да не предизвикам дополнителна болка кај засегнатите. Сакам само да кажам дека вчера сo истата дилема – да не ги подгреваме страстите? – се соочив размислувајќи дали да известивме за недоличното поведение на група навивачи на фудбалскиот клуб „Шкендија“, кои со песна навредлива за Македонците ја прославија шампионската титула.

И пак донесов истоветна одлука. Да известиме за срамниот настан. Новинар кој не известува, едноставно, не е новинар. Тој е ‘горд послушник’. Корумпиран. Цензуриран. Диригиран. Кретенизиран. Изглупиран. А ние такви не сме и немаме намера да бидеме.

Според очекувањата, добив многу критики и навреди поради тоа што известивме за скандалот. На сите критики одговарам јасно и гласно:

Прво, станува збор за страшна и безобразна навреда, од која секој чесен Албанец мора да се огради (не мора јавно, се разбира). Второ, сигурен сум дека најголем дел од навивачите на „Шкендија“ не се хулигани. И трето, јас и моите колеги сме навистина најпоследните луѓе во оваа земја за кои би можело да се каже дека мразиме Албанци. Јавно и остро ги критикувавме хилиганите кога бараа „гасни комори“ за Албанците и скандираа „чиста Македонија“. Тоа ни дава морално право да критикуваме и некои други хулигани за кои „Македонско девојче“ е „к…. голема“.

Во прашање е принцип. Од кој нема отстапување. Па колку чини, нека чини!