МПМ – тоа беше Керим!

Излегувајќи од распитот во СЈО, Срѓан Керим денеска самоуверено ќе изјави: „Ќе кажеме сѐ кога ќе дојде време“. Колеги од МПМ, познато ви е тоа глуматање. Дојдено е времето сега вие да кажете сѐ што знаете. Отворете уста, заради вистината, а во името на професионалната чест што ви беше одземена, за потоа да бидете фрлени на улица. Си го должите тоа на самите себе.

671

„Дневник – тоа сум јас!“ Во 2004 година, овие зборови Срѓан Керим ми ги подметнуваше, во својот обид да организира заговор за мое сменување од кормилото на весникот. Беше тоа ординерна лага и сите знаеја дека е така. Но, без поддршка од најблиските соработници, емотивно повреден и разочаран, се повлеков без борба. Подоцна сфатив дека сум згрешил и си ветив никогаш во животот веќе да не се повлекувам без борба.

Империјата на Керим, компанијата Медија принт Македонија, ја поразив(ме) со битка на теренот. Во почетокот, додека луѓето од старата екипа дневниковци му ги водеа и бизнисот и главната редакција, Керим се држеше. Подоцна, откако од империјата исчезнаа сите луѓе од тој дрим-тим и таа стана негова прчија, во која на челни места си постави ојлевци и дојлевци, мене ми стана јасно дека порано или подоцна, МПМ ќе падне на колена. Како што и се случи.

И затоа денес, со внимание, па и со радост, да бидам искрен, го следам почетокот на истражната постапка, која се води за Срѓан Керим и за директорката на МПМ, Јана Станисављева, наводно осомничени за кривичните дела лажен стечај, злоупотреби на средства на доверители поврзани со работата на МПМ, како и злоупотреба на службена положба. Не знам и не е мое да судам дали се извршени такви кривични дела. Не ја познавам Станисављева и не можам да судам за нејзината вина за распадот на МПМ. Но, едно сигурно знам – истражителите мора да се фокусираат на улогата на Керим во распаѓањето на МПМ и во затворањето на дневните весници „Дневник“, „Вест“ и „Утрински весник“.

Имав прилика добро да го запознам тој човек. Ги предупредувам истражителите и сите други кои ќе бидат инволвирани во постапката, да не паѓаат лесно на неговата слаткоречивост, а и да не „муљаат“ нешто, оти знаеме дека Керим има моќни пријатели во секоја власт. Особено е важно да се отфрли лагата дека за пропаѓањето на МПМ биле виновни сопствениците, на чело со Камчев. Оти, имало и ќе има обид на вистинските виновници да се извлечат, со префрлање на одговорноста за пропаста на МПМ на други лица.

Мора да се знае дека од преземањето на трите дневни весници од страна на германската компанија ВАЦ и особено после подоцнежните сопственички промени во компанијата, Срѓан Керим е човекот алфа и омега во МПМ, мастермајнд на проектот на груба партизација и потоа и на пропаѓање на трите весници. Ги повикувам колегите од поранешните редакции на МПМ да се охрабрат, да сведочат и да им помогнат на истражителите да ги откријат вистинските виновници за овој случај, во кој несомнено има криминал.

Излегувајќи од распитот во СЈО, Керим денеска самоуверено ќе изјави: „Ќе кажеме сѐ кога ќе дојде време“. Стари финти се тоа, колеги од МПМ, познато ви е тоа глуматање. Дојдено е времето сега вие да кажете сѐ што знаете. А знаете многу. Отворете уста, заради вистината, а во името на професионалната чест што ви беше одземена, за потоа да бидете фрлени на улица. Си го должите тоа на самите себе.