Мицкоски и Каракамишева недоволно посветени бранители… на Амнестијата

Заев и Шекеринска често свикуваат брифинзи со експерти, универзитетски професори, поранешни дипломати и креатори на јавното мислење со најразлични афилијации. Говорат, но и слушаат и ја запишуваат секоја поента на тие средби, вредно и со почит кон сечие мислење.

539

Мицкоски и армијата тролови на ВМРО-ДПМНЕ ѝ се „пожалија“ на јавноста дека Заев и Шекеринска дошле неподготвени на Лидерската средба. Што може да значи тоа, сепак, не објаснија. Ако знаеме дека Лидерската беше посветена на референдумот и процесите поврзани со него, малку е веројатно дека се неподготвени токму оние што се мотори на овие процеси, бидејќи го знаат секој и најмал детаљ од тие процеси. Не би можеле да бидат ни тајновити околу овие теми, бидејќи се постојано во јавноста и дискутираат за тоа во секоја можна прилика. Колку што ми е познато, ни еднаш не одбиле учество на јавни настани на кои исцрпно одговараат на секое прашање.

Заев и Шекеринска често свикуваат брифинзи со експерти, универзитетски професори, поранешни дипломати и креатори на јавното мислење со најразлични афилијации. Говорат, но и слушаат и ја запишуваат секоја поента на тие средби, вредно и со почит кон сечие мислење. Сум бил дел од тие брифинзи со двајцата највисоки претставници на СДСМ и на Владата, а на масата седеа релевантни независни индивидуи, но и поддржувачи, како на леви, така и на десни политички опции во земјата. Е, како тоа Заев и Шекеринска биле неподготвени на Лидерската?

Се обидов да дојдам до детали, не толку познати за јавноста, а за кои сум сигурен дека треба да се знаат, за да се обезбеди достоинствено и информирано учество во процесите пред нас.

Всушност, Мицкоски и неговата придружничка, иако носеше две тешки торби на Лидерската, дошле подготвени, но на друга тема. Дошле подготвени, но на темата Амнестија! (за читателите во странство: Мицкоски е во кампања да обезбеди амнестија за тешките криминали на претходната власт во замена за соработка во процесот за интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО.)

Но, според тоа што дознавам, ни на таа тема не биле доволно подготвени, а ниту посветени, па на скалата од еден до пет, би добиле една солидна, но не и одлична оценка: 3+. Значи, ем ја утнале темата, ем не биде потполно подготвени и посветени на задачата што им била зададена од кичестата партиска палата. Значи, потенцирам: Босовите на Мицкоски и Каракамишева треба да знаат дека нивните марионети не покажале доволно посветеност на темата Амнестија. Да не зборуваме за отсуството од волја на Мицкоски да го сподели товарот со Каракамишева и да земе една од нејзините тешки торби…

Мицкоски и Каракамишева на преговорите покажале извесно знаење и декларативна поддршка за македонската иднина, значи, преодна оценка – 2. Сепак, ако се оценува нивната посветеност кон македонската иднина, тие ја делат оценката со партијата, односно газдите за кои работат, а тоа е нула.

Мицкоски се наоѓа пред тежок избор пред продолжување на преговорите меѓу лидерите на чиј намален број инсистираше тој, за да се почувствува што е можно поелитен во оваа трка со времето. Се разбира, неговиот потег со дисквалификување на помалите политички партии има и други цели, меѓу кои е и намерата да се избегне впечатокот дека тој и неговите пајташи се осамени и малобројни. Тоа е лош потег, за единица. Дека огромно мнозинство македонски граѓанки и граѓани сакаат да чекорат кон македонската иднина „и врапчињата знаат“, како што милуваше да каже неговиот сопартиец Митко Атанасовски – Врапчето, од првиот македонски парламентарен состав.

Како и да е, Мицкоски има генерална преодна оценка по првите две рунди преговори на Лидерската. Останува да видиме дали ќе избере да се подготви за македонската иднина или ќе остане закопан во Амнестијата за што, пак, не покажува доволно посветеност и подготвеност.

Добра вест е дека Заев останува цврсто на патеката кон македонската иднина во која нема место за амнестија за криминалците. Тоа се гледа од неговиот самоуверен и оптимистички израз на лицето и од широката насмевка.

За крај, да споделам една порака што ја упати заменикот на германскиот амбасадор Марко Акватичи, на приемот по повод неговото заминување од Македонија.

„Среќен сум што не заминувам брод што тоне, туку од брод кој со полна пареа граби напред кон својата европска иднина“ – рече тој.

Знаеме. Македонија чекори кон својата иднина. Во неа има место и за политичари кои ќе пропаднат на дното од политичките мочуришта, заедно со нивните барања за амнестија и со џебовите полни со рубљи. Ќе ни служат како добар, иако мрачен, потсетник во иднина.