Министерство за самотија

281

Од средината на јануари годинава, тековната министерка за спорт и цивилно општество, Трејси Крауч, ја доби честа да биде првата министерка за осаменост.

Пишува Жанета Скерлев

Добро, можеби е осаменост. Министерство за осаменост. Ама самотија некако ми делуваше подраматично епско-лирски потресувачки, па си реков ајде нека биде така за почеток. Британската влада, на чело со премиерката Тереза Меј, ги разгледа податоците, ги провери статистиките од сите страни, консултира научници, професионалци и угледни аматери и сите беа едногласни дека стапката на осаменост во земјата се зголемува, што значи дека некои работи во општеството одат по надолна линија. На пример, намалените социјални интеракции и намалената меѓусебна одговорност. Луј Четиринаесетти. Во превод, на луѓето како да им е се помалку гајле еден за друг, па дури и за самите себе. Соочена со овие факти, британската влада реши дека не може, а да не направи нешто по ова прашање. И формира министерство за осаменост.

Не ми е познато дали премиерката Меј, кога го обмислуваше предлогот за министерството, претходно ги слушаше Елвис Присли со „Дали си осамена вечерва“, Јес со „Сопственик на осамено срце“, „Само осамените“ на Рој Орбисон или некоја од стотиците песни за осаменост и депресија (проверете на Гугл, има стотици, ма какви стотици, илјадници, ма какви илјадници, многу вакви песни), за да влезе во вистинското „расположение“ за одлуката. Но, она што ни е и на двете познато е дека повеќе од 9 милиони жители од 66,5 милиони луѓе во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска секогаш или често се осамени. „За премногу голем број луѓе“, вели Меј, „самотијата е тажна реалност на современиот живот.“

И од средината на јануари годинава, тековната министерка за спорт и цивилно општество Трејси Крауч ја доби честа да биде првата министерка за осаменост. Се разбира, нејзината задача нема да биде да создава повеќе самотија, подобра самотија, да стимулира самотија, да распишува тендери за проекти за поквалитетна самотија… туку да изготви стратегија како да се намали осаменоста во Англија. Ќе има фондови, иницијативи, се ветува посебна стратегија, се бараат иновативни решенија и вклученост на заедниците. Па ајде да видиме.

Осаменоста, нормално, не е само англиски феномен. Веднаш се јавија и Американците кои рекоа – па и кај нас има многу осамени, да видиме што ќе смислат Англичаните со министерството, па ќе прифатиме нешто ако делува и ќе кажеме, ние им дадовме идеја. Французите рекоа „пффффф – англиска работа“, Скандинавците дека генетски се отпорни на самотијата, Балканците дека се сè лечи со чашка муабет…

Велат, можеш да бидеш со стотина луѓе околу и да бидеш сам. И да имаш само неколкумина со тебе и да ти биде фино.

Може да си осамен каде било, ама во туѓина-јабана, секогаш е посебно, нели. Кога дојдовме во Лондон, ни скајп, ни мобилни, ни евтини летови… Енглезиве во возови читаат весници и книги, никој не те забележува. Сега скајп, вотсап, интернет, евтини летови, сите гледаат во мобилните, никој не те забележува. Останува ти да направиш нешто. Ако не, ќе чекаш да направи нешто за тебе министерството за/против осаменост.

Самотијата знае да биде тешка, посебно на почеток кога си нов, кога живееш под кирија, почнуваш нова работа и не знаеш никој. И кога ти и твоите си доаѓате еднаш на две-три години. Освен ако немаш некој како мајка ми која „се нацрта“ по пет месеци за да види „каде дојдоа да ѝ живеат децата“ (Мојот и јас). Еднаш ја опишав самотијата како толку густа што може да се сече на парчиња и коцки да се редат. Ама потоа се стекнуваат пријатели. Со Англичаните тоа оди бавно. Проклето бавно. Ама оди. А со другите… Лондон е космополитски град и цел свет е тука и има такви како нас и треба само да се најдеме.

А се наоѓаме на чудни начини.

Неделно утро во шопинг-центар во Кингстон, со Мојот правиме план дали да купуваме храна сега или попосле и дали да се вратиме сепак да си ја купам онаа блузичката и така си разговараме… Кога до нас застанува едно детуле, пет-шест годишно, пумпалесто, метро и ќебапче, и на македонски нè прашува: „Вие од Македонија сте“? Ние го гледаме малиов, сам е, нема никој со него. „Од Македонија“, му велиме и гледаме наоколу да видиме со кого е, зашто тука мали деца сами не шетаат. Нема никој. „Каде живеете, од каде сте, кога дојдовте, каде ќе одите сега, што купувате, мене ќе ми купат сладолед моите“, вели ќебапчето кое не престанува да зборува, додека ние се обидуваме да го задржиме пред да ни отскита некаде додека или не се појави некој возрасен или не решиме дека е време за полиција и социјални служби. По 15 минути „запознавање“, се појавуваат избезумени мајка, татко и сестра, кои откако го гушкаат малиов, а сестра му му удира една „мацола“, се заблагодаруваат што сме го нашле и задржале. Така, пред многу години, ги запознавме Филип и неговите. Нè викнаа на кафе кај нив. Утре одиме кај нив на муабет. И сосема неважно со сето ова, да, си ја купив блузичката. Филип ја бендиса.