Маките по Меј

Мислам дека на Меј потајно ѝ е преку глава и од брегзит и од мажите околу неа. Ама се фатила во политиката, сама се кандидираше за премиерка и, засега, уште опстојува, зашто тука, ако брегзитот значи брегзит, бизнисот значи бизнис. Велат дека откако  се нафатила за премиерската позиција, покажала многу позитивни квалитети - упорна, одмерена, конструктивна. Но штета што не внесе повеќе жени во кабинетот. Штета што не е порешителна. И што не е харизматична. И што е конзервативна...

171

Беше тоа утро по денот што им донесе толку многу радости на Англичаните – конечно клетвата дека не ги бива за пенали беше победена и Англија се најде во четвртфиналето на Светскиот куп за фудбал, совладувајќи ја Колумбија. Потоа дојде катастрофата со Хрватска, ама ова се случува претходно.

Денот сончев, време погодно за многу работи, плус недела, ден во кој Англичаните прават најразлични работи. Одат на излети – пикник (ќебенце, сендвичи, англиски изум и немој некој да им каже поинаку, чај во термос и пивце-за-живце), одат на, или готват, традиционален неделен ручек, таканаречена неделна печенка со говедско, свинско, јагнешко или вегетаријанско печено со компири и најмалку два варени зеленчука, ги возат своите автомобили нагоре-надолу по автопатиштата, главно во средната лента и гушат, гушат, гушат… никаде не одат, се развозуваат, онака, „сандеј драјверс“ или…

Мек или тврд брегзит

 

Или, ако сте премиерка на Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска, ја собирате владата, односно кабинетот, односно сите министри и ги носите во Чекерс, вашата летна резиденција, каде што се обидувате да ги смирите раскараните страни и да се обидете да ги натерате да разговараат меѓу себе, да се извадат неколку ножеви од  неколку грбови, да се смират суетите,  зашто со разговор, нели, би требало се да се решава.

На температура од над 30 степени Целзиусови, што за Англија е прилично жешко, со помош на камерите што оддалеку снимаа, ги гледавме од далечина министрите и Меј како на тераса разговараат, мавтаат со раце (нетипично, обично ние Балканците сме како вентилатори кога објаснуваме нешто) што аналитичарите на говорот на тело го протолкуваа како вжештена дискусија и тоа не само поради времето.

Најмногу мавташе Борис Џонсон, харизматичниот министер за надворешни работи, познат по големиот број гафови  и по изјави за кои потоа се докажа дека ја растегнувале вистината, ја интерпретирале вистина на специфичен начин или дека биле – најобични лаги, и покрај тоа што луѓе од неговиот тим тоа до денешен ден го негираат.

Министрите ги оставија возилата и мобилните на влезот од средновековниот имот и разговараа со часови. Разговорите во Чекерс беа многу важни за Меј. Таа се обиде да го обедини кабинетот околку брегзит – дали излегувањето од Европската Унија ќе биде релативно „меко“ или „тврдо“, односно без многу отстапки кон ЕУ и оние кои сакаа задржување на потесни врски со Европа – бизнис, царински, во делови од законодавството, во науката и така натаму. Парламентот е наклонет кон „мек“ брегзит, но тврдокорните брегзитовци во партијата и во владата сакаат остро и брзо без оглед на цената која ќе треба да се плати. Посебно оние во владата, кои веќе извесно време сакаат да станат „калиф на местото на калифот“ и со месеци коваат планови во стилот на големиот везир Изногуд да и го земат местото на Меј. Но конечно, се чинеше дека кабинетот се договори – сите го потпишаа договорот за „мек“ брегзит и во доцните вечерни часови еден по еден си заминаа дома.

И осамна нов ден. Се разбуди Дејвид Дејвис, главниот министер што ги водеше преговорите за брегзит, се протегна, го испи чајот, касна тост и можеби погледот на ровко вареното јајце го потсети дека всушност сакал тврд брегзит па ѝ напиша на Меј дека поднесува оставка зашто се предомислил. Веднаш по него, истото го стори и оној харизматичниот, Борис Џонсон. Што појадувал не се знае, мора нешто егзотично, тој секогаш сакал да се разликува од другите. Па почна домино ефект, по овие двајца, оставки поднесоа уште тројца членови на кабинетот и неколку помлади министри, но никој не им ги запомни имињата…

На самитот за земјите на Западен Балкан, министрите ги поздрави  министерот за внатрешни работи Саџид Џавид (требаше Борис Џонсон), кој рече дека е тука и нема намера да поднесе оставка и ќе биде и попладне. Па им олесна на луѓето.

 

Сама со мажите

 

А премиерката Тереза Меј ја водеше попладневната сесија со премиерите на шесте земји од Западен Балкан, ги сослуша сите, им даде комплименти на Зоран и Алексис за договорот за името, вети британски пари за дигитализација и стручна помош и поддршка за  многу области за Балканот и остана до крај на самитот. Во меѓувреме направи  реконструкција, односно замени во кабинетот, виде кој од помладите министри исто така решил да си оди, замина во Брисел, се подготви за средба со Трамп и подизвади уште некој нож од грбот.

Па, што мислите, зошто жената оди така некако малку наведната?

Видете сега. Немам намера да ја бранам Меј. Само ми дојде малку жал за жената кога ја видов онака сама со мажите… сите бели, сите во години, сите гладни за нејзиното место. Да не беше Саџид Џавид, и  лилавото костимче на Меј, ќе немаше боја во владата. Не сум поддржувач на брегзит. Не беше ниту таа, за време на референдумот агитираше за останување во ЕУ, но сега се обидува да се справи со излегувањето со кое има повеќе сопки и сеири отколку конструктивна помош и дома и од  Европската Унија. Плус го „тера брегзит“ и постојано повторува „брегзит значи брегзит“ што ме вади од такт и ме потсеќа на разумен компромис е разумен компромис па…

Велат дека откако  се нафатила за премиерската позиција покажала  многу позитивни квалитети – упорна, одмерена, конструктивна. Но штета што не внесе повеќе жени во кабинетот. Штета што не е порешителна. И што не е харизматична. И што е конзервативна…

Но, едно морам да ѝ признам – има гардероба од мојата омилена креаторка Вивиен Вествуд. Тоа некако ѝ доаѓа како плус. Вивиен, која е лабуристка со педигре, не е одушевена од тој факт, ама бизнисот си е бизнис. Јас, пак, некако мислам дека на Меј  потајно ѝ е преку глава и од брегзит и од мажите околу неа. Ама се фатила во политиката, сама се кандидираше за премиерка и, засега, уште опстојува, зашто тука, ако брегзитот значи брегзит, бизнисот значи бизнис.