Македонија во нова димензија

Подвигот со уставните промени и со Договорот од Преспа е во изместувањето на Македонија во единствената, европска димензија, во која може да преживее, просперира и да се потврдува себеси како историски, политички, национален, државен и културен феномен.

1161
Фото Слободен печат

Пакетот на уставните промени, Преспанскиот договор и евроатлантските интеграции е подвиг без преседан во кратката политичка историја на Македонија. И во апсолутна и, особено, во релативна смисла, односно со оглед на најнеповолната можна политичката конфигурација во која е остварен, со оглед на невидените манипулации и хистеризации на кои беше изложено македонското општество и со оглед на вредносниот и културниот блок што беше поставен во главите и во срцата на Македонците за време на долгогодишната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

Ова што се случи во петокот или ќе се случи в понеделник, е ослободување на пеперутката од мрежичката на будалските митови и фрустрации, на рибата од сертмето на сувоземните кленови, на мувата од лепакот на вмро, на болниот од лажната самопретстава. Подвигот е во изместувањето на Македонија во единствената, европска димензија, во која може да преживее, просперира и да се потврдува себеси како историски, политички, национален, државен и културен феномен. Тоа беше битка против идејата Македонија да се конзервира, Македонците да се претворат во сардини затворени во лименката на ВМРО, да бидат остаклени вилерови гоблени во дневната соба на Сузана и Билјана, „Коњи на појилу“ или нешто слично.

„Ништо сопствено на човек не може да му импонира; според тоа, ако ни импонира нашата величина или нашето минато, тоа е доказ дека не ни се влезени дoволно во крвта“.

Узурпиран македонизам

Во нашиот случај, зборовите на мојот омилен писател значат дека овие што самите на себеси импонираат така што се обидуваат да го минираат историскиот воз со своите политички говна што ги серат пред Собранието, всушност, не се доволно Македонци. Македонството не им е влезено во крвта, туку циркулира екстерно, како театрална провинциска гомнарска појавност.

Наспроти тоа, Македонија го истури вишокот бесмислен, патетичен, ментално узурпиран македонизам, како песочен баласт на балонот што мора да продолжи да лета. Остварувањето е далеку над нашите заслуги како нација. Во некој чуден стек на околности ние и овој пат имавме специјален, повластен, промакедонски третман од страна на Историјата. Без тој историски фон создаден од триењето на големите геополитички блокови, немаше да имаме ваков епохален резултат, а веројатно немаше да ја имаме и Македонија.

Но, тоа не значи дека Македонија беше само објект на надворешните влијанија и судири на интересите. Не, да не беше важен внатрешниот фактор, проблемот одамна ќе беше решен. И затоа, макар што некои ми префрлаат дека сум премногу хвалоспевичен, јас и тука ќе кажам дека со сета почит кон благородниот и добронамерeн сервис на меѓународната заедница, на САД и Европската унија, на Франција и на Британија, на Германија и на канцеларката Меркел, посебно, работите немаше да стигнат до кај што стигнаа да не беше визијата, храброста, широчината, добронамерноста, тактичноста, посветеноста и напорот на господинот Заев и на неговата екипа, предводена од министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Подвигот што тие го направија не е од редот на македонската политичка доктрина, култура и пракса. Тоа е друго, многу повисоко ниво. Со оглед на вкупните констелации, многу над нивото што беше остварено дури и при самата конституција на независна Македонија. Немаме ниту приближно такви остварувања и во независна Македонија и во она што беше во состав на Југославија.

Ние се плашиме да ги воспеваме нашите исклучителности како што не сме спремни и да ги препознаваме и критикуваме и исправаме, како што треба, нашите свињарии, се плашиме од екстреми, тендираме кон медиокритетството и затоа ни е многу необично кога треба за некои луѓе да кажеме дека направиле нешто исклучително, нешто апсолутно добро во однос на општото добро, ризикувајќи ги своите кариери, а во некои моменти и своите животи.

Најповолна платформа

Уставните промени, Договорот од Преспа и евроинтеграциите, не се решение на македонски проблеми, тие се најповолна платформа на која тие проблеми можеме да ги решаваме.

Сите компромиси што во врска со целиот проект, на една дневна основа, ни се чинат како преголеми и дури недозволиви, многу бргу ќе се развеат како пичкини димови на позадината на епскиот успех. Жал ми е само за луѓето кои беа заведени и кои многу бргу ќе сфатат дека џабе мрзнеле и се глупирале, затоа што македонството не само што нема да загуби ништо туку, напротив, ќе добие се!

Обратно од ВМРО-ДПМНЕ, тие губат се и ја потврдуваат мојата теза дека се чипирани идиоти што цело време работеле и работат против Македонија.

Рехабилитацијата на правната држава и демократските процедури, борбата против корупцијата, реформата на медиумите, вредносните и културолошки промени, промените во образованието, во бизнис сферата, тоа се темите на кои Заев, како европски лидер, со екипата што мора да ја освежи и консолидира и со партијата која исто така мора да ја осовремени доктринатно и кадровски, ќе мора поинтензивно да им се посвети. И преку тоа, зашто проектот на модернизацијата на Македонија мора да биде натпартиска, инклузивна работа.