Лекар или баба Рада, прашање е сега

Лекар или баба Рада, прашање е сега

445
SHARE

Новиот министер и не толку новата Влада време е да излезат и да кажат дали се потребни лекари и што точно ќе направат за да ги задржат тие што ги имаме. Ако нè лекува баба Рада, тогаш нека ја вратат на ТВ.

Пишува Мими Шушлеска-Петкова

Последниве години, месеци и денови се претера со апелите – нема лекари, нема лекари, нема лекари… Ама проблемот не се реши.

Бебиња и родилки умираат сè повеќе и повеќе. Слободен термин за преглед се чека со месеци, луѓето умираат пред да дојдат на ред во „мој термин“. Врски мора да се фаќаат за да дојдете побрзо на ред и кај добар лекар во приватните болници, зашто и таму има многу пациенти. Буквално преживуваат само тие што имаат многу, многу среќа.

А што се прави за да се реши овој проблем? Практично, речиси ништо. Најмалку три-четворица министри божем се думаа како да го решат проблемот со големиот број починати доенчиња и родилки, а не се зголеми бројот на специјализации за гинекологија и педијатрија. Десет години нема ниту една супспецијализација за неонатологија, односно за создавање супспецијалисти од кои зависи животот на бебињата во интензивните одделенија. И затоа покрај недоносените умираат и доносени бебиња родени над три килограми.

Не само што ништо не преземаат на своја иницијатива, туку оние што ги носат одлуките во здравството со години се глуви за барањата на лекарите. Матичните лекари со години бараат пациентите да се водат на ординацијата, наместо на лекарот. И сè нешто се зборува, се договара, но никако да се договори. А за тоа време пациентите и лекарите губат, ама добива Фондот за здравство, зашто парите од здравственото осигурување остануваат во касата за да може да се даде плата на некој копирант, шофер или друг профил на партиски административец.

Новиот министер и не толку новата Влада време е да излезат и да кажат дали се потребни лекари и што точно ќе направат за да ги задржат тие што ги имаме. Ако нè лекува баба Рада, тогаш нека ја вратат на ТВ.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY