Лажен аларм за лажни вести од Руската амбасада во Скопје

Додека еден прст вперувате во нас, погледнете - три прста се вперени во вас. Откако ќе ги отплеткате ќе видите дека уредувањето на медиумите не се во опис и попис на вашата работа. Туку на нашата.

404

Руската амбасада во Скопје вчера ги обвини медиумите во Македонија, конкретно споделувајќи на Твитер текст од порталот Плусинфо, за „ширење тенденциозни толкувања и лажни вести за ставовите на Русија по прашањето за името на Република Македонија“.

При тоа, Амбасадата ги повика читателите да бидат внимателни.

Внимателни за што? Сметаме дека изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој вчера во Москва имаше средба со неговиот грчки колега Никос Коѕијас, е пренесена коректно и без никакви тенденции. Така што предупредувањето до читателите да бидат внимателни е само обид за матење на водата, бистра да не е, како и обид да се впери прстот кон еден од најрелевантните интернет медиуми во земјава и тој да се вплетка во некакви политикантски и наменски игри со нејасни цели. Навика, која ни е добро позната од времето на владеењето на претходната власт, која ги подели медиумите на нејзини и на тие што се против неа.

Агенцијата МИА, вчера, повикувајќи се на Спутник од Белград, пренесе изјава на Лавров, а која Плусинфо ја преобјави, според која тој изразува надеж дека договорот за новото име на Македонија ќе биде во интерес на Атина и на Скопје и дека ќе го поддржат граѓаните и на двете држави.

Пренесен е и ставот на Лавров според кого, Русија отсекогаш се залагала за решение без надворешно мешање, без условувања и без поставување крајни рокови.

– Говоревме дека ќе го поддржиме решението кое ќе биде во интерес на Грција и на Македонија и кое ќе има широка народна поддршка. Се надевам дека договорот кој вчера беше објавен е токму таков – изјави Лавров на прес-конференцијата со Коѕијас, пренесе Плусинфо.

Ако Руската амбасада алудира дека треба да се нагласи воздржаноста на Москва во однос на успешноста на референдумот и имплементирањето на договорот, тогаш ќе ги упатиме на изјавата на премиерот Зоран Заев, кој нагласи дека граѓаните ќе го имаат конечниот збор и дека ако една од двете земји не успее да го прифати договорот тогаш тој нема да важи.

Што е тука лажно? Каде Руската амбасада тука ја гледа тенденцијата за ширење толкувања и лажни вести за ставовите на Русија? Очигледно, слонот е во нивното око, кое е навикнато да гледа само лажни вести или да ги мотивира. Целиот свет отворено се сомнева токму во Русија дека преку лажни вести со цел мешање во внатрешните работи води специјални војни со одредени земји.

Додека еден прст вперувате во нас, погледнете – три прста се вперени во вас. Откако ќе ги отплеткате ќе видите дека уредувањето на медиумите не се во опис и попис на вашата работа. Туку на нашата. Затоа покроце со лажните аларми.