Консензуалниот претседател на ФФМ!

Собранието на ФФМ продолжува да бира фудбалски лидери без оглед на компетентноста на кандидатот. Сејдини нема ни програма, ни фудбалско, ни менаџерско портфолио, но има хендикеп – беше десна рака на Ѓорѓиоски. Зошто е, тогаш, Мети единствен кандидат? Затоа што не оди на туѓа свадба?

В недела нема да има фудбалски избори, туку само промоција на единствениот кандидат Муамед Сејдини во претседател на Фудбалската федерација на Македонија!

Зашто за избори, како и за љубов, потребни се барем двајца. Освен ако кандидатот не е „во љубов“ со некој од коалициските партнери во власта. Ако не се реализираат најавите на Агенцијата за млади и спорт (АМС) дека на ФФМ ќе ѝ биде одземено решението за вршење дејност спорт, Сејдини, во фудбалските клубови познат како Мети, треба да ја преземе Федерацијата во најважен период во историјата на македонскиот фудбал. Македонија в година, преку баражот, може да го оствари долгогодишниот фудбалски сон – да се пласира на Европско првенство, и тоа со само две победи против репрезентации против кои „црвено-жолтите“ се фаворити. Заканите на АМС ме потсетуваат на сличните од пред повеќе од една деценија. Тогашниот фудбалски суверен, Хари Хаџиристески, заштитен од ФИФА и УЕФА (кои не дозволуваат мешање на државата во „фудбалски работи“), од седницата на Собранието го набрка претставникот на државната агенција, кој укажуваше на неправилности во ФФМ. Во случајов, голем прашалник е дали и Мети е под „меѓународна заштита“.

Според фудбалската опозиција, ФИФА и УЕФА се известени за криминалите во ФФМ во изминатите речиси седум години, но оттаму немаше реакција, барем официјална. Освен ако не се третира како игнорирање отсуството на маркантна фигура од Нион или Цирих на последното Собрание на ФФМ, во декември. Претходно, дури и Давор Шукер доаѓаше во Скопје да го штити Илчо. На Собранието во Охрид беше „елиминиран“ и влијателниот во фудбалските кругови Хаџиристески. Променет е Статутот со цел од трката за претседател да се исклучат лица постари од 60 години, што е спорно од повеќе аспекти. Ова како да беше повод и Влатко Костов, кој неофицијално има поддршка од новата гарнитура на власт, да се повлече од дворските игри во ФФМ. Собранието на ФФМ продолжува со „консензус“ да си избира фудбалски лидери, без оглед на компетентноста на кандидатот. Сејдини ниту излезе со програма во „кампања“, ниту зад себе има фудбалско и менаџерско портфолио. Неговиот претходник Илчо Ѓорѓиоски барем беше поранешен репрезентативец и успешен тренер.

Хендикеп на Мети е и тоа што како член на Комитетот за итност беше десна рака на Ѓорѓиоски, осомничениот за затајување данок. Немаме ништо против Албанец да биде прв човек во македонскиот фудбал. Многу звучни имиња има и во тој „фудбалски кампус“, кои својот рејтинг го граделе како фудбалери, тренери или како дел од големото фудбалско семејство децении наназад. Сејдини сигурно не е еден од нив! Зошто, тогаш, Мети е единствен кандидат? Затоа што не оди на туѓа свадба?