ККК(д) е сеуште на власт во библиската земја

Пред да се обидеме и да помислиме да ја одгатнеме оваа нерешлива апорија, оваа нова Замка 22, мораме да ги сознаеме структуралните, односно производните карактеристики на нашето државно возило. Неговиот производен сертификат е напишан во книвчето што го нарекуваме Устав, во кое се опишани сите градбени системи и делови, принципи и начела по коишто возилото е замислено и според кои треба да се употребува.

712

Државата што ја наследивме од единаесетгодишната злоупотреба од страна на вмро е како жолт автобус пуштен да се тркала по стрмна историска суводолица со расипани кочници, мотор, подвозје, испокрадени делови, што наместо украдените тркала има дрвени трупци, а раздробената шасија е подзаврзана со сиџими и селотејп…

Ние се возиме во него и понатаму не знаејќи што ни се случува, и очекуваме од новата екипа што управува со автобусот да го сврти тоа пролупано чудовиште од суводолицата на рамен асфалт, по кој меко и тивко ќе не однесе угоре, високо угоре кон нашата посакувана благосостојба. Но, како тоа нашиот нов шофер, и неговиот кондуктер, туроператер и водич на патот, како оваа благонадежна екипа, што едвај го додржува искршениот волан, ќе го оправи проколнатиот жолт автобус, кога е тој во движење што се чини апсолутно несопирливо, надолно и опасно, како порој што надошол после разбеснетиот библиски предпотопен дожд?

Пред да се обидеме и да помислиме да ја одгатнеме оваа нерешлива апорија, оваа нова Замка 22, мораме да ги сознаеме структуралните, односно производните карактеристики на нашето државно возило. Неговиот производен сертификат е напишан во книвчето што го нарекуваме Устав, во кое се опишани сите градбени системи и делови, принципи и начела по коишто возилото е замислено и според кои треба да се употребува.

Нашата држава е, според Уставот, (нема да читам ред по ред, не се секирајте, почитувани читатели), парламентарна демократија со политичко-економско устројство на либералниот капитализам. Темелните вредности на ова устројство се гаранциите за сите слободи и права на граѓаните, поделбата на државната власт, политичкиот плурализам, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и, да скратам, слободата на пазарот и претприемништвото.

Нашиот капитализам, со еден збор, треба да го карактеризираат сите основни својства на економскиот либерализам: слободата на движење на луѓето и капиталот, пазарното стопанство и слободниот пазар, како и ограничената и балансирана државна регулација на овие основни либералистички вредности. Улогата на државата е да биде јавниот сервис што ќе ги овозможи овие слободи, а регулацијата ќе биде балансирана само во сферите на општите добра, јавните сервиси (образование, правда, школство и сл.) и социјалната грижа, а во економските односи таа ќе се фокусира само на регулацијата на монетарната и фискалната политика, јавната потрошувачка, безбедносната и меѓународната политика и слично. Е, да беше вака како што пишува, немаше ниту да се наоѓаме како избезумени патници во жолтиот автобус што се струполува по најстрмната суводолица од осојната страна на планината.

Наместо тоа, нашата држава се „вози“ според пререгулирана, суперконтролирана командна економија, според политичко-економски односи што најмногу наликуваат на ККК(д), односно на командна компадорска капиталистичка држава, што некогаш гордо себе си се нарекуваше фашистичка. Ќе ви сликувам само еден аспект на чудовишната пререгулација што е изведена во земјава во последнава деценија; пререгулација што според законодавството со која е донесена е сеуште и те како на сила, и е карактеристична само за тоталитаристичките држави – државите на тоталната контрола. Елем, во законодавствата на целиот слободен капиталистички либерализам, само три професии се традиционално „регулирани“ професии, а тоа се оние што имаат директна одговорност за здравјето, правната и имотната добробит на нивните клиенти.

Тоа се медицината, правото и архитектурата, односно конструктерското градежништво. Само во овие професии либералната држава пропишува посебни овластувања и лиценци за пристап до професијата, со неопходни степени на образование, дополнителни државни стручни испити и специјални струковни етички кодекси. Сите други професии се по дефиниција слободни и пристапот кон нив и бавењето со дејностите од тие професии по стручното образование мора да е слободен. Тоа е таа основна слобода на работата, претприемаштвото, движењето на работната сила и на капиталот. А, што имаме ние, патниците на жолтиот автобус?

Кај нас нема закон што уредува материја од која било област, а во него да не се вметнати посебни услови со кои државата (министерот или министерството) го условува пристапот кон вршењето на сите можни професии со полагање на дополнителен испит (кај министерот – и според програма што ја пропишува министерот!) и плакање на суми пари за стекнување на овластување за работа – за физичките лица, односно лиценца за вршење на дејност – за правните лица.

Никој, ама баш НИКОЈ во државава не го избројал бројот на лиценци и овластувања со кои се условува, ѓоа регулира, а всушност контролира и рекетира, бавењето со струки и вршењето на дејности, кои во либералниот капитализам би морало да бидат сосем слободни! Според моето скромно искуство, мора да ги има за најмалку неколку стотини дејности! Безмалку е полесно да се избројат дејностите и работите за кои не е потребно да и се плати рекет на државата за да се излезе на „слободниот пазар“ на трудот и капиталот; состојба што мислам дека не е достигната ниту во референтниот фашистички капитализам!?

Така што, законите коишто ја создадоа „заробената држава“ на Груевски останаа на сила и ден денес, и ние со болен ентузијазам ги спроведуваме и понатаму! Нивниот „останок“ во земјата би требало да е центарот на нашето внимание, а не бекството на нивниот творец!