Кир Киријакос

Секој со нешто сол во главата ќе се праша: Како може на некој што сам за себеси вели дека бил „никој и ништо“, да му се верува кога тврди дека еден премиер како Зоран Заев, на пример, бил аболициран криминалец? Да не се оградиш од оној што јал многу и многу мирисал дебели криминали, значи да бидеш бранител на – криминал! Иако, добро се знае: поголем криминал од криминалот на оној што го правел е – кога браниш криминал.

280
Фото Слободен печат

Титулата „аболициран криминалец“ е една од омилените реторички фигури во богатиот инвективен трезор на Киријакос (пардон: Кристијан) Мицкоски. Таа фигура, барем според водачот на најголемата опозициска партија, добро помага да се дојде до вистинската слика за премиерот на сегашната влада Зоран Заев. Наспрема онаа слика што им ја продава тој (лично) на наивните (кусоумни?) Македонци кои ги натоварил во „авион.“ А пак како капетан на неук и неопитен екипаж „адолесценти“ (читај: влада), тој Заев само што не го урнал „авионот“ Македонија затоа што тој капетан немал ни најмало „чувство“ (?!) за возење авион. Уф, „чувство!“ Ете, јас дури сега дознавам дека за возење авион требало – „чувство“. Не вештина и знаење, туку – чувство!

Сето тоа, како и многу, многу други работи, го кажа водачот на опозицијата Киријакос (пардон: Христијан) Мицкоски на прес-конференција на која требаше да каже, по долги, маратонски дебати на високите партиски органи, органони и (ј)органчиња, што и каков став има ВМРО-ДПМНЕ по прашањето за претстојниот референдум, на кој се решава иднината Македонија. Требаше да каже, а не кажа. Или, ако веќе кажа, тој го кажа тоа на индиректен, завиен и заобиколен начин. А зошто на еден таков завиен заобиколен начин?

 

Став – да нема став

 

Секако и бездруго за да може утре (ако притреба, а ќе притреба!) да каже дека, ете, тој не повикувал да се бојкотира референдум. Тој не го убедувал својот народ да гласа – „не“. Или, пак, да гласа – „за“ Македонија во НАТО и во ЕУ. А ниту против Договорот на „аболицираниот криминалец“ Заев со Ципрас и Грција, за кој не еднаш рекол дека бил „капитулантски“. Затоа што бил „капитулантски“, тој Киријакос (пардон: Христијан) ќе ја продолжел својата летна офанзива „од врата на врата“ која објаснувала: што, колку и зошто бил „капитулантски“ тој Договор на „аболицираниот криминалец“ Заев со неговиот аналогон Алексис.

Ајде сега да го тргнеме прашањето што (и колку) точно кажува омилената реторичка фигура на Киријакос (пардон: Кристијан) „аболициран криминалец“, за да си го поставиме скромното, ама неизбежно прашање: како, сам себеси се слика пред својот омилен народ оној што има толку насушна, дури тревожна потреба, ама баш во секој говор наменет на јавноста, да се служи со една пар екселанс сатанизантна реторичка фигура – инвектива, каква што е инвективата „аболициран криминалец“? Се повикувам, за таа цел, на неодамнешен говор во Кичево во кој водачот на опозицијата громогласно се праша: „Кој сум јас да му кажувам на народот како да гласа?“

Ете така! Тој се праша јавно, јасно, гласно и громогласно и, доследен на „математички прецизната“ недоследност (не помалку омилена од реториката што сатанизира која дојде до израз и на неговата последна прес-конференција), кажа дека ставот на ултрапатриотското ВМРО-ДПМНЕ бил – да нема став! Така избегна да одговори: кој е, навистина Киријакос (пардон: Христијан) Мицкоски. А избегна од куп причини од кои не малку се видливи со голо око.

Првата од нив виси во воздухот како одговор на прашањето „кој сум јас да му кажувам на народот?“ Тој одговор што виси е: „јас сум никој и ништо!“ Или, нешто поблаго, во духот на нашите предци Партенија од Галичник и Кирил Тетоец: „Јас сум, ете, еден неук, недостоен, скудоумен и многугрешен човек“ во споредба на мојот Господ-Бог-Народ кој стана тоа по углед на Французите. Ним им текна, во нивната света револуција од 1789 дека вистинскиот суверен Господ-Бог бил Народот (vive le people!), a не царот (vive le roi!).

Сега следуваат и некои други, многу неудобни прашања за оној што избегнува одговор на јавно, јасно, гласно и громогласно прашање од видот „кој сум јас?“.

А избегнува од причина што мошне сликовито ја формулира нашиот далечен предок Кирил Пејчиновиќ-Тетоец кога рече: „Волот се врзува за рогови, а човекот за збор“. Оти, ако одговори „јас сум никој и ништо!“, тогаш секој со нешто сол во главата ќе се праша: „Како може на некој што сам за себеси вели дека бил ‘никој и ништо’, да му се верува кога тврди дека еден премиер како Зоран Заев, на пример, бил аболициран криминалец?“

 

Кирјакос не превеслува

 

И потоа: ако одговори нешто поблаго („јас сум неук, неопитен, недостоен, скудоумен и многугрешен човек“), тогаш секој оној со уште помалку сол во главата ќе се праша: „Како да му се верува на неук скудоумец и, згора на тоа, многугрешен ајдук кој ве уверува дека премиерот на една влада бил аболициран криминалец?“ Ете зошто водачот на опозицијата врти како мачка околу врела каша кога треба да се даде одговор на просто прашање („кој сум јас?“). А камоли на сложено, какво што било прашањето на Заев за референдумот, со кој сакал да го превесла жеден преку вода својот библиски народ.

Ајде, да речеме сега! Од некој „аболициран криминалец“ и може да се очекува да смисли прашање со кое онака, како од шега, ќе „превесла народ“ за да дојде до некој каков-таков политички ќар. Во време кога сè му назадува. Кога вози цел еден народ во „авион.“ И тоа без – „чувство!“.

Штом ќе го речеме тоа, истовремено сме рекле: никој друг туку Киријакос (пардон: Христијан) Мицкоски е човек кој не – „превеслува“. Тој ниту криминал јал, а ниту пак помирисал. Иако неговиот пастир Никола, кому му должи сè, заедно со неговата тајфа, веќе одамна дежура по судови, на кои одговара не само за многу, туку и за многу дебели криминали. Иако, да не се оградиш од оној што јал многу и многу мирисал дебели криминали, значи да бидеш бранител на – криминал! Иако, како што добро се знае од искони: дури поголем криминал од криминалот на оној што го правел е – кога браниш криминал.

Така, значи: ни збор осуда за пастир Никола. Катаден за Заев, кој бил „аболицирен криминалец“. Каква правда ви е таа правда, кир Киријакос? (Плусинфо)