Ќе има ли Трета светска војна?

Ќе има ли Трета светска војна?

450
SHARE

Нема сомнение дека ќе нема Третата светска војна, но експертите сметаат дека САД и Русија се наоѓаат на прагот на новата „студена војна“.

Пишува Нано Ружин

Дали кризата во Сирија во која главни актери се Русија и САД со сојузниците може да дегенерира во Трета светска војна? Дали воздушно-морската воена интервенција на американските, француските и британските „фрегати, рафали, миражи, авакси и томохавки“ врз фабриките и стовариштата за хемиско оружје во Сирија би можеле да ја предизвикаат Третата светска војна?

Засега пораките од страна на западните сојузници се дека „интервенцијата била одговор за употребата на хемиското оружје од страна на силите на Башер ел Аасад“, потоа дека операциите биле „хируршки“ и ефектуирани во „дезурбанизирани средини“ каде се лоцирани „стовариштата и фабриките за производство на хемиско оружје“ и трето, што е и најважно, не биле нападнати или убиени „руските и иранските сојузници на Сирија“.

Се добива впечаток дека тие како да биле информирани на време за можните интервенции, и благовремено ги „тргнале на непознати локации нивните луѓе и воени капацитети“. Конечно западните сојузници се повикаа на „хуманитарното право“ истакнувајќи дека тоа била „легална интервенција“, со која „ќе се спасат многу животи“.

– Употребата на хемиско оружје не се пардонира, и тоа е чин на грубо кршење на меѓународното право – истакна портпаролот на Пентагон. Меѓутоа и Вашингтон и Лондон и Париз истакнаа дека целта на интервенцијата не била да се сруши режимот на Башар ел Асад туку да се спречи производството и употребата на хемиското оружје.

Како реагира Москва?

Од своја страна, Кремљ го осуди овој акт како „циничен и варварски потег“ кој значел и груба повреда на меѓународното јавно право“ и тоа на денот кога било договорено да се изврши меѓународната истрага на терен, во Гута.

Имено, токму  во овој дел на Дамаск на 7 април 2018 беше употребено хемиското оружје на база на хлор врз цивилите од страна на силите на сирискиот диктатор.

Претседателот Путин истакна дека е нападната „суверена држава“ која веќе подолго време се бори против меѓународниот тероризам. Кремљ и Дамаск сметаат дека употребата на хемиското оружје била манипулација за да се предизвика интервенцијата на сојузниците и патем се констатира дека сепак бил употребен хлор кој е многу послабо хемиско оружје, а не сарин кој е многу поопасен.

Во поглед на воената интервенција, Москва и Дамаск, сметаат дека таа била неуспешна, и се свела на обично „покажување на мускули“. Неуспехот  се аргументира и со фактот дека биле испукани над 100 ракети (секоја чини над 1,5 милион долари), од кои поголемиот број наводно биле пресретнати од страна на сириската против-воздушна одбрана зајакната со руски ракетни пресретнувачи. Воедно се истакнува дека нападот не успеал да им нанесе некоја поголема штета на воените капацитети на Сирија. Независно од сите констатации, аналитичарите сметаат дека овој настан е еден од најопасните во досегашната билатерална поларизација меѓу Русија и САД.

Сите држави-членки на Алијансата, вклучувајќи ја и Турција, која од почетокот на сириската криза е блиска со Русија и Иран, ја поддржаа воена интервенција на САД и сојузниците. Со оваа солидарна акција, аналитичарите истакнуваат дека Западот му испрати силна порака на светот: „наспроти извесните сомнежи  евидентна е реинкарнацијата на единството кога се во прашање заеднички опасности и интереси“.

Втората порака е дека „западните сојузници поседуваат способност за прецизни интервенции кои не создаваат големи колатерални штети“, и третата е  „за разлика од изјавите на Кремљ и Дамаск, ниту една ракета не била пресретната од страна на рускиот одбранбен систем“.

Еден дел од интелектуалците и опозицијата искажаа критички тонови за „западното играњето со оган“ во еден комплексен геополитички простор како што е Сирија. Најголемиот број критики кон воената интервенција се повикуваат на „грубото нарушување на меѓународното јавно право од страна на сојузниците“, додека заговорниците на нападот истакнуваат „дека во денешниот свет никој не го почитува меѓународното право“. За нас тоа беше „Прецизна“, „Оправдана“ и „ефикасна“ интервенција истакна портпаролот на Пентагон. Сепак масивното акција создаде сериозни консеквенци врз меѓународниот мир.

Апокалипсата на Третата светска војна

Двете најмоќни воени сили Русија и САД поседуваат по 1.000 стратешки нуклеарни боеви глави  со силна разорна моќ од 100 килотони. Овој арсенал е подготвени да се лансира во период од 2 до 15 минути. Американските маринци се во состојба за девет минути да лансираат од подморниците повеќе  нуклеарни ракети кон Москва и да ја срамнат со земјата, исто како што Русија би можела да одговори со нуклеарни удари со катастрофално сценарио за САД. Освен споменатите ракетите со нуклеарни боеви глави кои можат моментално да бидат лансирани, Русија и САД поседуваат над 3.500 оперативни стратешки нуклеарни оружја секој со минимална експлозивна јачина од 100.000 тони ТНТ. Тие можат да се активираат во рок од еден час. Воедно поседуваат и околу 4.000 други  нуклеарни оружја во резерва подготвени за употреба врз 200 градови во Русија и 300 градови во САД со над 100.000 жители. Се претпоставува дека во првиот час на нуклеарната војна ќе загинат над 30 отсто од жителите додека од радиоактивниот ефект ќе загинат уште 50 отсто од населението.

Нуклеарната зима како една од последиците на нуклеарната војна ќе повлече глад и смрт врз целата планета, додека слојот од чадот ќе оневозможи сончевите зраци да допрат до тлото на земјата. Останатите последици можат да произлезат од оштетувањата на нуклеарните централи кои можат да создадат срцева фузија слична на и силна како  100 Фукушими во еден миг. Песимистичките предвидувања се дека во случај на нуклеарна војна, ќе изумре целото човештвото со исклучок на неколку индивидуи во Јужната хемисфера. Дали навистина може да се случи таквата апокалипса во 21 век?

Трамп го цитира Леонард Коен

Откако се случи нападот со хемиско оружје од страна на сирискиот диктатор Асад во Источна Гута, Доналд Трамп со неговата „твитер дипломатија“, не престана да се заканува со бомбардирање на стратешки цели во Сирија. Неговиот ДС за надворешна политика Џин Матис на 11 април потврди дека „Пентагон ќе се ангажира со своите сојузници од регионот и оние од НАТО се до Катар..“ При тоа на сите им беше јасно дека  проблемот со бомбардирањето на Сирија е сложен бидејки САД и сојузниците ќе мораат да внимаваат да не убијат руски советници, со оглед дека руската армија е мошне длабоко интегрирана со сириските сили. Руските сили распространети насекаде во Сирија и се протегаат од базите во Хамеим на запад до Тартус на брегот на Средоземјето. Впрочем на 7 април 2017 САД испукаа 59 Томахавк ракети во вредост од 100 милиони долари врз базата Шајрат во близината на Холмс.

Од своја страна рускиот амбасадор Заспикин истакна дека „руската армија гарантира дека ќе ги пресретне сите испукани ракети од страна на САД и неговите сојузници и воедно ќе ги уништи и локациите (бродови или бази) од каде ќе бидат лансирани истите“. Тоа значи дека во случај на лансирање на ракети од страна на американската армија, тие истите би биле таргет за руската армија. На оваа закана, Трамп позајмува еден стих од Леонард Коен и пишува: „Русија се заканува дека ќе ги сруши сите ракети лансирани кон Сирија. Нека Русија биде подготвена бидејки ќе им доаѓаат убави, нови и интелигентни (ракети)..“

Портпаролот на Белата куќа Сара Сандерс, пред два дена истакна дека „Претседателот Трамп ги смета Сирија и Русија за одговорни за нападот со хемиско оружје“ и порача дека „сите опции се на маса а финалната одлука уште не е донесена“.

Нема сомнение дека засега Третата светска војна  се одвива во медиумскиот простор како крајна и речиси невозможна хипотеза но е евидентно дека претставува вид игра со нервите на сите.

Руските аналитичари сметаат дека „агресивната политика на Вашингтон се објаснува поради стравот од губењето на финансиската  контрола врз планетата со цел да се неутрализира Кина и Русија“. Проруското списание Спутник подвлекува  дека „со цел да ја задржи хегемонијата во светот, САД имаат потреба од војна“. Таквата логика е малку нелогична, бидејки во случај на војна нема да има победник ниту хегемонија.

Нема сомнение дека ќе нема Третата светска војна, но експертите сметаат дека САД и Русија се наоѓаат на прагот на новата „студена војна“. Во времето на паѓањето на комунизмот, Борис Јелцин и Џорџ Буш стариот го прокламираа стратешкото партнерство меѓу Русија и САД. Подоцна Бил Клинтон зборуваше за стратешките односи меѓу двете сили, а во 2001 Џорџ Буш и Владимир Путин ја промовираа декларацијата за партнерството. Слабоста на овие односи е што добрите односи зависеа од личните односи на претседателите на двете држави. Актуелните сфери на ривалитетот не е идеологијата туку конкуренцијата за одбрана на националните интереси во пост-советскиот простор на влијание. Доколу не се сменат тенденциите, се претпоставува дека ќе се забрзаат трендовите на студената војна. Во случајот со Сирија, геополитичкиот влог на оваа држава е мошне значаен како за Русија така и за САД и сојузниците. Во овој контекст се мешаат геоекономски, геополитички и геостратешки интереси на големите и на средните сили.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY