Казната како условно злосторство

372

Ако ваква правда продолжи да ги стигнува сите што го прекршиле законот или моралниот кодекс, тогаш нека бегаат сите што чекаат Македонија да стане правна држава. Тоа нема да се случи, ни условно.

Пишува Злате Лозановски

Немаше да го има овој бес, ако целата бука со заминувањето на режимот и со доаѓањето на правдата ја сфатевме (сосема) условно. Мораше со голема резерва да ги примаме најавите – без разлика што тогаш беа подигнати на степен на сериозна закана – дека бавната правда еден ден ќе дојде и во Македонија и дека ги стигне сите, без исклучок, што се огрешиле пред законот. Но, задоцнетата памет не е од голема помош. Еве дојде тој ден и тие што ги стигна правдата од која бегаа, поминаа полесно од оние што ја чекаа. За нив, изречените условни казни за прекршителите дојдоа како премолчени „шамари“.

Ништо подобро не поминуваат ни оние што се надеваа дека со промените конечно ќе стапи на сила и моралниот закон во нас. Тие со право ја доживуваат како голем „шамар“ информацијата дека Комисијата за избори и именувања им одобрила на петмина поранешните членови на Државната изборна комисија, вклучувајќи го и претседателот Александар Чичаковски, да добиваат апанажа (другите тројца си се враќаат на претходните работни места). Тоа се истите оние што во три по полноќ, тајно, интерно, си делеле бонуси и кои за 18 месеци си зеле по 30 плати. Скандалот го обелодени американскиот амбасадор и беше оквалификуван како школски пример што отвора сомнеж за корупција. Ним сега Комисијата им одобрила една година да земаат плати повисоки од илјада евра. Дали е ова казна и, ако е, за кого?

Ако ваква правда продолжи да ги стигнува сите што го прекршиле законот или моралниот кодекс, тогаш нека бегаат сите што чекаат Македонија да стане правна држава. Тоа нема да се случи, ни условно.