Како да се убие културата и зошто

188

Ваквата стратегија и тактика гарантира големи не годишни, туку долгогодишни заштеди за државата. Не е далеку денот кога конечно овие трошоци ќе станат непотребни. Кога, конечно, ќе го снема секторот култура.

Пишува Злате Лозановски

Годишната програма и резултатите од годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата влеваат едно чувство на сигурност дека кризата во културата – следствено, и кризата во целото општество – не само што ќе преживее, туку и ќе продолжи, без поголеми проблеми, да се шири и да се развива и во наредните години. Што не може да се каже и за културата. Таа, приклучена на (државниот) апарат за кислород, наречен стратегија за културен развој, полека но сигурно ќе издишува.

Главното мото на стратегијата – култура до сите, култура за сите (граѓаните поблиску до и во културата, култура во секој дел на Македонија и така натаму и на тоа слично) лесно може да се претвори и да се искористи како нејзин епитаф. Зашто, прво треба да се направи се за да се создаде нешто – во случајов култура – а потоа да се смисли план како тоа ќе стигне до сите, или сите до него, сеедно.

Ако навистина рецентното творештвото и културното наследство се вистинските и единствените чувари на идентитетот и главните скалила за излез од длабоката јама во која пропаднаа сите критериуми и вредности, тогаш културата мора да добие третман на капитална инвестиција – и во финансиска и во општествена смисла. Сè друго, скапо ќе не чини. Особено овој систем капка по капка, кој многу повеќе е коруптивен, популистички, отколку културен. Инсталиран со цел да се заштити државата, а не авторот. Таа, државата, знае дека тој што добил нешто – без разлика што не е доволно – може да биде и незадоволен, ама веќе не и „опасен“. Но, кога се во прашање парите, ваквата стратегија и тактика гарантира големи не годишни, туку долгогодишни заштеди за државата. Не е далеку денот кога конечно овие трошоци ќе станат непотребни. Кога, конечно, ќе го снема секторот култура.