Јубилејот е убав, сите му се радуваме на 40. Скопски џез-фестивал

Дизајнот на постерот и на промотивните материјали за 40. Скопје џез фестивал е на Славимир Стојановиќ - Футро

Јубилејниот 40. Скопски џез-фестивал ќе се одржи од 20 до 24 октомври, а покрај евидентните предизвици, поради многубројните ограничувања што ги донесе кризата со коронавирусот, подготовката на програмата го имаше императивот за сочувување на високиот интернационален карактер на фестивалот и традицијата тој да го нуди најдоброто од џезот и импровизираната музика.

Единаесет познати изведувачки имиња од САД, Куба, Европа и Македонија ќе одржат концерти во живо во салите на Националната опера и балет и Младинскиот културен центар. Фестивалот ќе го отвори суперхеројот на скандинавската џез-сцена Матс Густафсон со свој специјален соло-рецитал на саксофони.

Од САД доаѓа квартетот на новата голема ѕвезда на џезот, басистката Линда Меј Хан О, како и култната музичарка, поетеса, активистка и ем-си Мур Мадер, во придружба на легендарниот перкусионист од „Арт Ансамбл оф Чикаго“ Дуду Којате и Матс Густафсон. Од Данска, САД и Шпанија ќе гостуваат квартетот на извонредниот гитарист Јакоб Бро, од Португалија многубројниот Лисабонскиот андерграунд музички ансамбл Л.У.М.Е., од Грција триото на исклучителната џез-пијанистка Тања Џанули, а од Австрија експлозивните „Шејк Сту“.

Фестивалот ќе го отвори суперхеројот на скандинавската џез-сцена Матс Густафсон / Фотографија: Жига Коритник

Еден од ексклузивитетите на јубилејното издание на Скопскиот џез-фестивал е специјалниот проект „Ну Мјузик 4“ посветен на џез-легендата Дон Чери, со Кристер Ботен, Горан Кајфеш, Матс Густафсон и Окај Темиз, како и настапот на проширениот ансамбл на нашиот композитор и мултиинструменталист Јордан Костов. Фестивалот ќе го заокружи концертот на славниот кубански пијанист Роберто Фонсека и неговото трио.

Согледувајќи го квалитетот и моќта на музичката програма до организаторите на фестивалот упативме едно прашање – Во какви услови и со каква финансиска кондиција и ентузијазам Скопје џез-фестивал ќе го прослави својот 40-годишен јубилеј?

– Условите за организација на манифестација од ваков ранг, каков што е Скопскиот џез-фестивал, никогаш не биле полоши, пред сѐ, мислам на инфраструктурните. Финансиската кондиција – никогаш полоша, од каде тоа доаѓа, доволно зборувавме во првата половина на годината. Јубилејот е убав, му се радуваме. Не го славиме, туку го одбележуваме. Со бескомпромисно квалитетна, ексклузивна и овој пат подолга концертна програма, а специјално за поводот и богата придружна програма – премиера на два култни, свежи документарни филмови, издавање два компакт-диска со македонска џез-музика, изложба на фестивалските плакати и друго. Извонредниот дизајн го гледате. Што значи дека ентузијазмот е тука, сега уште „засилен“ со поголем инает. Она што најмногу може да нѐ загрижува е чувството, кое го споделуваат и неколкумина најредовни посетители, дека џез-фестивалот, ваков каков што е, веќе природно не припаѓа на средината во која живееме, не мислејќи притоа на публиката за причина. Колку и натаму да останува мојата примарна организациска мотивација и цел – комуникацијата со Европа и светот, овдешната реалност не може да резултира со рамнодушност. Што е веќе поширока тема – одговори уметничкиот директор на Скопскиот џез-фестивал, Оливер Белопета.

Придружната програма на фестивалот годинава опфаќа изложба на плакати на Скопскиот џез-фестивал под наслов „Компликувај едноставно!“ со селекција на 24 креативни решенија, која ќе биде отворена на 18 октомври, како и премиерно прикажување на две значајни документарни филмски остварувања: „Арета Френклин: Амејзинг грејс“ (Aretha Franklin: Amazing Grace) и „Блу ноут: Бијонд д ноутс“ (Blue Note: Beyond the Notes), како и настап на најпознатиот албански џез-состав во моментов – „AJS Quartet“.

Во рамките на фестивалот ќе бидат промовирани две нови ЦД-изданија на „СЏФ Рекордс“

Во рамките на фестивалот ќе бидат промовирани две нови ЦД-изданија на „СЏФ Рекордс“ (SJF Records) – најновите албумски објави на Јордан Костов ансамбл и „Светлост + Одрон ритуал оркестра“, а ќе биде доделена и веќе традиционалната Награда за најдобар млад џез-музичар во 2021 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 101, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот