Јазикот наш насушен („epiusios artos“)

Сè повеќе го чувствуваме горчливиот вкус на загрозеноста на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, по различни основи – од секојдневното користење, преку јавната и службената употреба… до неговиот третман во нормативата, особено во актуелниве меѓудржавни договори. Печатот и другите медиуми за масовна комуникација, особено тие со национален предзнак, нè трујат со груби, неписмени и нелекторирани текстови, а во говорните, и со погрешно акцентирање;  изјавите, дискусиите, па и која било објава од државните органи, дури и оние од Министерството за култура, тежат од неписменост, србизми, англицизми, а од нив не се поштедени ниту објавените прописи; во меѓународниве договори, македонскиот јазик се третира крајно недостоинствено, како вештачка формално-правна творба, со потенцијална закана за негово ревидирање заради  политички цели, а не поради научни сознанија итн.

Без амбиција да се осврнам на сите можни аспекти на неговиот нормативно-правниот третман, би посочила некои, би рекла, основни:

Познато е дека, формално, македонскиот јазик е востановен како официјален јазик со асномските документи од 1944 година и, во континуитет, до денеска, е службен јазик за државата Република Македонија, вклучително и со последниов, актуелен Устав од 1991. Воедно, македонскиот јазик е впишан и во Регистарот на официјални јазици на ООН.

Она што речиси е непознато, а е исклучително значајно во смисла на заштита на неговата ПОСЕБНОСТ, ИНТЕГРИТЕТ и ЗНАЧЕЊЕ, е фактот што со Законот за употреба на македонскиот јазик, во чл. 2 (од 1998.), според уставната терминологија, е прогласен за ДУХОВНО БОГАТСТВО од посебно културно и историско значење за државата! Што значи, тој има статус на НЕМАТЕРИЈАЛНО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО, односно дека поради своето посебно културно и историско значење – подлежи на законски режим на посебна заштита! (Или, според претходната, попрепознатлива терминологија, македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, со највисок правен акт во областа – ЗАКОН, е прогласен за „споменик на културата).

Што ова значи?!

Со националното законодавство, усогласено со многубројни правни регулативи на меѓународно ниво, во РМ е востановен  разработен систем на заштита на културното наследство. Согласно овој систем (Законот за заштита на културното наследство од 2004.), под поширокиот поим „ЗАШТИТЕНИ ДОБРА“ се подразбираат сите материјални и НЕМАТЕРИЈАЛНИ добра од културно, историско, уметничко, научно, техничко и слично значење, кои правото ги признава  и ги подложува на специфичен правен режим поради нивна заштита и користење, додека поимот „КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО“, како потесен од поимот „заштитено добро“, ја означува основната статусна категорија на добрата за кои се обезбедува ТРАЈНА ЗАШТИТА.

Нематеријалното (духовното) културно наследство ги опфаќа следниве групи културно наследство:

  1. ФОЛКЛОРНИТЕ ДОБРА (обичаи, обреди, преданија, умотворби, народни песни, приказни, легенди, пословици, гатанки, танци, игри, стари и ретки занаети, традиционални вештини и други изрази од нематеријалното народно творештво) Фолклорните добра се класифицираат на: народни обичаи и верски обреди; народни верувања; народна книжевност; народна музика и ора; стари и ретки занаети; народна исхрана и традиционални игри и вештини.
  2. ЈАЗИКОТ – литературниот односно стандарден јазик и неговото писмо, како и локалните говори на тој јазик (дијалекти). Класифициран е на: македонски јазик и други јазици.
  3. ТОПОНИМИТЕ географски имиња – имиња на езера, реки, извори и други водни објекти (хидроними), градови, села и други населби (оиконими), природни или административни подрачја (хороними), патишта (дромоними), земјоделски просторни објекти (агроними), планини и други објекти на природата поврзани со шуми (дендроними) и други изворни, локални и 17 официјални називи што се предметни за топонимијата на РМ. Според овој систем, т.н. „НАЦИОНАЛНО“ културното наследство останува такво, без разлика на сите можни или применети класификации, односно определувања на неговата припадност според други критериуми.

Натаму, како „ЗАГРОЗЕНО културно наследство (културно наследство во опасност)“ како правен поим во македонското нематеријално културно наследство се смета она наследство на кое му се заканува опасност од оштетување, уништување или посериозно нарушување на неговиот интегритет. Опасноста на која може да биде изложено културното наследство треба да биде сериозна и конкретна, односно може да биде непосредна и конкретно утврдена, односно докажана како таква и посредна, односно можна.

Со прописите е утврдена одредена, иако далеку од доволна и адекватна казнивост за одредени повреди на ова културно наследство, иако за тоа се формирани низа надлежни служби за инспекциски и друг управен надзор!

Културното наследство според значењето, може да се подели на неколку категории. Националната класификација на културното наследство, како подзаконски акт, е во надлежност на Управата за заштита на културното наследство, како орган во состав на Министерството за култура. Имајќи го предвид СТАТУСОТ на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо како НЕМАТЕРИЈАЛНО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО прогласено со ЗАКОН; опасноста од нарушување на неговиот ИНТЕГРИТЕТ; казнивоста за неговото незаконско третирање/употреба; надлежностите на државните органи за негова заштита и Советот за македонски јазик во рамките на Министерството за култура; надлежноста на научните институции, инспекциските служби и управни служби, судските органи; обврските од меѓународните правни акти, ратификувани од РМ кои, воедно се и дел на правниот поредок итн… прашање е ШТО овие надлежни, многубројни, стручни и компетентни субјекти прават за неговата ЗАШТИТА?