Ја сакам Колинда за претседател!

Во неделата на 15 јули 2018 година навивав за „нашите“, за Србинот Новак Ѓоковиќ и за хрватските фудбалери предводени од Лука Модриќ, настаните од Лондон и од Москва беа присутни на сите екрани од Триглав до Гевгелија!

464
Атанас Костовски
Атанас Костовски

Којзнае, можеби мислиме исто, иако за вкусовите не треба да се разговара. Но во конкуренција на првите луѓе на државите што некогаш ја сочинуваа силната Југословенска Федерација на спортски, воен или пак, на дипломатски план, хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ во јули 2018 година ги живее своите најубави денови.

Признавам, деновиве ја чувствував и како моја претседателка, без разлика на тоа дали се лути или не, нашиот претседател Ѓорге Иванов. Во неделата на 15 јули 2018 година навивав за „нашите“, за Србинот Новак Ѓоковиќ и за хрватските фудбалери предводени од Лука Модриќ, настаните од Лондон и од Москва беа присутни на сите екрани од Триглав до Гевгелија! За мене оправдано, па јас сè уште имам повеќе животен стаж во земјата на „Словените кои веќе не се живи“, но крвта не е вода, па Белград и Загреб се поблиску од Париз и од Јоханесбург, зарем не?

И небото заплака

Желбите беа заеднички, Новак да ја запише „баксузната“ грен-слемовска тринаесетка, Хрватите пак да го остварат спортскиот подвиг на 21 век! Полесно од очекувањата, Ѓоковиќ на вимблдонската трева го увери тенискиот свет дека и „новиот“ Новак е кадарен да се искачи на врвот, а таму некаде по 19:15 на стадионот „Лужники“ во Москва, да беше меѓу живите, ќе извикнеше легендарниот Младен Делиќ: „И небото заплака за фудбалската неправда што им се случи на хрватските фудбалери…“ Дождот ги криеше солзите, па тоа го има само во фудбалот и никаде на друго место – по само еден единствен удар Франција по првите 45 минути поведе против Хрватска со 2:1! Немаше прекршок над Гризман за слободен удар, тоа го превиде аргентинскиот судија Нестор Питана, да не беше ВАР-системот, Франција, се доби впечаток, ќе ги почнеше решавачките втори 45 минути без минимална предност. Коментаторот на хрватскиот Спорт клуб низ директниот телевизиски пренос не ги криеше симпатиите кон некогашниот светски тенисер бр. 1, Србинот Новак Ѓоковиќ, финалето на СП Хрватска – Франција го гледав во вистинска фудбалска атмосфера во едно скопско кафуле со коментар на колегите Николовски-Стојановски. Убаво е што колегите се на лице место, коментаторот вистинската атмосфера може да ја почувствува само таму, на трибините, не крај мониторот во студиото и со слушалките на глава. На коментаторите секој може по нешто да им забележи, но тоа има подруга тежина кога претседателот на Србија Александар Вучиќ јавно ќе рече дека тонот ќе го исклучи оти коментаторите на РТС не биле објективни! Па дури и ќе додаде, секогаш ќе навива за Русите против Хрватите. Неколкумина ме прашуваа, се разбира, не можев да го избегнам одговорот на прашањето – како коментаторската екипа, односно МТВ го одработи најголемиот и најгледаниот спортски програмски проект во 2018 година? Според вложеното – добро, знам дека тоа секогаш е чувствителна тема, па ќе истакнам дека за мене поприфатлива е комбинацијата коментатор-стручњак (Калински – Панчев), отколку двајца коментатори на иста задача (Николовски – Стојановски, Милковски – Стерјов, Видевски – Костовски…). Се добиваше впечаток, од време на време, кој повеќе ќе каже или кој прв… Вистинска штета е што атмосферата на досега најдобро организираното СП според зборовите на претседателот на ФИФА Џани Инфантино, не ја почувствувавме низ едномесечната програма на МТВ. Со еден репортер и снимател на лице место, со средства речиси колку закуп на една коментаторска позиција, Москва, Русија и случувањата на СП ќе беа „на дланка“ и за нас крај телевизиските екрани.

Незаборавен дочек

Фудбалот од памтивека велат е „најубавата споредна работа на светот“. Игра за сите вкусови, еднакво се радуваат и богатите и сиромасите, и претседателите и премиерите, и министрите и пратениците… „Никогаш ниту една нација не славела пораз како Хрватска“, деновиве пишуваше германскиот печат и додава, „ако сите жители таму се така симпатични како нивната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, тогаш тоа мора да биде една прекрасна земја“. Секој Хрват, кој имаше барем и мала шанса, сакаше да биде со своите фудбалери. Марин од Шибеник и Марко од Загреб платиле по 1.900 евра за да го гледаат финалето во Москва, сега не жалат дека завршиле со летувањето, до крајот на годината ќе останат дома, но во животот, истакнуваат, не се пропушта единствената шанса – Хрватска да се гледа во финалето на СП! Така беше и по враќањето од Москва, 550.000 Хрвати ги пречекаа своите спортски јунаци, од Париз, пак, јавуваа хрватските репортери, „дека светските фудбалски прваци ги примија одликувањата од претседателот Макрон и побрзаа да го гледаат преносот од незаборавниот дочек на Хрватите во Загреб!“

Од Хрватите златниот пехар на ФИФА единствено го допре, го задржа во рацете и го бакна претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ. Го посакуваше многу колку и Модриќ и другарите, патуваше на своја сметка во економска класа заедно со навивачите, на трибините имаше место според протоколот што ѝ следува – на претседател на државата чиишто фудбалерите играат долу на теренот. „Дождот не го ни почувствував, чевлите ми беа преполни со вода, не размислував воопшто ни на шминката ни на фризурата, сите ми велеа Хрватска беше подобра, Франција посреќна!“ Беше најсимпатичниот навивач на репрезентативците, на самото место, во соблекувалната им честиташе на фудбалерите, се радуваше и пееше заедно со нив. Хрватските колеги кратко прокоментираа – претседателката им го украде шоуто на фудбалерите!

Не знам дали нашиот претседател Ѓорге Иванов им напиша телеграми на своите колеги од Хрватска и од Србија со честитки за постигнатиот успех во Москва и во Лондон. Во меѓувреме можеше и да се симне до „соблекувалната“ односно до Владата на РМ, да им честита на премиерот и на министрите за добиената покана за членство во НАТО. Не е мала работа, државата на која Иванов е претседател и врховен командант на армијата, добива шанса да заигра во првата светска лига, меѓу 30-те екипи во НАТО! Ни треба фер плеј, впрочем фудбалското СП во Русија беше едно од најдисциплинираните, беа покажани само 4 црвени и 219 жолти картони. Споменувајќи ги картоните, препорачливо е и селекторот на Владата на РМ, Зоран Заев, да бркне во џебовите со картоните, најмалку жолти картони заслужија сите оние што во списокот на прославата „Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ“, ги вброија Охрид и Прилеп, во термини на одржување други настани, концертите на Масимо и Пивофест.

Колку за потсетување, по првиот жолт картон се останува во игра, по вториот – во аут!