Историјата го прогласи ВМРО-ДПМНЕ за технолошки вишок!

Писмото на најголемиот мирновременски злосторник во повоена Европа, е развлечен, слоумоушнски приказ на обесениот, меѓу отворањето на дупка под нозете и затегањето на јажето на вратот, на претсмртните грчеви, на агоничното стискање на гаста пред скицата на смртта на хоризонтот, со празнење на цревата и на простатата, пред заминувањето во вечните ловишта. Историјата им ги укина работните места на вмроните.

849

Знам дека нема да ми верувате, но ќе ви кажам отворено: со помош на вообичаената уредничка летфтерност и рутина, во неколку кенгурски скока, го порчитав целото писмо на вампирот од Будимпешта! И знаете ли кој е мојот прв впечаток? Дека тоа обраќање било трауматично за вмроните во татковината.

Од некаде ми дојде мислата дека толкав текст во животот немаат прочитано сите членови на Извршниот комитет на злосторничката инсталација на ВМРО-ДПМНЕ. Збирно. И дека веројатно организирале заедничко мирисање на овој пролив од зборови. Поинаку не можеле да го совладаат. Исполнети со страв дека следното писмо може да биде долго колку „Војна и мир”.

Со акцент на војната.
Ако е добар гулашот.
На Толстојлобикот од Маѓарска.

Замислете каква траума бил толкав текст за типови како Влатко Ѓорчев или Христијан Мицковски. Кои во животот ги имаат прочитано само упатствата на далечинските управувачи за телевизорите и клима уредите (фун, спееде, бацк, мену) и броевите на редовите и седиштата за следење на “Лебедовата песна” во Кралскиот театар во Брисел.
Од Шестакович.
Текстот не може да се раскаже, цитира, сублимира. Можеби ако Тунтев и Бошевски поживеат уште илјада години, ќе можат да им го одгатнат на некои идни генерации обезличени Македонци.

Но, нешто, сепак, има: тоа писмо на најголемиот мирновременски злосторник во повоена Европа, е развлечен, слоумоушнски приказ на обесениот меѓу отворањето на дупката под нозете и затегањето на јажето на вратот, на пртсмртните грчеви, на агоничното стискање на гаста пред скицата на смртта на хоризонтот, со празнење на цревата и на простатата пред заминувањето во вечните ловишта. Историјата им ги укина работните места на вмроните. И ги прогласи за технолошки вишок.

Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија, Законот за јазиците, новото име на државата, протоколот за НАТО-такви работи на вишокот вработени низ Америка им ги соопштуваше специјалниот пратеник Џорџ Клуни и неговата дражесна асистентка, во филмот чие име го имам заборавено. На злосторничката инсталција и се нуди мала отпремнина во форма на разум, со кој ќе може да се снајде во новото време и куршум со кој ќе може да се убие, ако не и се живее во драматично изменетите околности.
Тоа е. Историјата ја потроши агендата на ВМРО. Крај.

Ова со поздравите за протоколот и нападите врз марионетските власти, за предавничкиот договор од Преспа, и традиционалните тралалајки дека ќе продолжеле да ја ослободуваат и обединуваат Македонија, се последните „трзаи” пред дефинитивното смирување на телото. Адио ВМРО-ДПМНЕ. Беше понижувачки да се живее со вас.

Успеавте да ја опљачкате и демолирате Македонија, но не успеавте во планот „а” – да ја демонтирате и во планот „б” – да ја оставите обескоренета како прнар на овчеполски ветер. По втор пат македонското национално и државно прашање е решено во жестока битка против ова чудовиште.

Слушам дошле од ИРИ со идеја да ги ребрендираат. Убаво. Но тоа е невозможна мисија. Еден милиграм разум и тоа веќе не е вмро, три капки реален македонизам и нема ништо од вмро, тенок намаз од европеизам и злосторничката инсталација се топи како грутка снег во микробранова печка.

Приказната заврши со пораз и за една голема сила. Нејзиниот обид да го спречи затворањето на синџирот на НАТО, претрпе катастрофа, прво затоа што беше надвор од сета логика на геополитичкиот момент, второ затоа што се трудеше целта да ја оствари со деструкции и хаос, а не со вредности и, трето, затоа што се потпре врз најголемите македонски будали. Ги читав соопштенијата и изјавите на Руското министерство за надворешни работи ( Захариева, посебно) и не можам да верувам како може толкава институција, на толкава држава, да смислува такви глупави, инфантилни и бесмислени реакции на еден историски процес кој има своја длабока закономерност.

Поразот на домашните злосторници ќе мора да се заокружи и во правната сфера. Шефот на задграничниот комитет во Будимпешта ќе мора да се врати и да продолжи да си ја врши сојата должност од “Идризово”. И другите ќе си лежат. Не сите, се разбира, зашто повисоките цели бараа одредена доза на компромис и опрост, но општата амнестија на злото, на што работат криминалните инсталации во ликовите на разно-разни превари, нема да се случи, сеедно како ќе заврши приказната за СЈО. А јас мислам дека нема да заврши така како што си го имаат тоа испланирано злосторниците.

Ме фасцинира дебатата во врска со правното толкување на Врховниот суд за статусот на Специјалното јавно обвинителство. Таа мунициозност, внимателност, стручност, принципиелна конфронтираност, тој страв да не некаде се згреши, во процедурата и во меритумот на нештата. Човек да помисли дека Македонија е царство на правото, правдата и достоинството на човекот, а не најраскурацаниот, приватизиран, партизиран, политизиран, ослободен од секаква правност, правосуден систем!
Како да присуствуваме на некоја грандиозна, организирана заебанција.

Но, на оваа испровоцирана злобност, сакам да додадам и една доза на оптимизам: можеби, море, не можеби, сигурен сум, дека е ова е процес низ кој ќе се исфилтрираат работите и крупниот чакал од превари ќе остане од другата страна на правдата! Не е проблемот во тоа што тие инсистираат на нормативноста, туку во тоа што нормативноста ја користат не за промоција на правдата, туку за одбрана на криминалот. Со јасна свест дека крупни парчиња од нормативноста се дел од “културното” наследство на криминалот. Тоа неверојатно внимание да не се повредат правата на криминалците што сами си ги утврдиле, е фасцинантно. Но, не толку фасцинантно за да не заклучиме дека превара е во зоната на кривичната одговорност по линија на попречување на правдата, а и по некои други линии на кои наместо кокаин има други опојни средства.